1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто ЕУ му се додворува на Никола Груевски?

БГ/дивелт5 јули 2016

Зошто ЕУ му се додворува на Никола Груевски, прашува во анализата посветена на Македонија германскиот „Ди Велт“. Низ годините Груевски се здоби со мизерна репутација, но и натаму добива поддршка.

Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

„Од бината одзвонува патетична музика, која како да најавува гладијаторска борба“, пишува Ди Велт“ во репортажата од Македонија.

„Настапува Никола Груевски: 'Опозицијата е контролирана од странски сили. Можат да се борат колку сакаат, но никогаш нема да не победат.' Груевски до неодамна беше премиер на неговата земја, но мораше да се повлече по обвинувањата за корупција.

Но од моќта не се откажа и малку кој во Македонија се сомнева дека тој и натаму ги држи политичките узди во свои раце. По својот говор на бината ја подигнува тупаницата во воздух, неговите поддржувачи слават. Македонската владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ го слави својот 26. роденден во еден монументален објект, која партијата си го изгради за свои потреби со државни пари.

За заканата од 'странските сили' Груевски бил подучен од еден важен политички сојузник- гатачката Катерина Најденова. Астрологот го советува експремиерот за различни нешта. Му препорачува, при следната средба со Ангела Меркел срдечно да се ракува со неа, за да ја добие нејзината доверба. Но од ЕУ, според гатачката, Груевски треба да се оддалечи, затоа што таа набрзо може да се распадне.

Астрократија

Некои Македонци се шегуваат дека нивната земја станала 'Астрократија'. Но гатачката не е единствената причина што голем дел од граѓаните не го сакаат Груевски“, пишува Ди Велт“.

Весникот натаму ги наведува изборните измами, обвинувањата за корупција и злоупотреби, гушењето на слободата на медиумите, како и обидот да се предизвика меѓуетнички конфликт.

Изнервираниот Јоханес Хан на крајот се откажа од преговорите во Македонија, пишува Ди Велт.Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

„И покрај сето тоа ЕУ и натаму му се додворува на Груевски. За неа тој е важен партнер, затоа што од минатата година Македонија е транзитна земја на балканската рута. Додека Реџеп Таип Ердоган во Турција ги спречува бегалците да стигнат до европското тло, Груевски ги задржува оние кои успеале да стигнат до Грција. Соработката меѓу Брисел и двајцата автократи продолжува“.

„(...)Никола Груевски го искористи времето на чело на владата за да го доведе до перфекција својот непотистички систем. Својот братучед Сашо Мијалков го постави за шеф на тајната служба, а со тоа го направи втор најмоќен човек во државата. Токму Мијалков бил одговорен за илегалното прислушување на 20 илјади луѓе. И во правосудството и во државните фирми Груевски ги инсталираше своите следбеници и ги стави под своја контрола. Во јавната администрација беа вработени десетици илјади луѓе, речиси ексклузивно партиски членови на ВМРО“.

„(...) Брисел навистина се обиде со Груевски. Во јуни 2015 еврокомесарот Јоханес Хан дојде во Скопје за да посредува меѓу Груевски и опозицијата. Резултат од тоа беше Договорот од Пржино со кој беа предвидени фер и слободни избори. Формално, Груевски ги испочитува сите термини и си поднесе оставка во јануари 2016, за преодна влада да ги организира изборите. Но ниту еден од условите кои требаше да овозможат фер и слободни избори не беше исполнет. Сѐ уште нема нов избирачки список, неговите следбеници сѐ уште ги контролираат медиумите, а партијата и државата не се одвоени.

Никола Груевски го искористи своето владеење пред сѐ, за да го доведе до перфекција својот клиентелистички систем“.

„(...)Изнервираниот Хан на крајот се откажа. Во меѓувреме, преговорите ги презема германскиот дипломат Јоханес Хајндл. Демонстрантите бараат од ЕУ да воведе санкции против кланот Груевски, но тоа е илузија.
Повеќе ЕУ-членки, пред сѐ Унгарија, ќе стават вето. Унгарија се спротивставува на мешање во внатрешната политика на кандидатите за членство, меѓу другото и поради тоа што и во таа земја не се почитуваат демократските стандарди. Притоа, и соработката во однос на бегалците функционира многу добро од аспект на Брисел. Тоа не сака никој да го загрози.

Слики во советски стил на социјалистичкиот реализам, забележува Ди Велт.Фотографија: Nova TV

Нови избори треба да се одржат, но опозицијата нема да земе учество затоа што е убедена во изборна измама. Тоа не го возбудува Никола Груевски. За партискиот музеј на ВМРО тој нарачал 50 огромни слики, кои го прикажуваат него и неговите следбеници. Насликани се во советски стил на социјалистичкиот реализам. Сличноста со историските слики на владетели како Мао Це Тунг, Николае Чаушеску и Енвер Хоџа е воочлива. Ниту историските идоли на Груевски не се откажаа доброволно од власта“, пишува „Ди Велт“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми