1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто Асад не „паѓа“?

Нилс Науман / Елизабета М. Фиданоска17 април 2014

Не така одамна многумина набљудувачи беа убедени дека паѓањето од власт на сирискиот претседател Башар ал-Асад е само прашање на време. Но листот е завртен. Асад се чувствува сигурен. Зошто?

Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Малула е местенце кое во мирните времиња во Сирија беше туристичка атракција. Тоа е една од најстарите христијански населби во светот. Но туристи во Малула не дошле одамна. Од почетокот на граѓанската војна за малото место, на околу 50 километри северно од Дамаск, се интересираат други. Владетелите се менуваат постојано. Малула последно со месеци беше во рацете на сириските бутновници, а пред неколку дена трупите на Башар ал-Асад ги протераа бунтовниците од Малула.

Повторното освојување на градот е дел од голема офанзива. Од ноември, владата повторно ја презеде контролата врз голем дел од регионот Кваламун, меѓу Дамаск и Хомс. „Регионот е екстремно важен за безбедноста на Дамаск“, објаснува Хишам Џабер, поранешен генерал во либанската армија. Зашто, низ овој регион минуваат важни снабдувачки рути на бунтовниците. Преку ова подрачје главниот град се снабдува со оружје, а низ регионот минува и важен пат кој ги поврзува Дамаск, Хомс и пристанишниот град Латакија.

Офанзивата на Асад

Регионот Кваламун е само еден пример за военото напредување на Асад. „Во изминатите месеци трупите на Асад постигнаа редица воени успеси“, вели Себастијан Зонс, експерт за Сирија во Германскиот институт за Ориентот. Бунтовниците се потиснати од многу стратешки позиции. Во некои региони, пред се‘ на територијата околу Дамаск, склучени се локални прекини на огнот. Претходно, трупите на Асад ги бомбардираа со месеци овие подрачја, квартови или предградија. Истовремено, стопирано беше доставувањето на храна и лекови. Режимот ваквите локални прекини на огнот ги претставува како дел од „националното помирување“. Со ваква стратегија на владата и‘ успеа да си ја зацврсти власта во Дамаск. На тој начин беше овозможено префрлање на дел од трупите за борби на други места во земјата.

Во едно предградие на Дамаск има „локално примирје“Фотографија: Reuters

Силата на Асад

Експертот за Сирија од ГИГА-институтот за Блискоисточни студии, Андре Банк, оценува дека има повеќе причини за новата сила на Асад. Прво, тој успеа да го запре дезертирањето во армијата. „Тој може да ги држи под контрола своите војници.“ Трупите добиваат плата, меѓу другото благодарение и на финансиската поддршка од Иран. Истовремено, дезертирањето се казнува драконски.

Освен тоа, армијата е зајакната и со милиционери. Тоа се борци на алевитското малцинство, чиј припадник е и претседателот, но има и припадници на либанската шиитска милиција Хезболах, потоа шиитски милиционери од Ирак, како и припадници на иранската Револуционерна гарда.

Силата на Асад, меѓутоа, лежи и во слабоста на сириската опозиција. „Нема обединета опозиција, веќе нема обединет фронт против Асад“, констатира Себастијан Зонс. Бунтовниците во меѓувреме почнаа да се борат и едни против други. Наспроти умерените групи како Слободната сириска армија стојат радикалните исламистички џихадисти. Тие дури и меѓусебно се искарани. Покрај сето тоа, бунтовниците немаат ниту доволно оружје.

Припадник на ИСИЛ, една од бунтовничките групи кои се испокарани дури и меѓусебноФотографија: Radwan Mortada

Асад доби малку повеќе на вредност и во меѓународни рамки преку договорот за уништување на сириското хемиско оружје. „Поради ваквото ветување тој може да си продолжи со водењето конвенционална војна во Сирија“, вели Зонс.

Убеденоста на Асад во победа

Башар ал-Асад, со оглед на напредувањето на неговите трупи, е самоуверен. Пред студентите во Дамаск минатиот викенд (12/13.04) тој рече дека конфликтот стигнал на „точка на пресврт“. Зонс смета дека тоа е пропаганда. Асад ја има зацврстено својата позиција, но Зонс е убеден дека тоа не значи и скорешна победа на режимот над бунтовниците. Андре Банк има сличен став: „Повторно освојување на целата земја е навистина нереално.“

Башар ал-Асад не си заминуваФотографија: picture alliance/dpa

Сепак, Сирија и светот и натаму го имаат Асад. Бунтовниците немаат сила да бидат навистина опасни за Асад и неговите трупи, а во моментов никој и не сака сериозно да преговара за мировно решение за конфликтот. Засега се‘ продолжува во насока на задржување на статус кво во Сирија.

Така Башар ал-Асад намира може да си го подготвува својот реизбор. Во јуни, како што се вели во Сирија, избирачите треба да гласаат. Претседателот ќе се кандидира за уште еден седумгодишен мандат. Никој не се сомнева дека и ќе го добие.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми