1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто изборите во источна Германија се толку важни

Кристина Бурак
31 август 2019

Во недела се одржуваат избори за парламентите на источногерманските покраини Саксонија и Бранденбург. Победата ѝ се смешка на Алтернатива за Германија, а изборните резултати можат да ја „урнат“ и владата на Ангела Меркел

Wahlplakate zur Landtagswahl in Brandenburg
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Soeder

Врелото лето во Германја деновиве ќе се зажешти и на политички план - на 1 септември се одржуваат покраинските избори во Саксонија и во Бранденбург на истокот на земјата. Еден месец подоцна се изборите во Тирингија, исто така покраина која беше во составот на некогашна источна Германија. Резултатот од изборите нема само да открие кој ќе владее во овие покраини во наредните 5 години, туку би можело да има далекусежни последици врз политичките случувања во Берлин.

1. Десничарската Алтернатива за Германија победува?

Зајакнувањето на десницата во смисла на Алтернатива за Германија (АфД) не може да се нарече источногермански феномен - тие се во меѓувреме застапени во сите покраински парламенти ширум земјата. Па сепак, најголема подршка имат на истокот, каде нивните покраински лидери особено се тврди на зборови и посебно екстремни.

Повеќе:

-Европски избори: Историски лош резултат за германските владејачки партии

-Кој гласа за популистите? Не се тие што мислите

-Прогноза за германската политика во 2019: Ќе биде интересно!

Додека на ниво на цела Германија АфД во анкетите има околу 14 отсто поддршка, во Саксонија има шанси да освои 25% гласови, а во Бранденбург 21- со тоа би можеле да станат најсилна партија во секоја од двете покраини. Тоа би било и првпат од Втората светска војна во некоја германска покраина екстремни десничари завршат како најсилна партија.

Истражувањата покажуваат дека меѓу избирачите на истокот главна тема според која донесуваат одлука е -  миграцијата односно бегалската криза.

Фотографија: picture-alliance/NurPhoto/M. Fludra

2. Левицата на крстопат

Тирингија во моментов со Бодо Рамелов го има првиот и единствен левичарски премиер во својата историја. Левицата од обединувањето е традиционална силна на истокот то и не е чудно - тоа се делумно наследници на некогашната режимска партија на Германската Демократска Република - ГДР.

Меѓута не се само внатрешните проблеми она што ја мачат Левицата. Се покажа дека како партија која протестрира против „естаблишментот“, Левицата собира и избирачи на кои не им е проблем да претрчаат во таборот на крајната десница.

3. Можат ли Зелените да напредуваат?

Истокот на Германија секогаш бил тежок терен за Зелените кои привлекуваа подобро образувани и побогати избирачи од урбаните средини. Особено им е тешко во Саксонија и во Бранденбург, кои се традиционално рударски покраини, а Зелените се залагаат за обновлива енергија. Порано Зелените често се мачеа да го прескокнат изборниот праг од 5 отсто, но сега нема да биде тоа случај. Бидејќи тие на сојузно ниво се посилни од кога било, одлично поминаа и на европските избори во мај. Дел од објаснувањето лежи во тоа што се профилираа како анти-АфД, особено кога се работи за миграција. Исто така, борбата против климатските промени сѐ повеќе го окупира и јавното мислење, а Зелените се во тоа пионери. Многу е можно резултатот на Зелените да биде точно таков да секако учествуваат во власта. Можеби во коалција со ЦДУ.

Фотографија: Reuters/F. Bensch

4. Што значат изборите за кабинетот на Ангела Меркел?

Сѐ и сешто. Прво, нејзините демохристијани се сопнуваат, додека коалициските партнери од Социјалдемократската партија се во таква дистопија, што е можно есенва да ја раскинат владеачката коалиција во Берлин. Бранденбург е традиционално упориште на социјалдемократите, а Саксонија на конзервативците - ако таму партиите поминат лошо тоа ќе биде уште еден доказ дека нешто мора да се менува. Двете (некогаш) големи партии најавија дека на средината на октомври ќе ја (пр)оценат работата на владеачката коалиција. Доколку дојдат до заклчок дека треба да се прекине соработката, постои можност Германија првпат да се обиде со концептот за малцинска влада која и натаму би ја водела Меркел - до редовните избори во 2021 година.

5. Кој исход е веројатен?

Поради зајакнување на АфД во споменатите покраини математиката најверојатно нема да дозволи формирање коалиција само со 2 партии - ќе бидат потребни 3, или дури 4. Со десничарите засега никој не сака да соработува, а ЦДУ имаат проблем и со можната соработка со Левицата.

Коалициите на неколку партии мирисаат на нестабилност, на експеримент - нешто што Германците не го сакаат во политичкиот живот. Трите источни покраини заедно сочинуваат само 10 насто од вкупната германска популација, па сепак овие избори ќе го привлечат интересот на целата нација. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми