1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Знаеме што правевте на 5. октомври!

Ивица Петровиќ/бг5 октомври 2015

Во изминатите 15 години слушнавме, видовме и прочитавме безброј анализи на случувањата од 5 октомври 2000 година кои ја променија политичката сцена во Србија. Полемиките, сепак, се уште траат...

Фотографија: Picture alliance/dpa

Петти октомври во јавноста во Србија воглавно се гледа како ден на демократските промени. Сепак, бројни се оние кои сметаат дека тоа беше голема пропуштена шанса за вистинска трансформација на Србија. Како главна причина се наведува фактот дека не се случи лустрација и дека претходната политичка гарнитура не мина низ тој процес. Уште поважно, повеќето од тогашните политички актери и денес се на власт, и тоа не на било кои функции.
Некогашниот генерален секретар на Српската радикална партија (СРС) Александар Вучиќ е српски премиер, тогашниот портпарол на Социјалистичката партија на Србија (СПС) Ивица Дачиќ е актуелен министер за надворешни работи, а поранешниот функционер на радикалите и потпретседател на Владата на Србија Томислав Николиќ, денес е претседател на Србија. Секоја година во пресрет на 5 октомври во детали се бележи што правеа тие денови лидерите на некогашниот ДОС, и како беше урнат Милошевиќ. 15 години подоцна, можеби е добра можност да се потсетиме каде беа и што правеа во тие октомвриски денови, некогашните високи функционери на партиите против кои народот излезе на улица.

Книги против заборавот

Дачиќ и Вучиќ на гробот на Зоран ЃинѓиќФотографија: Reuters

Новинарот Славиша Лекиќ тврди дека тие октомвриски денови во 2000. година Ивица Дачиќ „ги минал скриен во својот стан“. „Додуша, во еден период тврдеше дека дежурал во партиското седиште, но кога му предочија едно интервју во кој самиот објаснува дека во партијата упаднале луѓето на Батиќ, нагло ретерираше“, вели Лекиќ. „Претпоставувам дека и Вучиќ се криел, иако во едно интервју во 2003 година, се фалеше дека бил на улица и дека претепал некои луѓе кои го нападнале“.
Лекиќ неодамна ја објави книгата „Секој чест Вучиќ“, политичка автобиографија во која ги собра цитатите од изјавите на Александар Вучиќ од 1995 година до денес. Лекиќ за ДВ вели дека единствениот мотив за неговата книга била борбата против заборавот, исто како и при објавувањето на автобиографијата на Томислав Николиќ. „Тие двајца преку ноќ од 'шинелот на Шешељ' скокнаа во ефтини листер одела и едноставно сакаа јавноста таа нивна нова позиција да ја сфати како почетна“.
Книгата на Лекиќ е првата по падот на Советскиот сојуз која книжарниците во Србија одбиваат да ја продаваат.

Кој се криеше, а кој беше кооперативен?

Новинарот Предраг Поповиќ за ДВ објаснува дека „за жал одлично го познава Александар Вучиќ“. Признава дека по долгогодишната новинарска кариера ја направил најголемата животна грешка и ја прифатил понудата на Вучиќ да биде главен уредник на весникот „Правда“. Поповиќ вели дека на 5 октомври 2000 година тогашните радикали и социјалисти го правеле истото што го прават и денес.
„Вучиќ се сокри и чекаше да види што може да му се случи, доколку дојде до лустрација и забрана на СРС како што тогаш се говореше. Дачиќ се однесуваше како и мнозинството социјалисти: тие веднаш потрчаа да им се понудат на новите власти и да покажат дека се кооперативни. За разлика од Вучиќ, Дачиќ многу брзо успеа да воспостави комуникација со странците, со неколку највлијателни амбасадори, и тоа подоцна му помогна да ја преземе целата партија уште додека Милошевиќ беше жив“.

Предраг Поповиќ вели дека во СПС почувствувале дека доаѓаат промени и неколку дена пред 5 октомври нивните функционери се сокриле: ги исклучиле мобилните телефони, а некои од нив не ги вршеле ни своите државни функции и не доаѓале на работа. Радикалите одлучиле целосно да се сокријат.

Трансформација во големи Европејци

Трансформацијата на поранешните радикали и социјалисти во големи Европејци и заговорници на европските интеграции, не е ништо неочекувано, смета Поповиќ. „Тие воопшто не се променија, туку сега се разоткриени. Јас лично никогаш не им верував ниту на Дачиќ, ниту на Вучиќ дека се тврди српски националисти, патриоти, и дека веруваат дека западните граници на Србија се од Карлобаг до Вировитица. Тоа беше само репроматеријал за политичка пропаганда. И оваа актуелна трансформација покажува дека се подготвени да одиграат било каква претстава од која можат да имаат, пред сѐ, лична корист“. И Поповиќ е автор на неколку книги за актуелниот премиер Вучиќ, но и тие тешко ќе ги пронајдете во српските книжарници. Вели дека поради тоа што одлично го познава Вучиќ има и многу проблеми и добива и закани.

Томислав НиколиќФотографија: picture-alliance/ dpa/dpaweb

Славиша Лекиќ вели дека актуелната гарнитура на власт тајно го прославува 5 октомври и дека нивната трансформација во големи Европејци е неискрена. „Особено поради фактот што изостанаа 6 октомври и сосема логичниот процес за преиспитување на нивната улога во претходната деценија кој, освен катарзата, ќе подразбираше и малку затвор. Не можеме да зборуваме за искрен европски курс на земјата која ја водат нашминкан радикален автократ, а му терцира уценет социјалистички бирократ“, заклучува Лекиќ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми