1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зоврива атмосферата во пресрет на изборите

14 ноември 2016

На ДУИ (пред)изборно и стигнува за наплата цехот за сите нерешени проблеми кои во изминатите години ги туркала под тепих, велат познавачи на состојбите во партијата, по вчерашниот инцидент во Кумановско

Mazedonien Zentrum von Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Епизодата со ДУИ навестува атмосфера во која гневот и незадоволството ќе го држат главниот збор, пронозираат аналитичари, по вчерашниот инцидент во Кумановско, кога локални жители  го искажаа незадоволство кон ДУИ со блокада на патот и со кршење на стаклото на едно од возилата со кои пристигна партиската делегација.

„Кризата не доживеа вистинска катарза без оглед на големиот број протести и на Македонците и на Албанците, туку придонесе да се случи еден вид внатрешна имплозија од незадоволство кое тлее кај граѓаните поради разни нерешени проблеми- егзистенцијални, социјални, (дез)интегративни и ред други, а кои кулминираа по она што тие го слушнаа во 'бомбите'. Снимките, пак, на еден потценувачки и дрзок начин беа игнорирани од естаблишментот, што придонесе револтот да расте и да добива димензии, кои сега никој не ќе може да ги предвиди“, вели поранешен член на ДУИ, кој поодамна ја напушти партијата незадоволен од нивото на внатрешна демократија. 

ДУИ: Злоупотребена болката на луѓето 

Жители од кумановско Черкезe вчера го блокираа патот кон угостителскиот објект каде што Али Ахмети требаше да одржи средба со активисти на ДУИ. Тие биле предводени од роднини и пријатели на покојниот Џемаил Реџепи (командант Шќипоња), кандидат за претседател на огранок на ДУИ, кој минатата година беше убиен во инцидент со други членови и локални функционери на партијата.

Демонстрантите фрлале со камења кон возилата во кои се наоѓал претседателот на ДУИ и другите функционери од партијата, но тие во придружба на полициските екипи успеале да влезат во објектот каде бил организиран собирот. Во изјава за медиумите ДУИ вчера остро ги осуди незаконските акти против караванот на нивната делегација.

„Изразуваме жалење за срамната злоупотреба на болката на луѓето од страна на некои нови политички групи кои сакаат да се афирмираат преку очајни постапки. ДУИ го осудува секое насилство како политичко средство и е решителна да го продолжи својот политички пат, разговарајќи со граѓаните“, се вели во реакцијата на ДУИ.

Според снимките од настанот, и демонстрантите имале намера да разговараат за одредени теми, за кои сметаат дека во ДУИ се премолчуваат. За тоа сведочат паролите со кои демонстрантите го потсетуваат Ахмети на убиството на Џемаил Реџепи, на настаните во кумановската Дива Населба, на случаите „Сопот“, „Монструм“, како и на тешката состојба на Албанците во Кумановско.

Фотографија: DW

Освежувањата“ во ДУИ - параван

ДУИ под притисок на критиките лани ги реконстуираше нејзините „вечни министри“ од Владата и ги замени со млади и некомпромитирани кадри, но тоа не ги смири тензиите. Дел од електоратот во тој чин препозна параван кој треба да скрие дека клучните одлуки во ДУИ и натаму ги носат истите лица со кои е опкружен Ахмети, а кои ги сметаат за корумпирани прислужници на Груевски, односно за класични вазали на ВМРО-ДПМНЕ, што работат исклучиво за лични, а не за интересите на Албанците. Навестувања за суштински промени не препознаа ниту во имињата што ДУИ ги кандидираше на пратеничките листи за парламентарните избори во декември.

Аналитичарот Арсим Зеколи смета дека преку кандидатските листи денес е спроведено само „елегантно чистење на ДУИ од проердоганистичко крило“, а се додека политиката во земјата се диктира од Груевски и Ахмети, ситуацијата не само што нема да се подобри, туку сигурно ќе води кон ескалација.

„Нивното отстранување е предуслов за исчекор напред од перпетуалната криза на кој сме осудени. Во спротивно, не ни гине иднината во која можеби не следните, можеби не ни последователните, но следните по ред избори ќе бидат решавани не помеѓу етнички заедници или политички партии, туку помеѓу верски милиции“, оценува Зеколи.

Без внатрепартиска демократија

Џемаил Реџепи беше убиен лани на 23 јули, а уште две други лица повредени во престрелка. Познавачите на состојбите во ДУИ тогаш изјавија дека инцидентот не бил неочекуван, туку дека е резултат на длабоки внатрешни недоразбрања какви што има не само во партиските ограноци во Куманово, туку и во Струга, Тетово и Сарај. ДУИ преку соопштение од три реда изрази жалење за трагичниот настан, сочувство до семејството на лицето што го изгуби животот, а на повредените им посака побрзо закрепнување.

Бајрам Лимани, тогашен в.д. претседател на разгранокот на ДУИ во Куманово, кој бил еден од учесниците во инцидентот, изјави дека тој и неговиот придружник посегнале по оружјето во самоодбрана. Тој и Амир Љатифи беа обвинети за убиството на Реџепи, а судот на 30-ти септември годинава ги пушти во домашен притвор. Поради ваквата одлука, роднини на убиенот Реџепи побараа случајот да го преземе СЈО.

„Судењето е оркестрирано. Убијците се пуштени на домашен притвор што нема никаква логика. Мислам дека и крајот на судењето ќе биде нелогичен. Судењето нема да биде фер. Знаеме какво ни е судството и затоа инсистираме, бидејќи не му веруваме на овој суд кој е партински орган, овој предмет да го преземе Специјалното јавно обвинителство“, изјави Љузим Алити, роднина на Џемаил Реџепи, кој бил сведок во случајот.

Петрит Менај, автор на неколку книги за конфликтот во 2001 година, лани за БИРН изјави дека проблемот во Куманово можел да се предвиди, па оттаму одговорноста ја гледа во врвот на ДУИ.

„Во ДУИ има пропусти во организациска смисла, бидејќи централното претседателство не требаше со наредба да го поставува Бајрам Лимани на позицијата претседател на огранокот. Ова што се случи е недостиг на капацитетите за внатрепартиска демократија, бидејќи ако имаше пет кандидати за сите требаше да има гласање во собранието на огранокот“, изјави Менај.

Според познавачите на состојбите во ДУИ, на таа партија сега (пред)изборно и стигнува за наплата цехот за сите нерешени проблеми кои во изминатите години ги туркала под тепих, и таа автоматски ќе ги диктира и провоцира настаните, во зависност од тоа дали ќе ги решава проблемите или ќе ги игнорира. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми