1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Зошто Германија не ја снабдува Украина со тенкови?

Роберт Маџ
26 април 2022

Берлин е под притисок да ѝ испорача тешко вооружување на Украина, но тоа засега се отфрла. Се чини дека Германија пронајде друг модел - им донира оружје на земјите кои ја вооружуваат Украина.

Германски тенкови од типот Мардер: Дали во иднина ќе бидат користени во Украина?
Германски тенкови од типот Мардер: Дали во иднина ќе бидат користени во Украина?Фотографија: Armin Weigel/dpa/picture alliance

Според Договорот за конвенционални вооружени сили во Европа, сите тенкови и оклопни возила и сите артилериски орудија со калибар 100 мм и повеќе - се сметаат за тешко вооружување. Борбените авиони и јуришните хеликоптери, исто така, се класифицираат во тешко вооружување.

Германија го следи примерот на своите сојузници

Мантрата на канцеларот Олаф Шолц од избувнувањето на војната во Украина гласи дека сѐ што прави е во блиска координација со партнерите од НАТО и од ЕУ. На прес-конференција минатиот вторник (19.04) тој укажа дека земјите како Канада, Британија и САД испорачуваат исто оружје како и Германија.

Германскиот канцелар Олаф ШолцФотографија: Lisi Niesner/AFP/Getty Images

Но, САД во четвртокот објавија нов пакет воена помош за Украина од 740 милиони евра, вклучувајќи и тешка артилерија. Со тоа американската воена помош преминува 3 милијарди долари од почетокот на руската инвазија.

Наспроти тоа, според податоците на германското Министерство за економија, Германија од почетокот на април за воена помош на Украина издвоила околу 186 милиони евра. Тоа е главно користено за купување на проектили за противвоздушна одбрана, митралези, муниција и заштитна опрема - но, не и тешко вооружување.

Двојна порака од Шолц

Професорот Карло Масала, експерт за одбрана и безбедност на Универзитетот на Бундесверот во Минхен, вели оти Шолц од една страна ѝ испраќа порака на Русија. Од друга страна, тоа е и сигнал до германското население и партијата на Шолц, социјалдемократите, кои интензивно расправаат за оваа тема. „На Шолц му се потребни сите оние кои не сакаат да се испорача тешко вооружување, бидејќи мислат оти тоа ќе го ескалира конфликтот и ќе ја направи Германија руска цел“, вели Масала.

Загриженоста е оправдана, но е тешко прифатлива кога се слуша дека неколку западни земји испорачаа тешко вооружување, напиша на Твитер украинската пратеничка Лесија Василенко.

Професорот за меѓунаротна политика Карло МасалаФотографија: unibw.de

Чешка, исто така, наводно, се согласила да испорача неколку десетици советски тенкови Т-72 и оклопни возила БМП-1. САД минатата недела соопштија оти наскоро ќе испратат 11 хеликоптери Ми-17 од руско производство, 200 оклопни транспортери М113 и 90 полски хаубици од 155 мм со 40.000 артилериски гранати, што се смета за тешко вооружување. Франција во петокот соопшти дека на располагање ќе стави хаубица Цезар (калибар 155 мм). Холандија, исто така, сака да испорача самодвижечки хаубици.

Бундесверот ги достигнува своите граници

Германија објави дека не е во можност да пружи натамошна воена помош за Украина, бидејќи тогаш нема да може да ги исполни своите обврски. „За да обезбедиме оперативна способност на нашата војска, потребни ни се системи на вооружување“, изјави Маркус Лаубентал, заменик началник на генералштабот на Бундесверот. На пример, тенкот Мардер е потребен за национални и за НАТО задачи.

Мардер е борбен систем кој вклучува наведувани проектили, малокалибарско оружје и муниција, и е потребна опсежна обука. Иако би можело да се скрати времето за обука, „сѐ уште во прашање се недели, а треба и да се подготви и опремата“, вели Лаубентал.

Тој со тоа реагираше на изјавите на украинскиот амбасадор во Германија, Андриј Мелник, еден од најжестоките критичари на ставот на германската Влада. „Несфатливо е тврдењето дека Бундесверот не е во позиција да ѝ испорача нешто на Украина“, рече неодамна Мелник. Германија има околу 400 Мардери. Од нив 100 се користат за обука и веднаш би можеле да се предадат на Украина, додаде тој.

Андриј Мелник, украински амбасадор во ГерманијаФотографија: picture alliance/dpa

Експертот за одбрана Масала верува дека Владата таа изјава ја користи како изговор. „Ако одбраната на територија на НАТО зависи, на пример, од 20 германски тенкови, тогаш не би требало ни да се обидуваме да ја браниме, бидејќи тоа би била катастрофа“, вели тој.

Фирмата Рајнметал која го произведува Мардер, пак, официјално упати барање до германската Влада да извезе 100 вакви половни тенкови во Украина. Сега официјален Берлин ќе биде принуден да каже „да“ или „не“.  Весникот „Велт“ пак вчера објави и дека Рајнметал упатил барање до владата и за извоз во Украина на 88 тенкови од типот Леопард.

Можат ли Украинците да го користат германското оружје?

Германската влада тврди оти украинските војници можат да користат само оружје кое им е познато. Тоа вклучува и логистика - поправка со соодветни резервни делови. Масала смета дека тоа е оправдана загриженост. „Што ќе се случи ако има технички проблеми со тејковите Мардер?“ Сепак тој смета: „Дури и ако може да се користи само 3 недели, и тоа е подобро отколку ништо. Ако се расипе, тоа е пех. Во меѓувреме можеме да работиме на логистички синџир за испорака на резервни делови. Така што, ми се чини дека тука станува збор за изговор, бидејќи политичка одлука е да не се испраќаат тешки тенкови во Украина.“

Ханс-Лотар Домрозе, поранешен германски генерал во НАТО, дури го отфрла тврдењето дека за ракувањето со тенковите Мардер е потребна опсежна обука. „Станува збор за искусни украински командири кои се на терен од 2014 година. Не треба да се учат како да ги користат. Оние кои го користеле советскиот модел БМП-1 можат да се запознаат со Мардер за помалку од една недела“, изјави Домрозе.

81-годишниот учител Пјотр во одбрана на Украина

01:34

This browser does not support the video element.

Одговорот на Берлин: повеќе пари

Шолц изјави дека на Украина ѝ става на располагање повеќе од една милијарда евра за набавка на воена опрема од Германија. Тој како пример наведе противтенковско оружје, опрема за противвоздушна одбрана и муниција, но не ги спомена тенковите и авионите што ги бара Украина.

Весникот Билд претходно објави дека германските компании за оружје првично понудиле да испорачаат тешко оружје како тенкови Мардер, оклопни возила Боксер, тенкови Леопард 2 и самодвижечка артилерија. Сепак, според овој таблоид, тоа за почеток било отстрането од листата.

„Се чини дека тенковите во моментов се црвена линија за германската влада. А дали ќе се држиме до таа црвена линија во голема мерка зависи од тоа како ќе се развива војната во наредните недели или месеци“, вели Масала.

Се чини дека критиките на германската тактика на одолговлекување имаат ефект. Министерката за надворешни работи Аналена Бербок на прес-конференција во четвртокот во Естонија рече: „За нас нема табуа кога станува збор за оклопни возила и друго оружје што ѝ е потребно на Украина“, алудирајќи на можната испорака на тенковите Мардер.

Германската министерка за надворешни работи, Аналена БербокФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Изгледа дека излезот за Германија е планот - и на земјите кои испорачуваат оружје на Украина да им се обезбеди нова воена опрема или пари.

Министерката за одбрана Кристина Ламбрехт во четвртокот ја потврди планираната размена со НАТО и со ЕУ. „Зборуваме за тенкови, оклопни возила.“ Владата е во преговори, тоа сега се одвива многу брзо, рече Ламбрехт.

Размена со Словенија?

Една од опциите на која работи владата е размена со Словенија, членка на НАТО: Словенија би испратила дел од своите советски тенкови Т-72 во Украина, а Германија потоа би ѝ дала свои тенкови од типот Мардер.

Наводно со Холандија се преговара за друго решение. „Холандија ќе испрати оклопни самодвижечки хаубици, најмодерно германско оружје, а ние на Украинците ќе им обезбедиме муниција и обука“, вели Масала.

Ваквиот пристап може да го намали притисокот врз Германија. Сепак, како што истакнува Масала, тоа нема да трае долго. „На нашите источноевропски партнери им снемува старо советско оружје. „И советските тенкови кои ги испратија Полска, Словачка или Словенија ќе бидат уништени во оваа војна“, рече тој.

„И Украина ќе остане и без тоа оружје. Во одреден момент повторно ќе се постави прашањето дали треба да ги обучуваме Украинците и да ги снабдуваме со современи западни системи за оружје“, додаде Масала.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми