Збрка во парламентот во Хонгконг
16 октомври 2019Шефицата на владата на Хонгконг, Кери Лам, денеска не го одржа најавениот говор во парламентот по негодувањата на опозициските пратеници со хаотични сцени во ова тело. Говорот за нејзините политички цели кои требаше да го одржи Кери Лам го претстави како обид да ја поврати довербата на населението по повеќе од 4 месеци политичка криза без преседан.
Продемократските пратеници ја исвиркаа, мафтаа со плакати со слогани против неа и ја принудија да го напушти регионалниот парламент. Нејзиниот говор беше долго очекуван по цело лето демонстрации и речиси секојдневни акции во кои се бараа демократски реформи, и осудуваа сѐ поголемо мешање на кинеските централни власти. Наместо поттикнување на довербата уште еднаш ја покажа длабока поделеност на хонгкошкото општество.
Повеќе:
-Поради страв од нови насилства: Затворено метрото во Хонгконг
-Насилство на нови протести во Хонг Конг
-Хонгконг – премалку и предоцна
Лам се обиде двапати да ја поднесе годишната владина изјава пред парламентот кој започна ново тромесечно заседавање. Продемократските пратеници ја исвиркаа, а еден од нив проектираше слогани од протесното движење со џебен проектор на ѕидот зад Лам, која стоеше на подиумот. По долгиот неуспешен обид да одржи говор, шефицата на владата ја напушти зградата со своето обезбедување.
Дополнително снимениот говор по 75 минути беше емитуван на телевизија.Притисокот врз Кери Лам, чија популарност е на историско ниско ниво денеска беше огромен. Најавата на низа економски и социјални мерки беше очекувано да го смири бесот на населението чиј животен стандард постојано паѓа, но изгледаше малку веројатно дека ќе даде значајни политички отстапки.
Речиси пет месеци луѓето од економската и финансиската метропола демонстрираат против нивната влада и растечкото влијание на комунистичкото раководство во Пекинг врз автономно управуваната територија.
Седумте милиони жители на Хонг Конг се под суверенитет на Кина, но, за разлика од народот на Народна Република Кина, тие уживаат повеќе права како што се слободата на изразување и собирање, за кои сега стравуваат дека ќе ги изгубат.
Кина лута поради американскиот предлог-закон
Затоа, демонстрантите сега отворено бараат поддршка од САД. Вашингтон работи на предлог-законот за човековите права и демократијата во Хонг Конг. Усвојувањето на законскиот текст во Претставничкиот дом на Конгресот сега предизвика големи несогласувања меѓу Кина и САД.
Портпарол на Министерството за надворешни работи во Пекинг изрази „големо незадоволство и решителен отпор“ против предлог-законот. Американските конгресмени беа обвинети за „сериозно мешање во внатрешните работи на Кина“. Со гласањето, рече портпаролот, тие отворено ги поддржале „анти-кинеските подбуцнувачи на безредија во Хонг Конг“.
Предлог-законот на САД предвидува економски санкции доколку се наруши автономијата на Хонг Конг. Исто така, треба да се следи дали Пекинг ги поткопува граѓанските слободи и владеењето на правото во Хонг Конг. Предлог-законотт мора да биде усвоен и од страна на Сенатот, но за него има натпартиска поддршка како од републиканците така и од демократите.