1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Значењето на Јужен тек за Австрија

Јохана Шмелер/ Симе Недевски25 јуни 2014

За три години би требало руски гас преку Србија и Унгарија да протекува до Австрија. Дали Австрија е на пат да стане голем играч на пазарот на гас? Не, вели енергетскиот експерт Клаудија Кемферт во интервју за ДВ.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Дојче веле: Шест европски држави енергично го поддржуваат Јужен тек, меѓу нив и Австрија. Во Виена, Австрија и Русија потпишаа договор за изградба на Јужен тек. Какви се австриските очекувања?

Клаудија Кепферт: Пред сѐ станува збор за тоа јужна и источна Европа да бидат добро снабдени со гас. Во минатото снабдувањето се спроведуваше преку неколку гасоводи, повеќе или помалку добро. Сега се бара подобро решение, а Јужен тек е замислен како алтернатива за гасоводот кој поминува низ Украина. Земји како Австрија, ќе профитираат од тоа.

Какви се стратегиските интереси на Австрија?

Тука настанува таканаречен „гасен јазол“. Се разбира дека Австрија има интерес, ама и цела Европа има интерес, бидејќи украинската криза покажа дека конфликтите непосредно го погодуваат југот на Европа. Да се користат може само неколку алтернативни гасоводи. Со Јужен тек Украина ќе може да се заобиколи, а преку Австрија ќе можат да се снабдуваат и други европски земји.

Дали е замисливо Австрија да стане „голем играч“ на европскиот пазар на гас?

„Голем играч“ би било претерано, ама веќе поради самата географска положба среде Европа, Австрија е важен трговски центар за гас. Исто така гасоводот е важен и поради дистрибуцијата во западна и во јужна Европа.

Клаудија КемфертФотографија: picture-alliance/dpa

Дали диверзификацијата на транспортните патишта е предност и за Германија?

За самата Германија, Јужен тек не е клучната врска, бидејќи Германија многу профитира од Северен тек, преку кој руски гас стигнува директно во Германија, а потоа се транспортира натаму. Овој гасовод во моментов не работи со полн капацитет. Притоа, Европа сѐ повеќе се врти кон течниот гас, а за таа цел уште ѝ е потребно да изгради систем гасоводи кон источна Европа.

Во Договорот за Јужен тек се прецизирани деталите околу финансирањето и распределбата на добивката. Дали сметате дека Русија и Австрија ќе бидат рамноправни партнери?

Како испорачател на гас Русија секогаш има можност да одлучи кој гасовод кога, како и каде ќе биде користен. Европа, па така и Австрија, се големи потрошувачи на гас и во интерес им е да има што повеќе гасоводи. Зависноста значи е заемна. Ни за едната, ниту за другата страна не може да се каже дека е во подобра позиција. Важно е тие да се согласат со цел гасот да може да се испорачува, а потоа и да се користи на западот и на истокот на Европа.

Властите во ЕУ се запознати со австриско-рускиот договор. Дали Австрија ризикува нарушување на добрите односи?

Европа во однос на Јужен тек би морала да ги следи политичките интереси и да инсистира на тоа да се спроведува европското право. Доколку не е нарушен законот за заштита на конкурентноста, ни Европа не би требало да има ништо против договорот. Австрија, како и други европски земји, има полза од гасоводот и тоа нема да влијае врз добрите односи.

Кладудија Кемферт од 2004. година раководи со одделот „ Енергија, сообраќај, животна средина“ на Германскиот институт за економски истражувања (ДИВ) во Берлин. Таа е професорка по енергетска економија и одржливост, а работи и како консултант и политички советник.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми