1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Зошто Албанците во Швајцарија не се вакцинираат

БГ
26 август 2021

Уделот на мигрантите во случаите на тешки заболувања од коронавирус во Швајцарија е висок. Тамошните научници сега истражуваат на што се должи тоа.

Berlin | Grippe | Impfung
Фотографија: Omer Messinger/ZUMA Wire/imago images

Огромно мнозинство од околу 200 корона- пациенти кои во моментов се наоѓаат на интензивна нега во швајцарските болници имаат миграциско потекло, пишува весникот Ноје Цирхер Цајтунг. Во Швајцарија, како и во поголемиот дел на Европа, не се води статистика за етничкото потекло на пациентите, па научниот тим на владата истражувал каде се заразиле болните пациенти. Околу 40 проценти од заразените дале податок за местото на заразување, а од нив, околу 80 проценти или четири-петини одговориле дека тоа било во Косово или Северна Македонија. Со оглед на тоа што од овие земји потекнуваат голем дел од Албанците кои живеат во Швајцарија, тамошните власти се сомневаат дека новиот бран на заразени од коронавирус се должи на нивните летни патувања. 
„Во Косово и Северна Македонија“, пишува НЦЦ, „корона-инциденцата, а со тоа и опасноста од зараза е далеку повисока од кај нас. Но самото тоа не го објаснува феноменот на бројните етнички Албанци кои завршуваат на интензивна нега во Швајцарија. Доколку се бараат други причини брзо се доаѓа до прашањето за вакцинацијата, а потоа и до општата здравствена состојба на албанското јазично население“. 

Образованието- главен фактор

Швајцарскиот научен тим сега работи со хипотезата дека стапката на вакцинирани луѓе во одредени региони на Балканот е потпросечна и се обидува да утврди кои се факторите зад тоа. 
„Според една студија на истражувачкиот институт Сотомо, подготвеноста за вакцинирање кај лица со високо образование е далеку повисока од онаа кај лицата со пониско образование. Тоа важи и за Албанците во Швајцарија чиј степен на образование е под просекот во земјата. Според Ана Лити од градската здравствена управа во Базел, мигрантите притоа се и лошо информирани за тоа каде можат да се вакцинираат и кој плаќа за тоа“. Притоа, наведува НЦЦ, многу мигранти кои работат слабо платени и физички работи, стравуваат дека ќе мора да отсуствуваат поради вакцинирањето.
„Има луѓе кои се борат за секој денар и внимаваат на тоа“, вели бизнисменот и интеграциски политичар од Винтертур, Блерим Буњаку. 
Но, научниците утврдиле и други фактори кои играат важна улога. 
„Косовската дијаспора е многу блиску поврзана со своите роднини и пријатели во татковината преку Скајп, Ватсап или Вибер и, особено, постарите генерации конзумираат само косовски медиуми. Лицата, чиј мајчин јазик не е германскиот, следат вести од татковината кои најчесто не се на иста линија со оние од Швајцарија“. 
Дополнително, како што објаснува миграцискиот експерт Хамит Зекири, Албанците во Косово, но и во Швајцарија се многу млади. „Кога имате малку лица со висок ризик во вашето опкружување, веројатно тоа ја ограничува мотивацијата да се вакцинирате“, вели тој. 

Големо мнозинство од швајцарските Албанци рекле дека се заразиле во Косово или Северна МакедонијаФотографија: DW/Petr Stojanovski

Потеклото не е фактор 

Политологот Ненад Стојановиќ смета дека не е миграциското потекло фактор во ваквите случаи, туку ниското ниво на образование.
„Многу повеќе постои корелација меѓу ниската подготвеност за вакцинација и руралното милје, ниските плати и ниското ниво на образование- без оглед дали луѓето имаат миграциско потекло“, вели Стојановиќ. 

-повеќе на темата: Мигрантите во Германија побрзо губат работа во пандемијата

Уште еден, дополнителен, фактор кој влијае на високата смртност кај лицата со мигрантско потекло е и тешката физичка работа. 
„Познавам многу Албанци на 50 или 60 години, кои работат во градежништвото и поради тоа имаат тешки телесни проблеми“, вели бизнисменот Буњаку.
Овие ризични фактори тешко се надминуваат краткорочно па затоа, пишува НЦЦ, здравствените власти сега се обидуваат преку информативни кампањи на албански јазик во албанската заедница да го подигнат нивото на вакцинирани. Тие кампањи се водат преку дописи до училиштата, верските и мигрантски заедници, како и со ангажирање на околу 100 личности со мигрантско потекло кои делуваат како некој вид инфлуенсери. 
Можна дополнителна точка на поврзување може да биде и религијата, па бизнисменот Буњаку предлага да се нудат вакцини и пред џамиите и тоа во петоците, пред молитвата на муслиманите. 
„Тогаш многу луѓе се среќаваат на молитва и доколку се вакцинираат, тоа би можело да ги мотивира и другите од нивното опкружување“, вели тој за НЦЦ.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми