Земја за цвеќе по рецептот на Индијанците
6 декември 2011
На Академијата за градинарство во германската покраина Рајнланд Пфалц експериментално се одгледува зеленчук. Цвеклото е поголемо отколку на кое било друго место. Расне брзо и тоа без ѓубрење и наводнување. Тлото е покриено само со еден слој црна земја. Тоа е т.н. „Тера Прета” произведена по древниот рецепт на амазонските Индијанци.
Суровините доаѓаат од тој германски регион, а основата се сеното и градинарските отпадоци, билошкиот отпад и остатоците за производство на био-гас. Сето прво се меле, а потоа се меша со јаглен, бактерии и со габи. Тој процес е заштитен со патент насекаде во светот:
„Ако селанецот во Африка сака да произведува црна земја, ние тоа го поддржуваме. Ние сакаме технологијата да се шири. И тоа што побрзо, што повеќе површини да се покриваат на овој начин. Не сакаме никого да го ограничуваме. Но, сакаме одреденото постигнато ниво на квалитетот да се задржи,” вели Јоахим Бечер, раководител на проектот.
Пилот постројката може да произведува 150.000 вреќи со црна земја. Пластична вреќа од 10 литри чини осум евра. Половината од производството се продава директно, а другата заминува за истражувачки проекти.
Помалку се наводнува и ѓубри, го врзува штетниот за околината јаглероден диоксид...
На Академијата за градинарство во покраината Рајналд Пфалц веќе три години се испитува делувањето на плодната земја, посебно во одгледувањето на декоративните растенија и лозарството. Тестирањето покажа дека „Тера Прета” го врзува штетниот по околината јаглероден диоксид. Освен тоа, хранливите материи и водата многу подолго остануваат во почвата.
„Има многу предности: помалку се наѓубрува, помалку се наводнува. Тоа може да биде интересно и за оние на кои градинството им е хоби. Но, и за заедницата, градовите и општините, како и за јавната зелена површина, бидејќи на тој начин може да се заштедат пари. И тоа се многу интересни аспекти”, укажува Вернер Олих од Градинарската академија.
Кон крајот на годината ќе започне со работа големиот производствен погон кој би можел да покрие дел од растечката побарувачка на градинарските центри со црна земја по рецептот од Амазон.
Автор: Корнелиа Борман / Светлана Брик
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска