Злото клечи во нас
19 јануари 2014Австриецот Штефан Рузовицки со својот филм „Радикално зло“ се осмелува да направи шпага меѓу објаснување и обвинување, и уште згора на тоа има намера да издејствува извлекување поуки за современото општество. Можно ли е сето тоа? Да, можно е. И тоа на овој начин - со еден вид документарен есеј. Станува збор за филм кој се занимава со прашањето: како од психички неупадливи млади луѓе настануваат убијци?
Извршителите на убиствата се членови на единиците кои под команда на злогласниот СС убиле околу два милиона Евреи на, од страна на Германија окупираните, територии во поранешниот Советски сојуз, во периодот од 1941 до 1944 година. Во филмот се бараат одговори од историчари и психолози, се прикажуваат оригинални цитати, дневници и судски протоколи. Историските сцени и не се вистински реконструирани со актерска игра, туку публиката најчесто во крупен план гледа само лица на непознати актери, а говорот доаѓа од наратор.
Филмско третирање на геноцидот, обид да се објасни необјаснивото - се смее ли тоа воопшто? „Да, може“, вели историчарот Андреј Ангрик, кој со години се занимава со истражувања на постапките на СС единиците. „Според мое мислење, не е забрането да се размислува и твори на која било тема“, вели Ангрик. „Има цела низа филмови во кои документарниот филмски материјал се меша со играни сцени. Тоа не е уривање на табуа или стилски прекршок, сѐ додека е видлив изворот на цитатите.“
Како функционираат механизмите на потиснување, како врз поединецот делува притисокот од страна на групата и притисокот на конформизмот? Рузовицки прикажува играни сцени од прочуени експериметни, како што се Стенфорд или Милграм-експериментот. Притоа, научници кои се занимаваат со истражување на однесувањето ја тестираат подготвеноста на испитаниците да измачуваат други луѓе поради наводни наредби „одозгора“. Тоа што филмот ги прикажува сцените на измачување дистанцирано и стилизирано не ја намалува поразителноста на резултатот од експериментот - мнозинството испитаници измачува други луѓе, се оди дури и до крајни граници.
Имале избор
Филмот недвосмислено јано го прикажува она што често се потиснува во свеста - припадниците на единиците СС и тоа како имале избор. Тие, доколку одбиеле да извршат наредба за убиство, не биле загрозени. Им се зканувало само преместување или немало да бидат унапредени. Историчарот Ангрик вели дека можело да се аргументира во стилот: „Не дојдов на фронт за да убивам жени и деца, туку да се борам“. Меѓутоа, доколку се аргументирало со идеолошки причини, тогаш војникот се соочувал со проблем.
Тогаш зошто?
Како од психолошки неупадливи луѓе, од нормални мажи, се создавале екстремни злосторници? Во филмот војниците душевно тешко ја преживуваат првата наредба за убивање, но потоа настапува групната динамика и притисокот на конформизмот. Преостанатото го завршува пропагандистичката индоктринација.
На крајот убивањето за војниците е нешто како валкана работа која морала да се заврши во името на остварување на повисоки цели. „Во нацистичката држава тоа била германска Утопија, перфектно општество“, објаснува Андреј Ангрик. „Евреите биле убивани не зашто се Евреи, туку затоа што тие и останатите прогонети, според размислувањето на националсоцијалистите, му стоеле на патот на остварувањето на ‘ариевскиот рај‘ на земјата. Војната на уништување била војна за Утопија, која им била ветувана само на оние кои учествуваат во тоа уништување.“
Злото во нас
Штефан Рузовицки со насловот на својот филм потсетува на делото на Емануел Кант, создадено на крајот на 18. век. Филозофот Кант, поедноставено кажано, аргументира вака: во секого лежи способноста да делува спротивно на општо прифатените норми. Познатиот психијатар Роберт Џеј Лифтон во филмот на Рузовицки зборува за „човечки потенцијал“ на еден поединец да прави зло. Кога точно злото ја пробива границата на општествено прифатливото и избива на површина? Лифтон тврди дека политичката култура на поединецот му ги промовира правилата на општествено дејствување.
Германскиот историчар Ангрик смета дека таквото објаснување не е доволно широко. Тој ги потенцира општествените раковни услови: „Според мое мислење, 95% од војниците во единиците СС во поинакво општество не би станале екстремни злосторници. Не е доволно само да се има политичка култура. Неопходни се образовани елити.“ Кога елитата - политичари, правници, актери, лекари - е имуна на труење со политичка идологија, тогаш и општеството се стабилизира“, верува Ангрик.
Ангрик, меѓутоа, ја нагласува пред сѐ улогата на законите во едно општество, особено кривичното гонење: „Државата мора да спроведува санкции, не само да се заканува со нив.“ Освен тоа, историчарот е убеден дека општеството не смее да направи грешка на „премногу толерантна култура на дискусија“. „Да се има разбирање за работите секогаш во себе крие опасност од ослободување од вина и со тоа опасност од одобрување.“
Ослободување и одобрување - филмот на Рузовицки не паѓа во ваква стапица. Убијците не може да тврдат дека немале алтернатива, или вината да ја префрлаат на некаква апстрактна нацистичка држава. Тие се лично одговорни за делата.