Зетот на Трамп добива нова функција
27 март 2017Американскиот претседател Доналд Трамп денеска во Вашингтон ќе ја претстави новата американска служба за иновации и намалување на бирократијата. Нејзината цел ќе биде пренесување на идеи од деловниот свет во работата на владата.
Во изјава за „Вашингтон пост“, Доналд Трамп ја објаснил мотивацијата: „Независно од политичката определба, за сите Американци е очигледно дека стагнирањето на владата ја спречува нашата способност за правилно функционирање“.
Весникот „Вашингтон пост“ го цитира и Џеред Кушнер, кој треба да ја води новата служба: „Владата треба да функционира по принципот на голема американска компанија. Се надеваме дека на нашите клиенти, американските граѓани, ќе им испорачаме успех и ефикасност“, изјавил Кушнер. 36-годишниот сопруг на ќерката на Доналд Трамп, Иванка, веќе ја извршува функцијата советник на претседателот и има значително влијание врз внатрешната и надворешната политика. Главниот стратег на Трамп, Стивен Бенон, според „Вашингтон пост“, нема да биде вклучен во новата владина служба, иако негова заложба е „демонтажа на административната држава“.
Во почетната фаза, новата владина служба планира да се зафати со проблемите на воените ветерани, како и со борба против зависноста од опојни средства. Освен тоа, се планира и подобрување на техничката инфраструктура на владините служби.