1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Знак за политичка зрелост во Албанија

6 јули 2009

Движењето за социјалистичка интеграција на Илир Мета и‘ стави крај на политичката пат ситуација во земјата со објавувањето готовност да формира коалиција со конзервативната Демократска партија на премиерот Сали Бериша.

Од изборите во АлбанијаФотографија: DW

Преку најавата за коалиција, леволибералниот Илир Мета и премиерот Сали Бериша ја ослободија Албанија од пат позицијата, која се закануваше да ја парализира земјата со недели. Ова е доказ за политичка одговорност. Прв пат по крајот на комунизмот, во Албанија е можна коалиција која ги надминува старите политички табори, а заедништвото го става над поделбите. Движењето за социјалистичка интеграција е всушност отцепен дел на Социјалистичката партија, но отсекогаш се стреми да се ослободи од духовите на минатото. Ваков дух беше Фатос Нано, поранешен социјалистички премиер и како таков заколнат ривал на Сали Бериша. Нано беше тој кој го наведе Илир Мета, свој наследник на функцијата премиер, да ги напушти социјалистите, со торпедирање на неговата политика.

Покрај блискоста на гласачите на Движењето за социјалистичка интеграција на Илир Мета и на социјалистите, Бериша и Мета имаат барем уште нешто заедничко: нивното ривалство со социјалистите.

Трипартиски систем

Сали БеришаФотографија: AP

Јасно е дека новиот пропорционален изборен систем на речиси сите помали партии им ја одзеде основата. Во новиот парламент има само шест партии, од кои три имаат секоја по едно пратеничко место. Во суштина, значи, останува трипартиски систем. Во него е потребна способност за коалицирање со надминување на идеолошките и личните конфликтни линии.

Релевантните политички партии во земјата и без тоа програмски речиси и не се разликуваат една од друга. Тие стремат кон либерален економски систем со основно социјално осигурување, се безусловни поддржувачи на НАТО и сакаат да ја воведат земјата во ЕУ. Конфликтите меѓу двете партии не произлегуваат од идеолошки причини, туку од борби за поделба на сопствените групи приврзеници и длабоко вкоренетата меѓусебна недоверба.

Во ваков случај, останува надежта дека новата коалиција ќе донесе и нова политичка култура. Изборите покажаа дека и управата технички е многу подобро опремена отколку во последните децении, но политичките партии ги користеа управните органи за политичка борба за власт.

Новата коалиција нуди шанса за конечно создавање на непартиска администрација, која нема да биде политички инструментализирана и за време на цел легислативен период ќе ужива континуитет и доверба. Бериша и Мета треба да ја искористат оваа шанса.

Автор на коментарот: Фабијан Шмит

Превод: Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска





Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми