Зеленчук на покривите на зградите
14 ноември 2011
Камиони, товарни возови, пристаништа, аеродроми…Модерните општества се потпираат на разгранета логистика за секојдневно, на милион број градови да им обезбедат храна. Дали е пологично производството да се премести таму каде што живеат луѓето?
Фолкмар Којтер од Фраунхофер институтот за еколошка, безбедносна и енергетска техника во Оберхаузен, смета дека простор има доволно, пред се´ на рамните покриви на зградите. „Не е важно дали под вашата зграда се наоѓа индустриски кварт или пекарница, се произведува топлина која може да биде употребена за греење на стаклените бавчи во текот на зимата. Дури и службените, зградите со канцеларии произведуваат топлина. Ладењето на собите со сервери исто така произведува топлина, која може да биде искористена“, укажува Којтер.
И не само топлина – зградите во градовите можат за земјоделството да обезбедат и ѓубриво. „Урбаниот земјоделец“ мора да вложи пари во технологијата за преработка, но потоа ќе заштеди многу пари, укажува Којтер: „Кога од отпадните води би можел да се издвои фосфорот, азотот и калиумот, само еден мал дел би било потребно дополнително да се наѓубри.“
Десетпати поголема заработувачка отколку во традиционалното земјоделство
За одгледувањето зеленчук на крововите, особено е погоден т.н. хидропонски начин. Тука растението не се сади во земја, туку во сакасии наполнети со вештачки гранулати, влакна, или глинени топчиња или пак во своевидни жлебови низ кои постојано тече вода. Течноста доаѓа од цистерна и откако ќе го навлажни коренот на растението, повторно тече назад во цистерната.
Одгледувачот со постојани контроли на водата може да го утврди потребното количество ѓубриво и со тоа за секое растение да обезбеди оптимални услови за раснење. Освен тоа, водата и ѓубривото повторно се враќаат во кружното движење, што овозможува максимална искористеност. При класичното одгледување земјоделците мораат често да ѓубрат бидејќи дождот редовно измива дел од полезните материи од земјата: „Ѓубрењето во овој случај се врши целно, за разлика од традиционалното земјоделство. Заработувачката може да биде и десетпати па дури и дваесетпати поголема. Иако одгледувањето на покривите е скапо, може да се добие многу зеленчук”, тврди Којтер.
До 40 тони зеленчук годишно од 1000 квадратни метри покрив
Предност претставува и малата тежина на саксијата, односно тоа што на растенијата не им е потребно многу земја. Тоа е важно бидејќи повеќето покриви не се предвидени за големи тежини. А соодветни покриви има доволно. Се проценува дека само во Германија има 36.000 хектари. Тоа е три пати повеќе отколку вкупната површина на стаклените бавчи во Холандија. „На 1000 квадратни метри покрив можете, во зависност од тоа дали повеќе полагате на квалитет или на количество, годишно да одгледувате и до 40 тони зеленчук – салати или домати, може и грав или тиквички“, вели Којтер.
Со оглед на тоа дека во светот има се´ помалку обработливи површини, би било за очекување да се размислува за формирање на обработливи површини на некој од пониските катови на солитерите. Но, тогаш мора да се размислува и за вештачкото осветлување, а бидејќи со современата ЛЕД технологија за тоа е потребно малку енергија, ниту тоа не е неизводливо.
Урбаното земјоделство е добро и за шопинг-центрите
Келнскиот архитект Штефан Шмиц, кој во Кина работи на развојот на зелените градови, е воодушевен од идејата: „Мислам дека доброто е и во тоа што истовремено на децата и учениците може да им се објасни што е земјоделство: како се берат плодовите, како расне овошјето и зеленчукот?”
Урбаното земјоделство веќе заживеа во Кина и Америка. Шмиц смета дека таквиот проект би бил исплатлив и за шопинг-центрите, а некои инвеститори веќе на тоа и заработуваат.
Автор: Фабијан Шмит/ Светлана Брик
Редактор: Александра Трајковска