На 60-годишна возраст почина фудбалскиот великан, „божјата рака“ од Аргентина, На почетокот на месецов му беше извршена операција поради крварење во мозокот. Лекарите тогаш рекоа дека интервенцијата била успешна.
Реклама
Почина фудбалскиот великан на Аргентина, Диего Марадона на 60-годишна возраст, објави Аргентинскиот фудбалски сојуз. На напаѓачот, кој ја предводеше Аргентина до славата на Светското првенство во 1986 година, на почетокот на месецов му беше извршена операција поради крварење во мозокот. Лекарите тогаш рекоа дека интервенцијата била успешна.
Љубителите на фудбалот ширум светот го сметаат Марадона за еден од најголемите играчи во светот на фудбалот.
„Аргентинскиот фудбалски сојуз, преку својот претседател Клаудио Tапиа, ја изразува својата најдлабока тага за смртта на нашата легенда, Диего Армандо Марадона. Секогаш ќе бидеш во нашите срца“, се вели во соопштението. Во Аргентина е прогласена тридневна жалост.
Марадона исто така беше тренер на Аргентина од 2008-2010 година. Во неговата фудбалерска кариера ќе остане забележан успехот во шпанската Барселона и Наполи во Италија. „Засекогаш. Збогум Диего", напиша Наполи на Твитер. Барселона објави на Твитер: „Благодарам за сè, Диего“.
Екипата на Аргентина на Светското првенство во Мексико во 1986 година беше добра, но Марадона ја направи одлична. Тој речиси самостојно ги доведе и до втор триумф на Светскиот куп. Иако навивачите на Англија ќе ја запаметат неговата „божја рака“ во четврт-финалето, неговиот втор гол тој ден се памети како еден од најголемите досега, бидејќи претрча низ целиот тим на Англија пред да постигне гол.
[No title]
01:29
Во клупскиот фудбал, неговата магија во Наполи доведе до италијански домашни титули во 1987 и 1990 година - што сè уште се едни од најголемите успеси коишто ги постигнал клубот. Повеќе од 70.000 навивачи го пречекаа на стадионот Сан Паоло по неговиот пристигнување во Неапол. Му се поклонуваа како на светец. Медиумите пишуваат дека еднаш медицинска сестра украла примерок од неговата крв и ја однела во црква.
Но, Марадона имаше и лични проблеми. Тој беше исфрлен од Светското првенство во 1994 по позитивен тест за кокаин. Неговата битка со кокаинот беше добро позната, а имаше проблем и со тежината, која се зголемуваше како што старееше.
На почетокот на месецов беше примен во болницата во Ла Плата во Аргентина, бидејќи страдаше од анемија и лесна дехидратација. Потоа му беше откриено и крварење во мозокот.
Илустрирана историја на светските фудбалски првенства
Од германското „Чудо од Берн“, преку „Божјата рака“ на Марадона, до Зидановиот „Удар со глава 2006“. Историјата на светските фудбалски првенства е полна со незаборавни моменти. Вака ги гледа карикатуристот Херман Аксел.
Фотографија: Aczel / Edel Books
„Монтевидео, бог те видео!“
Првото Светско фудбалско првенство е одржано во Уругвај во 1930. Повеќето учесници беа од северна, централна и јужна Америка, а од Европа стигнаа само четири екипи, меѓу кои и југословенската. Во финалето домаќинот го победи вечниот ривал - Аргентина. Резултатот 4:2.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Чудото во Берн
Првото СП по Втората светска војна беше одржано во 1954 година, во Швајцарија. Најсилна екипа беше репрезентацијата на Унгарија. Во првото коло „унгарската лесна коњица“ ја совлада Германија со 8:3. Но, Германците им се оддолжија во финалето (3:2) и првпат станаа светски рпваци. Фриц Валтер (лево) и легендарниот тренер Сеп Хербергер на рамената на навивачите.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Само еднаш
Англија - „мајката на фудбалот“ - само еднаш во историјата на светските фудбалски првенства беше првак и тоа на домашен терен во 1966 година. Во финалето ја совлада Германија со резултат 4:2. И денес е спорен голот кој Англија го постигна во 101. минута. Боби Мур (на сликата со пехар в раце) и неговите соиграчи на Англија ѝ ја донесоа првата и засега единствена титула првак на светот.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Бразилска самба
Бразил во 1970 година по третпат стана светски првак. Кралот на фудбалот - Пеле (на сликата) и неговите соиграчи беа магионичари на теренот во Мексико. Во финалето ја совладаа Италија со резултат 4:1. На шест натпревари на СП, Пеле постигна 19 голови. Првпат таа година сите натпревари се пренесувани на телевизија во боја.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Бомбардер на нацијата
На СП кое во 1974 година првпат е одржано во Германија, имаше неколку премиери: „Кајзер Франц“ Бекенбауер против „кралот на тоталниот фудбал“ Кројф, Запад против Исток, нов пехар. Во финалето домаќинот играше против Кројфовата Холандија и Германија славеше со резултат 2:1. Победничкиот гол го постигна „бомбардерот на нацијата“ Герд Милер (во средина).
Фотографија: Aczel/Edel Books
Божја рака
Светското првенство во 1986. во Мексико ќе остане запаметено како шоу на аргентинската фудбалска ѕвезда Диего Марадона. Благодарение на неговата генијалност и лукавство, Аргентина по вторпат стана првак на светот. Самиот Марадона постигна убав, но според гол. На средбата против Англија, со помош на раката ја уфрли топката во голот. Марадона подоцна изјави дека тоа била „Божја рака“.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Плукање
Во 1990. Германија во Италија ја прослави третата титула светски првак. „Панцерите“ (во превод - тенкови) во финалето ја победија Аргентина со 1:0. Првенството ќе остане запаметено по неспортското однесување на Холанѓанецот Франк Рајнкард (десно) кој го плукна Руди фелер во осминафиналето. Двајцата беа исклучени од игра. Германија победи со 2:1 и се реваншираше за поразот на ЕП од 1988 година.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Зидановиот удар со глава
Во 2006 година повторно славеше Германија, која по изведувањето пенали како домаќин во финалето ја совлада Франција. Неславен момент на првенството беше кога капитенот на француската репрезентација Зидан со глава го удри Италијанецот Матераци. Исклучен е од натпреварот и тоа означи крај на неговата успешна фудбалска кариера.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Конечно титула
На СП во Јужноафриканската Република доминираше Шпанија со својата „тика-така“ игра. Шпанците во финалето ја совладаа Холандија со резултат 1:0. Победничкиот гол го постигна Андреас Ињеста (број 6 на сликата). Германија во борбата за трето место го совлада Уругвај со резултат 3:2.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Крал на дриблинзите
На СП во 2014 годинина Аргентина ја предводеше Лионел Меси. Неговите мајсторски дриблинзи ја доведоа Аргентина до финалето, каде што ја чекаше Германија, која претходно го совлада домаќинот Бразил со 7:1.
Фотографија: Aczel / Edel Books
Екипа со четири титули
Финалната средба на СП во 2014 година се одигра пред 75.000 гледачи на стадионот Маракана во Рио де Жанеиро. Германија ја победи Аргентина со резултат 1:0 и така стана прва европска репрезентација која освоила титула на американскиот континент. На сликата се играчите на германската репрезентација кои настапија во финалето.
Фотографија: Aczel / Edel Books
Низ светските првенства - со стрип
Издавачката куќа „Едел Букс“ по повод СП во Русија во продажба пушти илустрирана историја на светските фудбалски првенства под наслов „World Cup 1930-2018“. Незаборавните моменти од 84-годишната историја се претставени со многу хумор.
Фотографија: Aczel / Edel Books
Карикатуристот
Аргентинскиот уметник Херман Аксел (Germán Aczel) својата кариера ја почна во родниот Буенос Аирес, во кој, покрај останатото, работеше и за спортското списание „Ел Графико“. На 26-годишна возраст се досели во Германија и денес живее во Минхен. Во моментов работи за реномираниот англиски фудбалски магазин „FourFourTwo“.