1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто демократијата е во криза?

Александар Герлах
23 април 2022

Падот на животниот стандард и фрустрацијата поради политичката елита можат да доведат до отфрлање на демократскиот општествен модел. Но, тука постои и нешто подлабоко, смета Александар Герлах

Investigativ Team, DW Special zum Thema: QAnon Deutschland
Фотографија: SULUPRESS.DE/picture alliance/dpa

Речиси три четвртини од симпатизерите на Републиканците во САД веруваат дека Џо Бајден не е легитимен претседател на земјата. Од целокупната популација на САД – 15 проценти ги поддржуваат тврдењата на милитантниот десничарски конгломерат КјуАнон дека владата во Вашингтон, бизнисот и медиумите „се контролирани од група педофили кои го обожуваат сатаната и кои ширум светот сексуално поробуваат деца.“

Се лаже оној кој мисли дека само во  САД постојат теории на заговор  кои ја загрозуваат општествената кохезија и  демократијата во целина.

Да погледнеме како е во Германија:

Според неодамна објавеното репрезентативно истражување на Институтот Аленсбах, една третина од Германците верува дека живее во „лажна демократија во која граѓаните никој ништо не ги прашува“. Со ова се согласуваат 28 % од луѓето во западна, а дури 45 % во источна Германија.

Нештата не се ништо подобри ни кај европските соседи: во Франција во јануари 2022 година дури 57 % од населението изразиле уверување дека во нивната земја демократијата не функционира како што треба, додека во Велика Британија 34 % од луѓето изјавиле дека во политичките работи „апсолутно не се прашуваат“.

Овие анкети не можат да се споредат еден на еден, но покажуваат тренд: незадоволство од демократијата.

А кога ќе се погледне уште понастрана од наведените земји, може да се види дека секогаш се критикуваат исти работи: незадоволство од личната економска ситуација, ускратување на индивидуални права  и гнев кон елитите кои целосно изгубиле контакт со реалност во која живее големото мнозинство.

Британскиот писател Дејвид Гудхарт во книгата „Пат некаде: Популистички револт и иднината на политиката“ уште во 2017 година свртува внимание на фактот дека зачестија судири меѓу традиционални, рурални и просветени, урбани делови од општеството.

Александар ГерлахФотографија: Hong Kiu Cheng

Според мислењето на американскиот политиколог Френсис Фукујама, ништо не било толку значајно за гласањето за Брегзит и изборот на  Доналд Трамп  како густината на населеноста. Таму каде на големи пространства живеат малку луѓе, поголема е веројатноста дека ќе гласаат за Брегзит и за Доналд Трамп отколку во густо население региони и градови.

Фукујама во книгата: „Идентитет: како губитокот на достоинството ја загрозува демократијата“ покажа дека губитокот на економска партиципација (пад на животниот стандард и неможноста за напредување додека мал број луѓе во општеството се богатат, з.а.) води прво до бес, а потоа до отфрлање на демократскиот модел на општество. Според оваа книга, за  губење доверба  во демократијата е одговорна неолибералната идеологија, која во изминатите две децении ја прифатија многу демократски влади.

Тоа секако не е погрешно, но е површно: зашто незадоволството поради личната економска ситуација не го зголеми само бесот кон демократскиот систем и волјата да се надминат неговите лажни економски идеолошки премиси, туку и радикалното отфрлање на модерната наука, нејзините рационални основи и резултати кои ја чинат сржта на современото општество. Заклучокот дека „јас сум во лоша економска ситуација“ води до „мојата влада се состои од синџир криминалци кои поробуваат деца ширум светот“ во најмала рака не е убедлив.

За демократската криза да се стави под контрола, веќе не е доволно елиминирање на економската нееднаквост – важно е да се открие зошто племенските, националистички, религиозно разубавени теории на супериорност и заговор успеаја да го заземат местото на рацционален, секуларен, научен поглед на свет.

Зашто, заклучокот кој може да се извлече од резултатите на овде користените анкети не е само дека демократијата сѐ повеќе е отфрлана како форма на држава и владеење, туку со неа и целокупниот современ поглед на светот и човекот. Негирањето на демократијата како шифра за омраза кон светот – тоа нема да има добар крај.

Александер Герлах е соработник на Карнеги Советот за етика и почесен професор по етика и теологија на Универзитетот Линеберг, научен соработник на Интернет институтот во Оксфорд, а предавал  и на Институтот за верски и меѓународни студии на Универзитетот Кембриџ, како и на Харвард.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми