Земјите на ЕУ не се добро запознати со пресудата од Хаг?
15 февруари 2012Посетата на Попоски, како што оцени словачкиот европратеник Едуард Кукан за Дојче Веле, се случува во еден многу важен момент за евроинтеграцијата на Македонија, посебно ако се знае дека европратениците ја довршуваат предлог-резолуцијата за напредокот на Македонија за 2011 година, чие усвојување е предвидено за пленарната сесија во март оваа година.
Попоски во Стразбур имаше средби со повеќемина европратеници, меѓу кои и Отман Карас (Австрија), потпретседател на Европскиот парламент, Жозеп Дол (Франција), претседател на Европската народна партија во Европскиот парламент, Гунар Хокмарк (Шведска), член на претседателството на Европската народна партија и координатор на работната група за проширување и соседство, Јан Олбрихт (Полска), потпретседател на Европската народна партија и координатор за меѓурелигиски дијалог, како и со Мартин Камп, генерален секретар на Европската народна партија.
Поделеност во ЕП околу Македонија по национална, а не по политичка линија
Попоски требаше да ги запознае европратениците на Работната група за надворешни работи и за проширување на групата на Европската народна партија во Европскиот парламент со напорите и тековните активности кои ги презема земјата за исполнување на препораките од нацрт-резолуцијата и во рамките на подготовката на дијалогот на високо ниво ЕУ-Македонија.
Во расправата на групата дојде до израз поделеноста на европратениците во однос на евроинтеграциите на Македонија, но не по политичка, туку по национална припадност.
Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, ги повтори обвинувањата дека Македонија води провокативна политика кон соседна Бугарија и побара да има заедничко читање на историјата и „да не се всадува омраза и да не се манипулира со историјата преку сите видови на медиуми и учебниците, бидејќи тоа не е провокативно само кон Грција за античката историја, туку и кон Бугарија за средновековната и поновата историја“. Ковачев уште еднаш се осврна на филмот „Трето полувреме“ како потврда дека се сака да се манипулира историјата. На тоа македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски одговори дека во Македонија се почитува слободата на изразување во филмската уметност.
Неочекувано жесток беше настапот на грчкиот европратеник Јоргос Кумуцакос, кој смета дека иако Грција направи напори за изнаоѓање решение на проблемот со името, тоа не е најдено поради политиката која ја води владата на Груевски, нагласувајќи дека Грција согласно со агендата од Солун ја поддржува евроинтеграцијата на сите земји од Балканот и дека таа ја поддржала визната либерализација. Министерот Попоски одговори дека сепак Грција е таа која го блокира почетокот на преговорите за членство во ЕУ и приемот во НАТО, во што беше отворено поддржан од германските европратеници Бернд Поселт и Дорис Пак. Двајцата германски европратеници на моменти имаа и остри реплики со нивниот колега од Грција.
Блокадата на Македонија не е во полза на никого
Романскиот европратник Дан Пред се интересираше за сериозноста на инцидентите во Струга. Тој, исто како и Моника Маковеј, нагласи дека спорот со името е всушност главната пречка за Македонија за почетокот на преговорите и дека тој проблем е неразбирлив за другите. Бернд Поселт смета дека блокирањето на Македонија, не е во полза ни на Бугарија, ниту на Грција, ниту на Европската Унија.
Претседателот на групата на Народните партии во ЕП, французинот Жозеп Дол за Дојче Веле резимираше дека главниот проблем за Македонија всушност е Грција и нејзините внатрешни тешкотии. Во тој контекст, решавањето на спорот со името не е нивна главна грижа.
„Известувачот во сенка“ за Македонија Едуард Кукан, смета дека земјите членки на ЕУ не се добро запознати со пресудата на Меѓународниот суд од Хаг и нејзиното значење за натамошните евро-атлантски интеграции на земјата.
Автор: Тони Гламчевски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска