1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зоолошките градини си ги убиваат животните

Марк Ерат / Борис Георгиевски6 јули 2014

Сличен скандал како убивањето на жирафа во зоолошката градина во Копенхаген ја тресе и зоолошката во швајцарски Берн. Речиси сите 400 зоолошки градини во Европа редовно одлучуваат кои животни ќе продолжат да живеат.

Фотографија: Lutz Schnier

Во зоолошката градина Делхелцли во Берн, чуварот Томас Цурбухен е како сурогат татко. Одгледал многу мечки, меѓу нив и Миша и Маша. Беше предвидено нивните потомци да растат со вистински мечешки родители. Но тој обид не успеа: едно од мечињата беше веднаш убиено од таткото Миша, очигледно од љубомора.

„Тоа беше причината што го загубивме првото мече, возрасниот мечок го претепа до смрт. И со другото мече Миша започна игра која беше премногу груба, па одлучивме тоа да не го дозволиме и второто го евтанизиравме“, објаснува Томас Цурбухен, чувар на животни во Зоолошката градина во Берн.

Поради усмртувањето на здравото мече во Берн имаше жестоки протести. Но, во Зоолошката градина останаа тврдокорни. Не прифатија ни понуди од други зоолошки градини да го преземат мечето; велат, немало друга алтернатива.

„И претходно се обидувавме да ги раздвоиме нив двајца, но тоа доведуваше до екстремен стрес на обете страни“, објаснува Цурбухен.

Мечките се заштитен знак на швајцарскиот главен град БернФотографија: DW

Бернд Шилдгер, директор на Зоолошката градина Берн, не крие дека младото мече е усмртено.

„Колку повеќе подиумски дискусии ќе се одржат, колку повеќе текстови во весниците и телевизиски прилози се објават, колку почесто се тематизира односот на човекот и животните, толку и нашиот однос кон животните ќе биде попромислен и можеби и порационален. Доколку мечките постојано ги третираме како наши мали маскоти, тоа нема многу да ни помогне“, вели Шилдгер.

Но, на многу посетители на зоолошката најважен им е токму забавниот аспект. Тоа се однесува на мајмуните, но првенствено на мечките. Градот Берн има посебен однос кон мечките, бидејќи тие со векови го красат грбот на градот.

Заштитниците на животните одамна се начисто дека програмите за одгледување имаат само една цел.

„Кога мечките, тие посебно, оти овде мечките се особено ценети, ќе добијат потомство, тоа привлекува посетители во Зоолошката градина, што значи и профит“, вели Тобиас Зенхаузер од организацијата за заштита на животни „Животните во фокус“.

Таков прекор заслужи и Зоолошката градина во Копенхаген: здрав жирафа-мажјак беше убиен и распарчен пред публиката. Неговите гени не се вклопуваа во програмата за одгледување.

Откако беше убиена жирафата во зоолошката градина во Копенхаген, нејзиното тело послужи како храна за лавовите и другите диви животниФотографија: picture-alliance/dpa

Тоа не е осамен случај. Околу една петина од храната за лавовите во Копенхаген е од убиени животни од Зоолошката градина; практика која ја бранат и во Берн.

„Убивањето како дел од управувањето со животинското одгледување е разумно и одговорно, оти мора да се избегне дефектна генетска основа за натамошно одгледување, можеби и за да се зачува некој животински вид, и да не се продуцираат животни со генетски дефект, како примерот со џуџест раст на бизоните - случај што го имавме тука“, вели директорот на Зоолошката во Берн Берн Шилдгер.

Благодарение на одгледувањето во зоолошките градини, бизоните повторно ги освоија европските дивини, иако сите денес живи бизони потекнуваат од 12 предци. Но, заштитниците на животните велат дека кај мечките не станува збор за загрозени видови.

„Единствена алтернатива ќе беше воопшто и да не дојдеше до оваа ситуација. Можевме и порано да ги стерилизираме мечките и така немаше да добијат потомство. Сметам дека тоа беше фатална одлука“, вели Зенхаузер.

Поента за која во зоо-паркот Делхелцли повторно размислија. Мечокот Миша сепак е стерилизиран, со што засега се напушта концептот животните да се размножуваат по природен пат во неприродни услови.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми