Знаци за промена на курсот во Турција
19 мај 2014Турските власти ги забранија сите манифестации во Сома по тешката рударска несреќа. Истовремено, владата подготвува помош за погодените семејства. Премиерот Реџеп Таип Ердоган очигледно сака да ги минимизира последиците од несреќата, со оглед на тоа што се очекува тој да се кандидира на претседателските избори. Протести и потиштени луѓе не одговараат во сликата.
Турската влада затоа по завршувањето на спасувачките активности во Сома сака да покаже одлучност и делотворност. Ердоган, според медиумски информации, подготвува и финансиска поддршка за роднините на 301 загинати рудари од Сома. Неговиот советник Ибрахим Калин во меѓувреме се заложи за стриктни безбедносни и здравствени прописи за рударската индустрија.
До пред само неколку денови Ердоган говореше поинаку. При несреќниот настап на премиерот во Сома минатата среда тој наведе дека рударските несреќи биле неизбежна придружна појава во браншата. Тој не наведе дека е неопходно со воведување стриктни правила да се извлечат поуки од катастрофата.
Тест за Ердоган
Опозицијата претпоставува дека зад најавите стои обидот на владата целата вина да се префрли врз претпријатието Сома Холдинг или дури на поединечни соработници на претпријатието. Акиф Хамцацеби, заменик шеф на пратеничката група на опозиционата партија ЦХП во парламентот во Анкара, ја обвини владата дека сакала еден менаџер кој загина во несреќата да го направи жртвен јарец. Ваква цел имал налогот на владата на Ердоган за формирање на истражна комисија во парламентот. Исто така и опозицијата сака несреќата да се истражи од страна на пратениците, меѓутоа од аспект на грешките на владата и властите.
Во заднината на политичките маневри на партиите стојат претседателските избори закажани за 10. август. Се очекува дека Ердоган ќе се кандидира на изборите. Според акнектите, актуелниот премиер има добри шаниси да биде избран за шеф на државата. Но, сега се наметнува прашањето дали несреќата од Сома и односот на владата со трагедијата ќе има политички последици за премиерот.
Одговорот може да дојде на дополнителното гласање за неодамнешните локални избори. На 1. јуни градоначалници треба да изберат граѓаните во Јалова на Мраморното Море крај Истанбул и на Агри на планината Арарат на истокот на Турција. Тамошните резултати од локалните избори на 30. март беа поништени поради разни приговори. Доколку АКП на Ердоган претрпи големи загуби на овие избори, тогаш тоа би можело да значи големо незадоволство кај избирачкото тело поради несреќата во Сома.
Можни се негативни влијанија
Колумнистот Емре Услу, кој е критички настроен кон владата, смета дека партијата на Ердоган ќе биде казнета поради Сома на 1. јуни. „Можни се негативни влијанија“, напиша Услу на Твитер. Тоа би можело да се случи доколку се утврди дека барем некои од обвинувањата за властите и владата се точни. Така министерот за труд Фарук Челик во разговорите со семејствата на рударите во Сома постојано го конфронтираат со фактот дека во рудникот работеле многу работници од субпретпријатија, кои по правило се лошо платени. Овие претпријатија, како што се вели, не дозволуваат синдикати и ги бие глас дека ја зголемуваат својата добивка со помош на нелегални и опасни работни услови.
Министерот вели дека ќе ги провери ваквите информации. Но, досега владата на Ердоган ги отфрла сите обвинувања. Дури и советникот на Ердоган Јусуф Јеркел, кој во Сома клоцаше демонстрант, сѐ уште е на својата функција.
Колумнистот Мурат Јеткин од весникот „Радикал“ зад одбивањето на владата да признае и најмала грешка гледа нејзина свесна стратегија. Бидејќи владата, според него, стравува дека „со првите сопки сѐ ќе загуби“. Затоа Ердоган ги брани оние како Јеркен. Сопствените редови треба да бидат непробивни.