1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Berlin diskutiert die Eurobonds

Zana Aceska16 август 2011

Во Европската унија заедничките државни обврзници на земјите-членки имаат многу приврзеници, но германската влада дава најголем отпор. Се предупредува од несогледливите ризици за националните буџети.

Puzzlebild Triptychon EU Euro Symbolbild Eurobonds Dossierbild 3
Фотографија: picture alliance/chromorange

Германската влада засега останува на своите позиции: еврообврзниците ни во минатото не ги сметавме за разумнмо решение, а и сега не мислиме дека се вистинскиот инструмент, рече владиниот портпарол Штефен Зајберт во Берлин. Противниците на заеднички обврзници на земјите од зоната на еврото предупредуваат од несогледливите ризици за националните буџети, оти земји што споредено со другите солидно стопанисувале, така ќе мораат самите да се задолжуваат за да го финансираат решавањето на финансиските проблеми на другите земји-членки на заедницата. Во крајна линија тоа ќе значи ново оптоварување за граѓаните - даночни обврзници, изразено во милијарди.

Опстојување на патот на штедење и реформи

Судбината на еврото во нивни раце: Францускиот претседател Никола Саркози и германската канцеларка Ангела МеркелФотографија: picture alliance/dpa

Информацијата дека во саботата канцеларот Ангела Меркел и италијанскиот премиер Силвио Берлускони телефонски разговорале за националните програми за штедење, беше повод за портпаролот Зајберт да нагласи:

„Ние сме среќни дека во многу европски држави во последната годинаипол се преземени вистински далекусежни реформски мерки. Ние веруваме дека е тоа процес кој ќе продолжи и мора да продолжи уште долго време. Ни Германија секако уште не е сосем до крај со сопствените реформи. Тој пат ќе ја доведе Европа, пред се’ зоната на еврото, на сигурен колосек“.

Либералите, партнери во владината коалиција, исто така и натаму ги отфрлаат евробоврзниците. Според најавите, утре (среда, 17.08.2011) претседателството на партијата на вонредна седница во Берлин под раководство на шефот на партијата и сојузен министер за стопанство Филип Реслер ќе расправа за курсот на партијата во однос на еврообврзниците.

Претседателот на опозиционите социјалдемократи Зигмар Габриел, пак, е приврзеник на идејата за издавање заеднички еврообврзници, но под одредени услови. Во разговор за телевизијата АРД (а-ер-де), тој рече:

„Итно ни е потребна заедничка гаранција за обврзниците, што би била функција на еврообврзниците. Тоа мора да важи барем за дел од долговите на секоја од земјите- членки. Станува збор за 50 до 60 проценти. Остатокот мораат да го направат самите држави. Мора да има разлика во каматите за земји како Германија во споредба со Грција. Услов за еврообврзниците би бил, државите што ќе ги побараат, да мора да предадат дел од своите суверени права и да се подложат на контрола“.

И германските експерти со различни ставови за еврообврзниците

Германскиот министер за економија, Филип РеслерФотографија: dapd

Како во политиката, така и експертите имаат различни ставови во врска со еврообврзниците. Претседателот на германското Здружение на надворешната трговија Антон Бернер ги препорачува еврообврзниците како инструмент за надминување на европската криза со задолженоста, додека Михаел Хитер, директор на Институтот на германското стопанство, издавање еврообвзници го смета за погрешен пат:

„Ние токму сме сведоци кон што води кога националната политика на задолжување не се придржува кон институционалните услови на еден заеднички монетарен простор. Затоа издавање еврообврзници би било фатално. Наивно е да се верува дека германската влада за возврат за согласност би добила било што адекватно. Во основа тоа тогаш би било откажување од националната автономија во финансиската политика“.

Сега секоја држава продава свои сопствени обврзници. Државите со добар бонитет, во кои се вбројува и Германија, за таа форма на земање кредит плаќаат ниски камати. Државите со ниска кредитоспособност, како Грција, Португалија, Италија или Шпанија, мораат да плаќаат значително повисоки камати, со што натамошно си го ограничуваат својот финансиски маневарски простор.

При издавање заедничка еврообврзница на одреден начин би бил засметан бонитетот на секоја од земјите од зоната на еврото. Сите земји би морале за тие обврзници да плаќаат иста камата. Практично од тоа би профитирале кризните земји како Грција, кои со тоа би добиле поповолни кредитни услови, отколку врз основа на нивниот национален бонитет. Земјите со солидно буџетско стопанисување, пак, би морале да плаќаат повисоки камати, отколку што би било вообичаено за нив.

Автор: Марсел Фирстенау/ Зоран Јордановски

Редактор: Симе Недевски

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми