1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Злоупотребата на личните податоци на интернет во подем

6 мај 2009

Маријана Марушиќ, директор на Дирекцијата за заштита на податоците во Македонија во интервју на Дојче веле објаснува како функционира заштитата на институционалните и личните податоци во Македонија.

Маријана Марушиќ, директор на Дирекцијата за заштита на лични податоциФотографија: Marijana Marusic

Како функционира заштитата на личните податоци во Македонија, и што се подразбира под тоа?

Дирекцијата за заштита на личните податоци се труди колку што е можно оваа заштита на личните податоци да функционира како што треба. Нормално, тоа е еден долготраен процес, којшто треба да се спроведе во Република Македонија, за да може да се каже дека функционира заштитата на личните податоци на она ниво на коешто е потребно, како едно основно човеково право. Дирекцијата, од нејзиното конституирање од 2005 година, ги прави сите напори за да може во Република Македонија да се воведат сите стандарди и принципи коишто практично важат во сите европски земји за заштитата на личните податоци.

Каква е најчестата злоупотреба на личните податоци во Република Македонија?

Фотографија: AP

Постојат секакви злоупотреби, меѓутоа со оглед на тоа што информатичката технологија се развива многу брзо, најмногу се злоупотребуваат личните податоци на интернет. Граѓаните се’ повеќе го користат интернетот и неговите предности, меѓутоа истовремено не се свесни за опасностите кои ги носи интернетот од аспект на заштита на своите лични податоци. Кога тие ги изнесуваат своите податоци на интернет не се свесни дека некој може истите да ги злоупотреби. Најголем проблем има со младата популација, тие се најприсутни на интернет, тие постојано се на интернет, изнесуваат податоци за себе, за своите пријатели, за своите роднини за своите родители, изнесуваат многу слики и многу често се случува тие податоци да бидат искористени со додавање на некои погрдни содржини, на најразличен начин. Стануваат свесни откако ќе се случи злоупотребата. Токму затоа има многу млади лица кои се обраќаат до Дирекцијата за да се утврди повреда на ова право. Ние се обидуваме на секаков начин да влијаеме врз младата популација овие повреди да се доведат на минимум.

Дали злоупотребата на личните податоци е криминал?

Може да биде криминал. И во кривичниот законик е предвивдено посебно кривично дело, „Злоупотреба на лични податоци“. Тоа е криминал, меѓутоа не во секоја ситуација.

На пример...

Многу чест случај на злоупотреба е крадењето на идентитетот. Честопати во Дирекцијата се јавуваат лица коишто воопшто немале контакт со некој од телекомуникациските оператори, меѓутоа претходно ја загубиле или им била украдена личната карта и се случува некој друг да ги искористи нивните податоци и склучи претплатнички договор врз основа на којшто понатаму произлегува плаќање на фактури. Се случува лицата коишто воопшто не знаат за тоа, да добијат на домашна адреса фактура за долг којшто не го направиле. Многу чести се и злоупотребите на интернет. Во последно време проблем е и видео-надзорот, со оглед на тоа што и со вршењето на видео-надзор се врши обработка на лични податоци и многу често граѓаните реагираат на тоа дека се поставуваат видео- камери и таму каде што очекуваат да имаат приватност. Во последно време се случува да бидат поставени видео-камери во гардероби, во соблекувални, каде апсолутно не е дозволено во согласност со Законот за заштита на лични податоци.

Инаку со овој закон за првпат се воведоа одредби, со коишто се регулира видео-надзорот и точно е определено кога и каде може да се снима во насока на тоа што неможе да бидат поставувани видео-камери насекаде. Може да бидат поставени само заради безбедносни причини и таму каде што се истите поставени потребно е да има јасно известување дека тој простор се снима, да се знае кој го снима тој простор, и да има контакт телефон со оној којшто ги поставил видео-камерите. Значи се’ треба да биде во функција на обезбедување на објекти, на обезбедување на имот, а не во функција на нарушување на приватноста на граѓаните. Во овој поглед во рамките на ЕУ постои едно движење дека не треба вработените на работните места да бидат снимани. Во Македонија тоа се случува. Многу често вработените се јавуваат анонимно од причина што се плашат дека ако ги откријат своите податоци можеби ќе бидат избркани од работа, се јавуваат со поплаки дека на работнотo место се под постојан видео-надзор што апсолутно не е нормално, некој што се наоѓа на работното место, цело време да биде под видео-надзор. Има најразлични случаи и начини на коишто се злоупотребуваат личните податоци и неовластено се откриваат. Ќе го споменам на пример директниот маркетинг. Во последно време како граѓани добиваме писма, директен маркетинг кадешто самите сме изненадени од каде на пример таа компанија којашто ни го пратила тоа писмо ги има нашите лични податоци. Практично станува збор за користење на одредени бази на податоци кои на пример се собрани за одредена цел и сега веќе се користат во некоја сосема друга цел. На пример кога од некој фонд, не е битно дали станува збор за државен орган или приватна фирма, се користат податоците едноставно за некоја цел за која што не се наменети.

Што откога ќе се идентификува криминалот? Какви мерки преземате кога луѓето доаѓаат кај вас и се жалат?

Фотографија: picture-alliance/ dpa

Не би рекла криминалот, туку откако секој граѓанин ќе утврди дека неговите лични податоци се повредени, односно дека му се злоупотребени или неовластено откриени, тој се обраќа до Дирекцијата со барање да се утврди повреда на правото, по што Дирекцијата одлучува со решение дали е повредено неговото право на заштита на лични податоци или не. Веднаш откако ќе се утврди дали му е повредено правото, може да се поведе и прекршочна постапка од страна на тој граѓанин, исто така во Дирекцијата. Со измените и дополнувњата на законот за заштита на лични податоци од минатата година, Дирекцијата доби статус на прекршочен орган, така што Дирекцијата е таа којашто ги изрекува прекршочните санкции коишто се изразени во глоби. Тие се движат од 2.000 до 4.000 евра за правни лица, а од 500 до 900 евра за физички лица, контролори коишто обработуваат лични податоци. Секој којшто ќе има сознание дека има некое неовластено откривање или злоупотреба на лични податоци кај кој било контролор, без оглед дали е тоа во јавниот или приватниот сектор, има можност да и‘ се обрати на Дирекцијата и Дирекцијата врз основа на таквите сознанија може да изврши надзор над обработката на личните податоци, односно да прати свои инспектори кои ќе ја утврдат состојбата во конкретната компанија или во тој државен орган. Дирекцијата ги врши овие надзори врз основа на годишен план, значи се изготвува план врз основа на тоа кои се во моментов области кадешто сметаме дека треба да се утврди состојбата во однос на заштитата на личните податоци. Истовремено излегуваме и на лице место и вршиме надзор на секој повик или на секоја претставка од страна на кој било граѓанин.

Расте ли бројот на предмети во Република Македонија?

Апсолутно. Се зголемува бројот на граѓани коишто бараат да им се утврди повреда на право, расте бројот на оние коишто бараат да се изврши инспекциски надзор кај одредени контролори. Бројот на барања за мислења коишто ги издава Дирекцијата по однос на подзаконски акти, по однос на законски проекти и по однос на најразлични прашања од областа на заштитата на личните податоци, енормно се зголемува во последниов период. Тоа веќе зборува за подигање на свеста на граѓаните, тоа е показател дека граѓаните стануваат се’ посвесни за ова право на заштита на лични податоци. Меѓутоа факт е дека не можеме да кажеме дека развивањето на свеста може да се случи преку ноќ, значи тоа е процес кој полека се одвива. Сепак сметам дека во изминатиов период од триипол години и многу работевме на тоа и имаме резултати.

Ако се направи паралела со некоја друга европска земја или земја од Балканот, како стои Македонија со заштитата на податоците?

На рангот на земјите на Балканот стои најдобро и тоа не го кажувам јас туку тоа веќе го имаат потврдено и од Европската комисија. Од сите земји на Западен Балкан, Македонија има највисок степен на развој во областа на заштитата на личните податоци. Само во Македонија веќе е формирана оваа Дирекција и се’ функционира и не само што функционира, туку и целосното законодавство на Република Македонија е усогласено на Европското законодавство, така што се постапува по оние стандарди коишто Европа ги има поставено. Во останатите земји од Западен Балкан, дури сега започнува овој процес на воспоставување на адекватен систем за заштита на личните податоци. Што се однесува на паралела меѓу европските земји и Република Македонија, не можам да кажам дека заостануваме зад европските земји, бидејќи се’ она што е начело, се’ она што е принцип за заштита на личните податоци во тие земји, е поставено и кај нас. Единствено можеби недостасува нивното искуство коешто го имаат многу подолго време, ако се земе предвид на пример дека во Франција оваа дирекција постои од 1978 година или во Англија исто така. Тие имаат искуство по 30 години или повеќе, меѓутоа во секој случај веќе и во Репбулика Македонија ова право се имплементира.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми