Зошто книгата на Болтон е трн во око за Белата Куќа?
СН/дв | агенции
19 јуни 2020
Администрацијата на претседателот Доналд Трамп не штеди напори да ја дискредитира книгата на поранешниот советник за безбедност Џон Болтон. Последен во редот со остри критики настапи државниот секретар Мајк Помпео.
Реклама
„The Room Where It Happened“ ( „Собата каде се случи тоа“) е името на книгата на Џон Болтон чие објавување американската администрација сака законски да го спречи. Во пријавата до американското Министерство за правосудство е наведено дека книгата содржи тајни владини информации чие ширење би можело да ја доведат во опасност националната безбедност.
Американската влада претходно поднесе тужба за да го спречи објавувањето на книгата кое е најавено за наредниот вторник. Аргументот на владата е тоа што поранешниот советник за национална безбезбедност на претседателот Доналд Трамп сака да ја објави книгата иако не е завршена проверката дали таа содржи владини информации кои не се за објавување.
Тешки обвинувања против Трамп
Книгата содржи тешки обвинувања против Трамп. Така поранешниот советник за национална безбедност, меѓу останатото, му префрла на претсеателот дека ја замолил Кина повеќепати за помош со цел да помогне за неговиот реизбор на должноста претседател на САД. Трамп за тоа во повеќе наврати разговарал со кинескиот претседател Ши Џингпинг, се наведува во веќе објавените делови од книгата.Трамп така на пример, се наведува во книгата, пред една година апелирал до Џипинг да увезе повеќе американски земјоделски производи за да може американскиот претседател да ги осигура важните гласови на земјоделците.
Трамп е бесен
Во повеќе интервјуа претседателот го нападна својот поранешен советник. На телевизијата Фокс тој оцени дека Болтон со пишувањето на книгата и со обвинувањата изнесени во неа го прекршил законот. Освен тоа Болтон е лажго, изјави Трамп за „Волстрит журнал“ и додаде дека сите го мразеле во Белата куќа.Во својата книга Болтон веројатно пишува и за украинската афера поради која беше водена постапка за импичмент на Трамп.
Опозициските демократи сакаа да го повикаат Болтон во Сенатот како сведок во процесот за импичмент, но не успејаа во тоа со оглед на републиканското мнозинство.Трамп на крајот беше ослободен од обвинувањето за злоупотреба на положбата во украинската афера. Во оваа афера стануваше збор дека Трамп вршел притисок на Киев да започне истрага за корупција против неговиот демократски противкандидат Џо Бајден и против неговиот син. Болтон од април 2018 година до септември 2019 година беше советник за национална безбедност. Од оваа функција замина бидејќи беше во конфликт со претседателот Трамп околу низа теми, меѓу кои и односот со Северна Кореја.
'You're fired' - Жртвите на администрацијата на Трамп
Американскиот претседател Доналд Трамп ги отпушта високите функционери во Белата Куќа побрзо отколку што можете да кажете "covfefe“. Еве ја листата на неговите досега отпуштени соработници
Со твит на 22 март, Трамп најави дека го заменува Мекмастер со Џон Болтон како негов советник за национална безбедност. Почитуван генерал, Мекмастер најави дека се повлекува од армијата и од јавната служба. Трамп и Мекмастер имале различни погледи за бројни прашања.
Фотографија: Imago/photothek/F. Gaertner
Рекс Тилерсон
Поранешен директор на Ексон, Тилерсон беше државен секретар едвај повеќе од една година. Трамп го отпушти Тилерсон со цел да формира „нов тим“ во пресрет на разговорите со Северна Кореја, признавајќи дека со Тилерсон „имале недоразбирања за нешта“. Нивните односи отидоа по надолна линија откако Тилерсон го нарече Трамп „морон“ во 2017.
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Ernst
Гери Кон
Ветеранот од Голдман Сакс, му беше главен економски советник на Трамп. Тој ги избутка даночните реформи во 2017. Но, Кон си поднесе оставка во март 2018 откако не успеа да го убеди Трамп да не воведува заштитни царини за увоз на челик и алуминиум.
Фотографија: Getty Images/D. Angerer
Хоуп Хикс
Таа поднесе оставка од функцијата директор за комуникации на Белата Куќа на крајот на февруари. Ден пред оставката, Хоуп сведочеше во Конгресот за мешањето на Русија во изборите. Призна дека кажувала „шарени лаги“ во корист на Трамп, но не во врска со Русија. Белата Куќа инсистира дека оставката не била поврзана со сведочењето.
Фотографија: Reuters/L. Millis
Роб Портер
Секретарот на персоналот на Белата Кужа поднесе оставка откако поранешните сопруги го обвинија за домашно насилство. Тој ги демантираше обвинувањата. Трамп го бранеше Порер, а американските медиуми се прашуваа како воопшто ги минал тестовите за вработување. Се шпекулира дека е во романтична врска со Хоуп Хикс.
Фотографија: Getty Images/AFP/N. Kamm
Стивен Бењон
Тој имаше клучна улога во победата на Трамп на изборите, но мораше да замине по само една година. Бењон се залагаше за економски национализам и ја промовираше стратегијата „Америка на прво место“.
Фотографија: picture alliance/AP Photo/A. Brandon
Ентони Скарамучи
Поранешниот хеџ-фонд инвеститор беше директор за комуникации само 10 дена. Трамп беше незадоволен од неговиот медиумски напад врз колегите од тимот на претседателот.
Поранешниот шеф на кабинет во Белата Куќа беше принуден на оставка само шест месеци откако дојде на функцијата, по јавниот судир со Ентони Скарамучи. Прибус беше еден од функционерите кои се противеле на именувањето на Скарамучи.
Фотографија: Reuters/M. Segar
Шон Спајсер
Спајсер имаше затегнати односи со претседателот, но и со медиумите, а поднесе оставка откако директно му кажал на Трамп дека остро се спротивставува на именувањето на Скарамучи за директор за комуникации на Белата Куќа.
Фотографија: Reuters/K.Lamarque
Мајкл Дубке
Поранешниот директор за комуникации на Белата Куќа беше принуден на оставка во мај 2017 година, откако беше критикуван поради слабата контрола на скандалот со руското мешање во изборите во САД.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/S. Walsh
Џејмс Коми
Претседателот Трамп го отпушти директорот на ФБИ, Коми- наводно поради лошото водење на истрагата за електронската пошта на Хилари Клинтон. Но, критичарите веруваат дека отказот се должел на истрагата на ФБИ за врските на Трамп со Русија.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/J. S. Applewhite
Мајкл Флин
Именуван како прв советник на Трамп за национална безбедност, Флин поднесе оставка во февруари 2017, откако беше откриено дека разговарал за американските санкции кон Русија со рускиот амбасадор во Вашингтон, уште пред доаѓањето на Трамп на функцијата, и го излажал потпретседателот Мајк Пенс за содржината на тој разговор.
Фотографија: Reuters/C. Barria
12 фотографии1 | 12
За Помпео, Болтон е „предавник“
Во меѓувреме и министерот за надворешни работи на САД, Мајк Помпео ги осуди „лагите“ на Џон Болтон,.
„Тажно е и опасно“ што последната јавна улога на Џон Болтон ќе биде улогата на „предавник“ кој и нанесува штета на Америка со нарушување на довербата со народот, рече Помпео.
Тој меѓутоа не го негираше делот од книгата во кој Болтон наведува дека токму шефот на дипломатијата бил тој , кој му кажал дека Трамп зборува „глупости“.