1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Земјотресот ја обедини Хрватска

Горан Газдек
1 јануари 2021

Граѓаните ширум Хрватска не чекаа некој да ги повика, туку самите почнаа спонтано да собираат помош и да им ја носат на жртвите од силниот земјотрес. Репортерот на ДВ се сретна со некои од волонтерите.

Kroatien Erdbeben | Freiwillige Helfer in Petrinja
Фотографија: Goran Gazdek/DW

„Синоќа играв карти до 23:30 часот. Дојдов дома петнаесетина минути пред полноќ. Во пет минути до полноќ си реков: Еди, зошто сега ќе легнеш, ајде во Петриња, драг брату, помогни им на луѓето. Возев цела ноќ и пристигнав тука рано утрината“, ни раскажува Еди Симуниќ од Сплит. Го прашуваме што им донесе на повредените, тој вели ништо: „Дојдов од емотивно-човечка причина. Се донесов себеси "

Еди е само еден од стотиците волонтери кои по сопствена иницијатива дојдоа во Бановина по разорниот земјотрес да понудат помош, да се стават на располагање на организациите или здруженијата кои се грижат за луѓето по елементарни непогоди.

Сè совршено функционира

Цела Хрватска дојде во Петриња, Сисак, Глина, Хрватска Костајница и другите места погодени од земјотресот. Патишта и паркинзите се полни со автомобили, комбиња, камиони и шлепери со регистарски таблички од Дубровник, Шибеник, Имотски, Осијек, Славонски Брод, Пула, Ријека, Вараждин, Вировитица и други градови, а ги гледаме и таблички од Словенија и од Србија. Изгледа прилично хаотично затоа што многумина не знаат точно каде одат, но сè функционира совршено. Сообраќајот го регулира полицијата, тие се љубезни и трпеливи.

„Фасцинантно е како реагираа добрите луѓе од цела Хрватска и како им го отворија срцата за настраданите. Ние четворица доаѓаме од Загорје, работиме во Тераплин. За само неколку часа собравме пари за разни потреби, зедовме комбе од компанијата и возевме цел ден низ околните села “, вели Маријан Кереп.

Дојче веле во Петриња: Силниот земјотрес уништи се'

02:45

This browser does not support the video element.

„Штета што ни треба несреќа за да не' обедини“

Помалите села и населби ги посетија и момците од загрепската компанија „Мој е рачун“. „До овие луѓе се стигнува подоцна, тие се сообраќајно изолирани, па затоа решивме да им донесеме помош на нивниот праг. Скромно ни велат дека не им треба ништо, дека имаат сè, но сепак се многу благодарни што некој се сетил на нив и што добија чувство дека не се сами“, вели Вјекослав Бошковиќ за ДВ.

Повеќе:

-Сведоштва од земјотресот во Петриња: „Ѕидовите и мебелот 'играа' околу нас“

-Земјата не престанува да се тресе: Нови земјотреси во Хрватска

-Петриња како Хирошима - го снема половина град во земјотресот

Додека разговараме во дворот на семејната куќа на Бранко Враниќ во село Дворише, застанува автомобил со сплитски регистарски ознаки. Младиот човек го отвора прозорецот и прашува дали ни треба нешто. „Имам премногу“, одговара газда Враниќ.

Радован Персола дојде во погодениот регион од селото Сиково кај Филип Јаков. „Ова се нашите мали срца на помош. Горд сум на хрватскиот народ и токму сега зборуваме за тоа дека треба нешто да ни се случи за да се обединиме. Тоа малку ме растажува. Но, подобро доцна отколку никогаш. Би сакал да се сретнавме во друга пригода, а не вака “, вели Персола.

Фотографија: Goran Gazdek/DW

Помош пристигнува од сите страни

Мирослав Новосел, Иван Шпиранец, Златко Шкрињар, Синиша Скец, Луција Ракијашиќ и Данијел, Нино и Дино Сараја пристигнаа од Питомача. „Моја пријателка живее во Греда Сисачка. Штом слушнавме што се случи, се собравме и дојдовме. Продавниците не работеа првиот ден, па им довезовме леб и храна, а момчињата помогнаа во расчистувањето на урнатините и во отстранувањето на оштетениот оџак. Во три куќи успеаја да ги поправат оџаците и да го покријат покривот “, објаснува Луција.

Домаќините организираа приватни контролни пунктови во селата, но пристигна толку многу храна, вода и облека што повеќе не можеа да ги прифатат, па граѓаните беа замолени повеќе да не носат помош, туку да ја остават во локалните хуманитарни организации кои имаат капацитет за соодветно складирање.

Бројни градежни компании веднаш дојдоа во Сисачко-мославачкиот округ (жупанија) нудејќи го своето знаење, искуство и механизација; угостители од Ријека, Сплит, Загреб и многу други места готват на лице место секој ден или довезуваат јадења зготвени во нивните објекти. Социјалните мрежи се полни со објави кои нудат конкретна помош во форма на семејно сместување или превоз на повредените до привремено сместување.

Фотографија: Goran Gazdek/DW

Помош доаѓа и од странство

Нема стопанска гранка, која не понуди помош. Хрватската пошта извести дека сите поштенски подружници можат да вршат бесплатни уплати за помош на настраданите од земјотресот на четири сметки - државниот буџет, Градот Петриња, Црвениот крст на Хрватска и хрватскиот Каритас, а поштата помага со сопствена донација од еден милион куни.

Освен државната помош, парична помош понудија сите окрузи, градови и општини. Хрватските католички мисии ширум светот исто така се вклучија во собирањето помош за жртвите, вклучително и мисиите во Германија, Швајцарија и во Австрија, каде што живеат бројни Хрвати.

Фотографија: Goran Gazdek/DW

Националниот завод за јавно здравје „Д-р Андрија Штампар“ и Хрватското национален сојуз на медицински сестри донираа заштитна медицинска опрема, униформи за медицински сестри и техничари, антивирусни одела, визири и ракавици. Во акцијата на Министерството за туризам и спорт, Хрватското здружение за туризам и Хрватското здружение за кампување беа обезбедени повеќе од 80 подвижни домови наменети за семејства погодени од земјотресот.

Граѓаните на Хрватска уште еднаш покажаа големо срце во трагедијата и подготвеност да помогнат во неволја.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми