1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зелен мит или зелена иднина

Тони Поповски
22 мај 2021

Посакуваме да бидеме рефлексија на Европа. Наутро и навечер пред спиење во огледалото да ја видиме онаа вистинска Европа на вредности вклучувајќи ги и еколошките, како наш лик. Пишува Тони Поповски

Nordmazedonien Ex-Umweltminister Toni Popovski
Фотографија: privat

Големите зелени теми се повеќе се наметнуваат. Може да се случи да го определат исходот на локалните избори кај нас, иако искрено се сомневам, а истовремено и на изборите во Германија, менувајќи ја политичката физиономија на Европа. Во второво и третово не се сомневам.

Да започнеме со последното. Сегашната политичка физиономија на Европската Унија барем нас од поодамна ни наликува на портретот на Доријан Греј или попрецизно, на неговата слика согласно насловот на ова впечатливо неоготско дело. Нарачаниот портрет на татковците на Унијата, постепено станува грд. Сепак, татковците не ја продадоа душата (европските вредности) како Доријан во новелата на Оскар Вајлд, за да останат вечно млади, а портретот да старее. Нивните вредности останаа вечно млади, но сепак портретот старее и станува се погрд (или барем нас така ни се причинува во чекалната) бидејќи наследниците на Доријан, направија и сеуште прават трампа со нив.

Нов зелен зачеток

Аналена Бербок е кандидат на германските Зелени за Канцеларка на Германија. Во средни години но сепак помлада во споредба со конкуренцијата и повозрасна од себевљубениот Доријан на Вајлд. Дали е подготвена на трампи за сметка на вредности, времето ќе покаже.

Како милуваат да кажат Зелените во Германија,Аналена е Феникс, издигната врз пепелта на  радикалниот еко-фундаментализам, но и персонален одговор на обвинувањата дека Зелените се непријател на економскиот раст и во суштина анти-бизнис партија, настрвена двојно да ги оданочува претприемачите и да уништува работни места. Не е енигма како на оваа понуда ќе изреагира особено германскиот крупен капитал и на чија страна ќе застане, но е енигма како овие пораки ќе ги восприеми рурална Германија. Малите и средни германски претприемачи сепак ги уживаат придобивките на создадените зелени пазарни сегменти и во суштина се флексибилни и наклонети кон прогресивна понуда. Тие се амортизерот на кој смета Аналена. Работниците и онака се таргетирани од социјал-демократите, но ним во пандемично време им е неопходно конзервирање на работните места, а тоа е понудата на конзервативците. Работниците се втората целна група која Зелените може да ја придобијат, гарантирајќи социјално праведна и ефикасна транзиција. 

-претходни колумни: Последните балкански самураи

Не многу одамна, Макрон, францускиот либерален и просветителски Феникс, кого до пред некое блокирано време ние го восприемавме како Доријан, мораше поради обид за зголемување на јаглеродниот данок на горива да се соочи со жолти елеци на улиците, на кои набргу им се прилепија црните елеци и кошули. Аналена треба предвид да го земе ова искуство.

Живееме искривено, надреално време 

Посакуваме да бидеме рефлексија на Европа. Наутро и навечер пред спиење во огледалото да ја видиме онаа вистинска Европа на вредности вклучувајќи ги и еколошките, како наш лик. Смачено ни е од гледање Доријани.

Сеуште легнуваме и заспиваме во чекална наместо во заедничкиот европски дом. Сцената е надреална како во филмовите на Буњуел. Огледалото ни е во чекална. Во чекална е и нашиот искривен часовник на Дали. Живееме искривено, надреално време а посакуваме да живееме еколошко време. Да се интегрираме во европскиот хабитат. Да заштитиме се околу нас, очекувајќи дека за возврат ќе бидеме заштитени. Но, во чекалната, постојано чекаме ветоизирани, во само за нас својствен лет во место. Како птица со фрактури на крилјата и испоставени фактури од соседот. А посакуваме, да се кренеме како Феникс, како Макрон и Аналена. 

Дневните случувања во чекалницата на периферната европска станица, потврдуваат дека соништата и припаѓаат само на подсвеста и ноќта. Сонот ни е повторно заробен од сосед. И денот кога сонот станува јаве е во сопственост на соседот.  Денот, и покрај јужното еколошко сонце ни е всушност продолжена и тмурна, токсична балканска ноќ.

Пред заспивање не погледнуваме во огледалото плашејќи се да не видиме сеништа, па и тие од минатото кои сесрдно и преку ден, на јаве ги вади соседот, а ноќта ја минуваме со отворени очи бидејќи се потешко заспиваме плашејќи се од секојдневен кошмар. 

Чекајќи, ние ја носиме Европа дома

Се хармонизираме на хартија, а хартијата трпи се. Се обидуваме да се хармонизираме на дело, а резултат се низа конфликти во зачеток.

Сите сме, барем декларативно за зелена агенда и зелен опоравок, но во суштина сме зелени, недозреани и неразлистени, не само по наша вина.

Квалитетот на амбиенталниот воздух во нашите најголеми градови, но и на целата територија, поради киселите дождови и загадувањето на почвата, а преку неа и на храната е остарениот и грд лик на нашиот Доријан. Заостатокот во инвестиции за негово доведување до пропишани стандарди на ЕУ изнесува близу 10% од БДП на државата. Одвојувањата се зголемуваат од година во година, но се зголемува и притисокот од загадувачите, и со ова темпо ќе ни бидат потребни 30-тина години да се хармонизираме и залечиме, и тоа мерено од неодсонуваниот почеток на преговорите. 

- претходни колумни: Добар план, и половина од работата е завршена

Од јаглеродниот данок на горива може да добиеме популистички хепатит, да пожолтат а потоа и да поцрнат улиците. Партиски обид од улица да се реагира на покачени цени на електрична енергија видовме.

Над 10 % од БДП е инвестицискиот заостаток поврзан со управувањето со водите, а до 3% од БДП заостануваме со управување на отпадот.

Спроведувањето на зеленото сценарио од Стратегијата за енергетика иако заборавени во чекалницата, барем во моментов не прави лидери во регионот, но дозволувањето да се градат мали хидро-електрани во заштитените подрачја е нашиот грд портрет.

Дали сме подготвени за зелена метаморфоза?

Зелена Европа кај нас може да се случи, но само доколку сме подготвени за безмалку целосна трансформација. Дневниот (не)ред во општеството треба да стане зелен дневен ред. Зелениот инвестициски циклус најефикасно ќе ја поткрене нашата од поодамна пандемична економија и ќе произведе нови зелени пазарни сегменти и работни места.

Зелената агенда бара децентрализацијата да е високо на дневниот ред. Квалитетен амбиентален воздух и здрав урбанизам со ефикасни комунални и социјални услуги и привлечни културни содржини во нашите населби во комбинација со доследно спроведен рамномерен регионален развој ќе ги задржи младите во местото на живеење, или барем дел од нив. Зелената агенда е агенда за поколенијата.

Носењето на зелена Европа дома е исклучително комплексна социо-економска и технолошка транзиција до нов, убав, природен и одржлив, отпорен портрет. Портрет кој постојано себеси се обновува бидејќи неговото сликање е органски циклус.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми