1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политичката тромбоза на нашето битисување

6 јануари 2022

Нивната приказна е само илустрација за последиците од политичката тромбоза на нашето битисување, за нашиот крвоток затнат од масните, мрсни наслаги од СДСМ, ВМРО, ДУИ. Пишува Арсим Зеколи

Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Што има воопшто за чудење и лутење во ослободувањето на Мијалков и Камчев? Дури и во извесните ослободувања на Боки и Катица? Како може комедија да заврши поинаку отколку со завршна фалсето арија на гротескната Јустиција обучена и приучена од леглото на неправдата наречен Факултет за правни науки? Бреј, требаше ли да се ослободат такви аватари на нашата мизерија за да разбереме дека во оваа земја ниту имало, ниту има и ниту ќе има правда се додека повеќе се шокираме од купената правда за криминалците отколку од бесплатната, ефтина, неказнива неправда за невините и жртвите. Оставете ги тие приказни. Препуштете им ги- широкоградо- на медиумските бардови и професорски правни резили од нивото на Јустиција Сафија во доменот на  Мијалков  или Камчев.  

Никакви потресувања за  Мијалков  или Камчев нема да ја доловат и илустрираат темнината и црнилото на нашето правосудство и „јавност” се додека карши нив не ја ставиме белината на невиноста. Единствено низ таков контраст ќе ја разбереме кататоничната, казаматска темница во која живееме. Единствено преку славење на чесноста на шиканираните ќе ја разбереме бедата и мизеријата на ослободените и нивните платенички, правнички, професурски тоги и новинарски пера. 

Каде е солидарноста? 

Бедата на нашата судска патрдија и политичка идиотарија не се отсликува низ ослободени злотвори, туку низ шиканирањето на ликови како Здравко Савевски и Мариглен Демири, младите активисти и интелектуалци кои сеуште се принудени да се влечкаат низ коридорите и лавиринтите на нашето „реформирано по мерка на Брисел судство”. За четири години од нивното влечење по судови, не се најде еден министер, еден премиер, еден претседател да се истакне со непочит на судството и да се избори за правда за два лика со чии заслуги и стигнаа до нивните незаслужени фотељи. Би рекол човек, ако ништо друго, барем генерациски и факултетски солидарно еден Маричиќ, еден Пендаровски ќе зуцнеа едно зборче на протест за неправдата кон Здравко и Мариглен. Но, љубомората, зависта и инаетот секогаш надвладувале на овие простори. 

Други колумни од авторот: Среќна нова носталгија

Пред неколку дена, министерот за финансии си ги собрал колегијалните јадови на нашата финансиска Илијада и Одисеја, саде кој од кој магови и махери на нашите финансии во последните триесет години. Сите до еден полни- ретроактивно- со совети како треба денес или како знаеле тогаш (ама, ете бе, биле спречени, анасана) да од нашата економија направат Сингапурче на Балканите. Интересно, во таа дружба на ликови во чии времиња од земјата се иселени стотици илјади луѓе и украдени милијарди и милијарди евра ем долари, немаше ниту еден лик од најдобриот финансиско-економски тим на Македонија предводен од  Драган Тевдовски  со соработниците Рилинд Кабаши и Бранимир Јовановиќ. Можеби најомразениот трилинг од страна на ботовите и паразитите при Бихаќка, Речица и Бела палата. Ова трио, можеби единествениот автентичен и вистински светол момент во кој се прекршуваше надежта за нова економска политика и едно општество, беше брутално и насилно понижено, исмејано, прегазено и елиминирано од страна на збратимениот клан на полуписмени, недоделкани, компромитирани, вулгарни и корумпирани партиски бедници од трите големи партии и нивните медиумски полтрони. 

Цунами на омраза 

На Тевдовски не можеа да му најдат дамка во паричникот или биографијата, па затоа оркестарот на аналфабетите од социјалните мрежи се задоволи со тупавиот прекар Дански (!). За истите нив, Јовановиќ (инаку поборник на социјалните права) беше етикетиран како „комуњарче” кое, нели, не разбирало економија. Најинтересен сепак беше случајот со Кабаши, кој со неполни месец дена во служба на советник при министерот беше почестен од една хистерична, пришколувана „новинарка” со обвинение дека бил „бирократ”. Но со што точно овие пет млади, надежни, чистокрвни економисти или политичари во таков кус период заслужија и предизвикаа таков цунами на омраза од големите партии?

Па со традицијата дека во земјата на сеирот и љубомората, успехот стекнат со труд и без кусур кон криминалот е најнепростливиот грев. Дури и денес, кога веќе се успешно елиминирани, чувствувам грижа на совест и горлива потреба да им се извинам што ги спомнувам поименично и со тоа ги изложувам на уште повеќе омраза, инает, пизма и желба за освета од страна на ривалските жални, кукавички пропалитети од дното на партиските тоалети. Од друга страна, доколку ги премолчам, премолчиме, и јас и ние стануваме дел од машинеријата за ништење на успешното, вредното, способното. Затоа, жалам дечки, но морално е. 

Лично, ниту сум бил, сега уште помалку сум на идеолошките или полит-економските фреквенции на овие петмина млади луѓе. Делумно поради мојата возраст, воглавно поради нивната образовна и стручна супериорност која сите ја истакнуваа, сем тие самите. Но колку и да ме нервирале нивните бескрајни дебати за „манифестот од Лајпциг" или „дијалектиката на марксизмот”, колку да ме ваделе од кожата следбеничките рецитали за „Фридман школата во Чикаго”, сепак ме пленеше нивната определба за сместување на човечното во идеолошкото, економското, политичкото. Во секој случај, и денес го мислам тоа што го согледував тогаш: дека и Савевски и Демири се интелектуално и искуствено достојни и сосема рамноправни во однос на нивните колеги од врвот на европската левица. За Тевдовски, Кабаши, Јовановиќ нема потреба да мислам ништо. Ги мислеа други и си ги прибраа во институциите низ Европа и Америка каде сега предаваат или истражуваат. Нам ни останаа партиските сметководители на мафијата, полуписмените сезнајни ботови од твитер и хистерични новинарки со тик-искомплексираност. Секој на заслуженото. Некои како бисери во светот како нивна школка, некој со нос над црните води во домашната клоака. 

Замислете нешто поинакво 

Спомнувањето на петте млади експерти не е за нивно пусто фалење. Всушност, не е воопшто за нив, туку е за нас, старо и младо. Нивната приказна е само илустрација за последиците од политичката тромбоза на нашето битисување, за нашиот крвоток затнат од масните, мрсни наслаги од СДСМ, ВМРО, ДУИ. Зад секој Маричиќ и Шеќеринска, секој Фатмир и Артан, стојат кариерните гробови на десетици и десетици елиминирани успешни млади луѓе без поддршка од служби, кланови, корумпирани дипломати, „десет семејства”, успешни плексиглас бизнисмени, нарачани панагирици од медиумски спонзоруши.

Други колумни од авторот: Социjалдемократијата во подем

Но замислете го обратното, доколку било кој од петте стигматизирани имаше на располагање барем 20% од ресурсите на Шеќеринска или Маричиќ, пропагандната машинерија на Димитров или Николовски, мускулите и интригантите  на Ахмети. За скопските амбасади, таквата петорка не се совпаѓа со комфорната предрасуда за сите нас како збирштина недоветни, неспособни, родени и генетски предодредени криминалци. Но замислете кога таквите амбасади би покажале барем 20% трпение, прогледувале низ прсти и пишувале панагирици за овие млади надежи, како што тоа го прават веќе 30 години за ликовите од нашата клоака во која си ги препознаваат сопствените предрасуди за и кон нас. За нашите медиумски бардови од ергелата на Мијалков и Камчев, искреноста на младите надежи е „смотаност”, предупредувањата за погрешни политики се „неразбирање на реалноста”, несогласноста со партијата е „недораснатост”, губењето на слободата или позицијата е „неснаоѓање поради незрелост”. Но замислете кога овие медиуми би им ги премолчувале малите грешки, првичните неснаоѓања, младешките излети како што тоа макотрпно го прават за нивните шефови и шефици повеќе од триесет години. 

Замислете каде би бил крајот на Здравко и Мариглен, Драган, Бранимир и Рилинд кога би имале само делче од таа можност, привилегија и разбирање. И замислете колку нашата реалност би била поинаква, понадежна. Кога ќе ја замислите таква иднина, полесно ќе разберете колку имаме изгубено со заминувањето на овие млади луѓе. Е па што, да ги вратиме ли?!

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми