Здружување на енергетскиот сектор на Балканот
26 јуни 2006Амбициозната цел на деветте земји од Југоисточна Европа треба да биде остварена до 2008-та година. Секако тие треба претходно да ги усвојат и важечките европски норми и правила за подрачјето на енергетиката. Портпаролот на генералната дирекција „енергија и сообраќај„ во Брисел, Феран Тарадељас Еспуни вели:
„За овие земји тоа е нешто како мала ЕУ, како ЕУ на полето на енергијата.„
Деветте земји треба до крајот на овој месец да го ратификуваат договорот за создавање заеднички енергетски пазар. Неговото создавање е предвидено да се реализира постепено. Претходно треба да се спроведат низа мерки, пред да дојде до потполно либерализирање и приватизирање на енергетскиот пазар:
„Во договорот стои во принцип дека треба да се зголеми ефикасноста, што значи зградите треба да се изолираат, а енергетската инфраструктура да се подобри. Исто така треба да се користат повеќе обновливи извори на енергија. Треба да се води сметка и за загадувањето на човековата околина и да се преземат мерки против затоплувањето на глобалната клима„ – појаснува Паул Рибиг, пратеник на народната партија во Европскиот парламент.
Новиот секретаријат што денеска се основа во Виена треба да ги контролира и координира предвидените активности, како и да помогне во создавањето еден вид Совет на министри со претставници на земјите од регионот, како и од Европската комисија. Тие треба да се среќаваат еднаш годишно и да ги договараат мерките и задачите за чие извршување се проценува дека ќе бидат потребни 20 милијарди евра. Една милијарда веќе дојде директно од Светската банка.
Значи либерализацијата на енергетските пазари во регионот е договорена, но повеќе земји се‘ уште имаат главоболки околу овој процес. Така владата на Македонија во 2005-та најави либерализација на енергетскиот пазар, но земјата не сака да се откаже од овој контролата врз овој дел на стопанството, што до сега беше под државен монопол. Слична е состојбата и во другите земји. Во сите девет се очекува и покачување на цената на електричната енергија. Цените како 3,5 цента по киловат ќе му припаѓаат дефинитвно на минатото. Но, овој ефект од приватизацијата на енергетскиот пазар веројатно ќе се избалансира и со зголемената конкуренција, што по обичај води и кон намалување на цените.