1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Зошто корона-пандемијата посилно ги погаѓа сиромашните

Џордан Вилдон
12 декември 2020

Интернетот е преполн со тврдења дека богатите земји имаат доволно дози за да си го вакцинираат своето население до три пати, но тоа можеби не е така едноставно како што звучи. ДВ ги истражуваше овие тврдења.

Brasilien - Lebensmittelspenden wegen der Armut durch Covid-19
Кога вакцината ќе стигне кај сиромашните, како овие луѓе во Рио де Жанеиро?Фотографија: Bruna Prado/AP/dpa/picture-alliance

Девет од десет лица во сиромашните земји веројатно нема да примат вакцина против Ковид-19 бидејќи најбогатите земји во светот ги откупија поголемиот дел од дозите, тврди Алијансата за вакцини, мрежа на организации каде се вклучени и Амнести Интернешнал, Глобал џастис нау и Оксфам. Додека ваквите изјави се мамка за бомбастични наслови по медиумите, овде станува збор за многу повеќе од она што се чини на прв поглед.

Според проценките на главните компании кои работат на развој на вакцина, вклучително и Астра Зенека, Бионтек/Фајзер и Модерна, тие во 2021 година може да произведат до 5,3 милијарди дози. Со оглед на тоа што за да се осигура ефикасност од сегашните вакцини мора да се прими дупла доза, вкупниот број на произведени вакцини може да биде доволен само за една третина од глобалното население, кое е 7,6 милијарди луѓе.

Оттука, се отвора прашањето - како ќе се прави распределбата на вакцините во различни земји. Многу од богатите земји побрзаа да си го откупат својот дел, што предизвика обвинувањадека ги игнорираат земјите кои тоа не може да си го дозволат.

Се тврди дека богатите земји имаат доволно дози за да си го вакцинираат населението по неколку пати, дека им го блокираат пристапот до вакцини на посиромашните земји, како и дека производителите на вакцини го ставаат профитот пред здравјето.

ДВ ги истражува фактите во поширока смисла во која овие тврдења не се толку едноставни како што се чини на прв поглед.

Повеќе: Вакцината на Бионтек и Фајзер на пат да добие дозвола во САД

Дали западните земји имаат доволно дози за да си го вакцинираат населението повеќепати?

ДВ проверка на факт: Заблуда

За богатите земји, кои се само 14% од светската популација, се вели дека досега откупиле околу 53% од најнадежните вакцини, што е доволно да си го вакцинираат своето население и по три пати.

Ова е неточно. Претпоставката во овие тврдења е дека сите вакцини ќе го поминат клиничкото испитување и ќе бидат одобрени. Иако многу од богатите земји потпишаа договори со водечките производители на вакцини, глобалната борба за осигурување на дози вакцини се случи многу пред да биде утврдено дали се безбедни или ефикасни. Тоа што дозите вакцини се предрезервирани, не значи дека сите компании ќе произведат ефикасна вакцина која ќе биде одобрена. Со други зборови, резервирани се дози за вакцини кои сѐ уште во фаза на тестирање.

Велика Британија почна со масовно вакцинирањеФотографија: Jacob King/REUTERS

Пример: Канада е на врвот земји кои имаат осигуран пристап до вакцини со кои пет пати може да се вакцинира целото население во земјата, тврди Алијансата за вакцини. Ова е исто така спротивно на информациите на канадската влада, која објави дека земјата обезбедила 414 милиони дози од потенцијалните ковид-вакцини од седум различни компании. Но со напомена дека „сите кандидати за вакцини мора да поминат предклинички и клинички тестирања. Фондот за здравство на Канада ќе продолжи да ги проверува доказите за безбедност, ефикасност и квалитет за производство за секоја потенцијална вакцина за да одлучи кој производ ќе биде одобрен во Канада.“ Тоа значи дека најголемата нарачка на Канада „е до“ 76 милиони дози од секоја од трите најголеми производители. Ако се докаже дека само една компанија има ефикасна вакцина, тоа ќе значи дека за 37,6 милиони Канаѓани ќе се обезбедат само две препорачани дози од вакцината.

Повеќе: Оправдано прашање: Дали да се вакцинирам?

Дали во посиромашните земји ќе доцни доставата на вакцини?

ДВ проверка на факт: точно

„Според сегашните проценки, нема да има доволно вакцини за целото население во светот се' до 2023 или 2024“, велат од Дјук глобал хелт иновејшн центар. Експертот за здравство од Оксфам, Ана Мериот нагласува дека „освен ако не се случи драматична промена, милијарди луѓе низ светот нема да примат безбедна и ефикасна ковид-вакцина ниту во следните години.“

Поради ова, земјите работат на тоа да се осигура фер дистрибуција на вакцините до оние на кои им е најпотребна. Додека се работи на ова, многумина се прашуваат дали посиромашните земји кои не можат да си дозволат да купат поголемо количество вакцини ќе бидат изоставени.

Додека сиромашните земји немаат толку лесен пристап до вакцините, тие не се целосно тргнати настрана за да може богатите земји да ги добијат први. Се прават напори сите да имаат пристап.

Тука влегува системот Ковакс. Менаџиран од Гави, Глобална алијанса за вакцинации и Светската здравствена организација, платформата има за цел да го забрза развојот и производството на вакцина за Ковид-19 и да гарантира фер и рамномерна распределба низ целиот свет. Ковакс системот треба да обезбеди две милијарди дози до крајот на 2021 година за високо ризичните групи. Долгорочно, целта е да обезбедат доволно дози со кои ќе се покрие до 20% од населението за земјите кои се финансираат, додека оние кои се самофинансираат може да купат различни количества, според потребите.

Оваа група од 184 земји е составена од 80 високо развиени економии, кои би ја финансирале вакцината од националните буџет и кои како дел од договорот ги поддржуваат 92 ниско или средно развиени земји. Севкупно, овие 184 земји сочинуваат околу 70% од глобалното население.

Во основа, со оваа платформа треба да им се обезбеди пристап на владите до портфолиото на потенцијални вакцини кои се произведуваат од различни производители низ светот. Мнозинството развиени земји се обврзаа да го финансираат Ковакс, со што ќе се финансираат и вакцини за помалку развиените земји. Необврзувачките преднарачки се всушност потврда за интерес, но не имплицираат и финансиска обврска.

Фајзер и Бионтек велат дека изразиле интерес да обезбедат дози вакцини за Ковакс, а Астра Зенека ветиле дека 64% од нивните дози ќе ги дистрибуираат во земјите во развој.

Европската унија исто така најави дека ќе донира 500 милиони евра грантови за поддршка на Ковакс системот за да се осигура пристап до идната ковид-вакцина и за земјите со низок или среден раст.

Повеќе: Велика Британија: Првата вакцина против корона ја доби 90-годишната Маргарет

Лична приказна: Моето искуство со Спутник 5, руската вакцина против Ковид-19

Дали на производителите на вакцини профитот им е приоритет пред здравјето на луѓето?

ДВ проверка на факт: недокажано

Има многу контрадикторни информации на интернет за тоа дали производителите на вакцини само сакаат да ги наполнат џебовите или сакаат да направат и нешто добро за здравјето на луѓето. Одговорите се различни во зависност кого прашувате. Алијансата за вакцини, која стои зад соопштението кое предизвика медиумски наслови за нерамномерна распределба на вакцини, е јасна во своите барања од фармацевтските компании. Велат „сите вакцини, терапии и тестови не смее да бидат монополски, треба да се произведуваат масовно, да се распределат фер и да се достапни до сите луѓе, во сите земји, бесплатно.“

Фотографија: Victoria Jones/AFP/Getty Images

Идејата е фарамцевтските корпорации и истражувачки институти да ги споделат своите научни сознанија и патенти за вакцината со цел безбедни и ефикасни дози да се произведуваат насекаде. Во суштина, основната аргументација е дека вакцинацијата треба да биде отворена и достапна.

„Долгорочната цел мора да биде развој и креирање на одржлив производствен капацитет за вакцини во земјите со низок или среден раст. Ова бара систем на поддршка преку СЗО и партнерските организации, како Гави, за да се обезбедат регулаторни насоки и пристап до новите формулации преку овој отворен процес,“ тврдат професорите Чарлс М. Швајк и Тимоти Форд во својот напис. Организацијата Доктори без граници вели дека Астра Зенека се обврза дека нема да профитира од вакцината „за време на пандемијата“ и ќе може да ги покачи цените најрано идниот јули. Директорот на Астра Зенека, Паскал Сорио вели дека компанијата ќе „го третира развојот на вакцината како одговор на глобалната здравствена криза, а не како комерцијална можност.“ Џонсон и Џонсон исто така рекоа дека вакцината ќе биде достапна на непрофитна основа.

Ситуацијата е различна кај Фајзер, која одби финансирање од американска влада и вложи свои 2 милијарди долари за развој на вакцината, како што тврди Гардијан. „Сигурно ќе заработат, но веројатно тоа нема да биде вообичаена фармацевтска маржа која се става на останатите производи на Фајзер,“ вели Дамиен Коновер, експерт за здравство во компанијата Морнингстар. Се' на се' различно е за различни производители на вакцини, а финансиските детали ќе биде тешко да се проценат се' додека вакцините и навистина не се одборат и произведат.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми