1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Зошто е Ирак толку важен за Американците

Карла Блајкер
9 јануари 2020

Ирачкиот парламент побара повлекување на сите странски војници, но Вашингтон уште не сака да ги напушти своите позиции во Ирак. За владата на Трамп, Ирак и натаму е исклучително стратешки важен од многу причини.

US Soldat salutiert
Фотографија: picture-alliance/A. Widak

Во прашање е една од најважните надворешнополитички одлуки во поновата американска историја: дали американските војници треба да се повлечат од Ирак? Откако американската војска со дрон го уби иранскиот генерал Касем Сулејмани на багдадскиот аеродром, а Иран возврати со ракетни напади врз воени бази користени и од американската војска во Ирак, судирот меѓу Техеран и Вашингтон ескалира. А Ирак се наоѓа помеѓу два огна. Минатиот викенд ирачкиот парламент побара сите странски војници да ја напуштат земјата. 

Со оглед на сериозноста на ситуацијата, американската политика сега остава впечаток на прилична обезглавеност. Во понеделникот во јавноста протече писмо на американската војска до ирачкото раководство во кое се најавува „преместување“ на американските единици. Писмото завршува со зборовите: „Ние ја почитуваме Вашата одлука и барањето за наше заминување.“ Но, само малку подоцна стигна и демант: според зборовите на шефот на американскиот генералштаб, Марк Милеј, станува збор само за грешка, тоа била само прва груба скица на писмото која никако не требало да биде испратена.

Загрозена борбата против тероризмот?

Значи, се негира намерата за повлекување на американските трупи од Ирак. За тоа САД имаат повеќе причини. Военото присуство во Ирак за САД е од стратешко значење. „Од една страна, ние на тој начин можеме да одржуваме лични контакти со припадниците на ирачката војска“, вели Мајкл О`Хенлон, стручњак од американскиот тинк-тенк Брукинска институција. „Така можеме веднаш да видиме кој е таму силен, а кој слаб. Во минатото тамошните сили за безбедност често беа злоупотребувани во политички цели штом ние се повлекувавме“, тврди О`Хенлон. Така, тоа претставува ризик за американските трупи во регионот.

Од друга страна, тука е и прашањето на борбата против терористичката милиција Исламска држава. „Ирак полесно може да се бори против ИД кога ние пружаме поддршка од воздух или во вид на информации на тајните служби“, вели О`Хенлон за Дојче веле.

Спротивно на повлекување - во екот на растот на тензиите на Блискиот Исток, САД испратија дополнителен број војници во регионотФотографија: picture-alliance/dpa/M. Sue Gerrits

Ако се повлечат Американците, многу неизвесно е како ќе продолжи борбата против тероризмот. „Можно е во тој случај ирачките сили да продолжат со таа борба“, проценува О`Хенлон. Но, тој не ја исклучува можноста ИД повторно да зајакне. Кога лани во октомври американските трупи се повлекоа од северна Сирија, беше отворен патот за турска воена интервенција. Курдските борци, принудени да се бранат, не можеа истовремено да ги чуваат милитантните заробени борци на ИД, па стотици од нив побегнаа од затворите.

Ситуацијата во Ирак за волја на вистината е поинаква од онаа во Сирија, но ризикот дека по повлекувањето на американските сили би можела да ослаби борбата против тероризмот, е реален. „Би можело да дојде до распад на системот на собирање информации на тајните служби“, предупреди уште лани бившиот функционер на ЦИА во интервју за магазинот „Атлантик“, Брајан Кац. „Луѓето се најдобар извор на информации, а ним им се потребни контакти и доверба, што се гради само на лице место“, истакнува Кац.

Регионална противтежа на Иран

Освен тоа, присуството на САД во Ирак е важно и заради воспоставување противтежа на влијанието на Иран во регионот. Тоа токму сега е од големо значење за владата на Трамп. „САД му покажуваат на Ирак дека Иран не е единствена сила на која може да и` се обрати“, вели О`Хенлон. Во случај американските сили да се повлечат, во Ирак може да се случи хаос, смета тој. „Иран е стрвен да профитира од судир на шиитите, сунитите и Курдите, до кој би можело да дојде во таков случај.“

Така ослабениот Ирак би им одговарал на иранските интереси. Техеран би „можел да се погрижи да го оневозможи подоцнежното враќање на американските трупи и тоа на начин што ирачката влада би ослабела во толкава мерка, што не би била во состојба да потпише некој нов договор со САД“, смета О`Хенлон. „Или би можело да дојде до вмешување во локалната трговија со нафта, на пример така што Ирак би бил присилен да го намали извозот на нафта, што пак би водело кон нејзино поскапување.“ 

Засега, барем така се чини, САД се обидуваат да избегнат такви негативни последици. Тоа го потврди и американскиот министер за одбрана Марк Еспер: „Не постои одлука за напуштање (на Ирак). Немаме никакви планови за заминување.“ 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми