1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

110511 BaWü Grüne Regierung

12 мај 2011

Во германската покраина Баден Виртемберг денеска (12.05) за нов премиер е избран Винфрид Кречман, од партијата на Зелените. Какво е значењето на овој, како што многумина го оценија, историски чин?

Винфрид Кречман
Винфрид КречманФотографија: dapd

За Зелените ова е камен-темелник - тие 30 години по основањето првпат владеат во една германска покраина, и тоа токму во Баден Виртемберг, каде со децении тонот го диктираше конзервативната Христијанско-демократска унија. Од победата на покраинските избори, на 27 март, Зелените пловат на бранот на популарноста. Штефи Лемке од пратеничката група на Зелените во Бундестагот, објаснува:

„Промената почнува“ - наслов на коалициониот договор на Зелените и СПД презентиран на крајот на априлФотографија: dapd

„Во секој случај уживаме поголемо внимание и има поголема согласност со политиката на Зелените, а има и повеќе пристапници во партијата. И пред се‘, се чувствува дека зелените теми добиваат поголема тежина.“

Во Баден Виртемберг, сега првпат, шефот на владата е човек на Зелените, а социјалдемократите се јуниор-партнер. Александер Бонде, еден од новите министри на зелените во Баден Виртемберг, вели:

„Да се биде помал коалиционен партнер е за СПД, се разбира, ново искуство. Ново искуство е и премиерот да е од редовите на Зелените. СПД овде беше навикната поинаку. Но имаме фер меѓусебен однос и јасно е дека СПД е еднакво голема како ние.“

Политиката и економијата рака под рака?

Баден Виртемберг е значаен економски регион. Во фабричките хали на Дајмлер, Порше, Бош и други фирми се создава добар дел од германската благосостојба. Невработеноста е мала, иновативната сила голема. Досега економијата и политиката работеа рака под рака. Сега голем дел од претприемачите се загрижени. Дали ќе остане така и во мандатот на Винфрид Кречман?

Што се‘ ќе се смени во иднина?Фотографија: dapd

„Ако успехот треба да продолжи, тогаш нешто мора да се менува. Во стопанството ни‘ се потребни зелени производствени линии, кои се штедливи во делот на ресурси. Само така може да се остане конкурентен на светските пазари во иднина и да се обезбеди благосостојба. Екологијата и економијата треба да одат во иста насока“, нагласува Кречман.

Одлуки на еднакво рамниште

Зелените бараат автомобили кои штедат гориво, што е можно помалку нови улици и повеќе енергија од ветер, додека, пак, претходните влади и‘ даваат предност на атомската енергија.

Зелените го отфрлаат проектот Штутгарт 21Фотографија: picture-alliance/dpa

Во покраинската влада Зелените си ги обезбедија ресорите во кои се носат одлуки за еколошката и енергетската политика, сообраќајот и инфраструктурата. Зелените го отфрлаат проектот Штутгарт 21, односно изградбата на главната железничка станица во Штутгарт под земја. Претходната влада се однесуваше авторитативно кон протестите на граѓаните против скапата нова изградба, што на крајот на краиштата и им го отвори патот на Зелените кон врвот. Винфрид Кречман ветува нов стил на раководење - не одозгора, туку на еднакво рамниште со граѓаните:

„За една модерна влада граѓанските протести не се товар, туку се нормалност во една демократија.“

Автор: Нина Веркхојзер / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Борис Георгиевски

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми