Зголемен интерес на медиумските концерни за Балканот
14 октомври 2011Европската компанија „Челомедиа“ неодамна презеде 40% од сопственоста на сараевската ОБН телевизија. Освен тоа, босанската ТВ 1 објави дека склучила партнерство со Доган-групата од Турција, додека ТВ-станицата Пинк е во преговори за докапитализација со концернот Европа-партнерс. Сопствениците и директорите на медиумските куќи во Босна и Херцеговина таквиот интерес на странските концерни го толкуваат како зенит на сопствениот успех во работата и ангажманот на домашниот и регионалниот пазар и не го кријат одушевувањето.
„Стратешкото партнерство ни‘ донесе ексклузивни права, а имаме намера и да се прошириме на целиот регион на поранешна Југославија. Во следната фаза ТВ 1 ќе оствари соработка и со ТВ станицата СиЕнЕн-Турк, што ќе се огледа во размена на искуства, новинари и техничка соработка“, појаснува уредникот на програмата на ТВ 1, Сањин Беќирагиќ.
Рестриктивни законски одредби
Ваквиот продор на медиумскиот пазар во Босна и Херцеговина е дотолку поинтересен што тамошното законодавство има релативно рестриктивни принципи за учеството на странските концерни. Така, сите кои сакаат учество над 5% во медиумите мораат да добијат согласност од регулаторната служба на земјата, појаснува помошник-директорката на Регулаторната агенција за комуникации, Хелена Мандиќ. Законот дозволува сопственост на максимум 49% и тоа како за физички, така и за правни лица, освен кога за поголеми проценти куќите ќе издејствуваат вонредна согласност на надлежната служба во едниот од трите ентитети, додава Мандиќ. Со тоа станува јасно дека „дупка во законот“ сепак има, но јавноста во земјата повеќе ја интересира што е тоа што ги привлекува странските медиумски концерни на релативно малиот пазар во Босна и Херцеговина и целиот регион на поранешна Југославија.
Интерес за настаните
Комуникологот Енес Османчевиќ смета дека причината за таквиот интерес е фактот што Балканот има одредени елементи на драматичност, насилство и потенцијални војни, што е важно како извор за вести на медиумите. „Балканот нив ги интересира повеќе како извор на интересни информации, отколку како пазар за пласман на информации“, оценува комуникологот Енес Османчевиќ за ДВ. Добивката за локалното население пак, се состои во тоа што ангажманот на големите меѓународни концерни ќе му донесе и поинаков поглед врз настаните во Босна и Херцеговина и во регионот, додава Османчевиќ.
Автор: Милан Шутало / Горан Чутаноски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска