1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто младите во Македонија се' повеќе пушат цигари?

Свето Тоевски31 мај 2013

Младите генерации мора да бидат заштитени од пушењето и изложеноста на чадот од цигарите, соопшти СЗО по повод 31.мај, Меѓународниот ден против пушењето. Во Македонија се' повеќе деца и млади стануваат зависници од тутун

Фотографија: Picture-Alliance/KEYSTONE

„Владите треба да ги користат мерките од ’Рамковната Конвенција за контрола на тутунот’ на Светската здравствена организација за да ја намалат распространетоста на пушењето и изложеноста на чадот од тутунот. Со спроведувањето на овие мерки владите на сите држави во светот се обврзани да ја намалат тешката оптовареност од болести и смртноста како последица на тутунот и неговиот чад“, порача Светската здравствена организација (СЗО). Тема на „Светскиот ден без тутун“ за 2013 година е сеофатна забрана на рекламирање, промоција и спонзорство на тутунот. Глобалната тутунска епидемија убива речиси 6 милиони луѓе секоја година во светот, од кои повеќе од 600 илјади се непушачи и умираат како резултат на „пасивно“ пушење.

„Децата од семејства со ниски приходи рано ја запалуваат својата прва цигара“

Каква е ситуацијата во Македонија? Според Светската здравствена организација, околу 40-50 отсто од македонската популација на возраст над 15 години се редовни пушачи. Се проценува дека се конзумираат 2310 цигари по лице годишно во оваа држава. Од вкупниот број смртни случаи во неа 12 отсто се поврзани со пушењето, а процентот продолжува да се зголемува и достигнува 21 отсто кај населението на возраст меѓу 35 и 69 години. Во оваа се' поголема и се' посмртоносна мрежа се' повеќе се опфаќаат деца и тоа на возраст од 11-12 години. Сериозно зголемување на употребата на тутунот се забележува кај децата од 15-годишна возраст. Зошто сево ова се случува кога во земјата постои закон против пушењето, колку тој се применува во праксата?

Професорот од државниот медицински факултет во Скопје Моме Спасовски, кој е национален соработник на Светската здравствена организација за контрола на употребата на тутунот, вели за ДВ: „Факт е дека пушењето е широко распространето, но исто така е факт и дека се превземаат многу мерки со цел да се намали достапот до тутун. Во принцип, законот против пушење постигна голем дел од зацртаните цели. Постојат места каде што законот се 'ескивира', но, сепак, во целина сметам дека се почитува. Денеска не можете да влезете во некој ресторан во Скопје каде што ќе ви биде дозволено да се пуши. Сепак, за да се определат вистинските ефекти од примената на законот ќе биде потребно да се спроведат дополнителни истражувања. Ние во Институтот за социјална медицина заедно со Светската здравствена организација подготвуваме неколку истражувања, кои се однесуваат на пушењето. Првите резултати ги очекуваме во октомври годинава.“

Фотографија: AP

Професорката Елена Ќосевска од Институтот за јавно здравје на Република Македонија при државниот медицински факултет во Скопје ги изнесува следните податоци од најновото истражување во врска со однесувањето на учениците спрема здравјето во поглед на пушењето во земјата: „Децата од семејства со ниски приходи почесто започнуваат рано со пушење цигари. Адолесцентите започнуваат рано со пушење цигари, па дури и под својата 10–годишна возраст. Оваа појава се претпоставува дека е резултат на потребата на децата да бидат прифатени во средината како зрели, возрасни лица, со образложението дека 'тие не се веќе деца', а можеби и поради потребата да се докажат меѓу своите врсници дека тие се 'кул’. Меѓу причините за рано започнување со пушење можеби се и нарушените односи во семејството, примерот на родител-пушач, близок и сакан член од семејството, другар или другарка. Веројатно, се поголемата раширеност на цигарите кај децата е поврзана со физиолошките и психолошки промени кои настануваат во периодот на пубертетот, но исто така може да е последица и на помалата контрола и влијание на родителите, можностите кои ги дава современиот начин на живот – излегување во доцните вечерни часови, забави во дискотеки, кафулиња и друго, а од друга страна, влијанието на тешката и обемна наставна програма, која ги фрустрира децата и ги оддалечува од училиштето.“

Реклама за цигариФотографија: picture-alliance/dpa

Во 2012 година 56 угостителски објекти присилно затворени поради непочитување на законот против пушење

Што презема Државниот пазарен инспекторат околу спроведувањето на законот против пушење и колку е тоа ефикасно? Во неговиот квартален извештај за 2012 година се наведува: „Лани биле спроведени 4 илјади и 744 редовни, контролни и инспекциски надѕори. Поради непочитување на одредбите од законот до основните судови се  поднесени  107 барања за поведување прекршочна постапка. Донесени се 110 решение во управна постапка. Биле издадени 44 платни налози за наплата на казни со вкупен износ од околу 102 илјади евра. Присилно се затворени 56 угостителски објекти.“ Според инспекторатот, „генерално, законот за забрана на пушење на јавни места се почитува“. Но, се нагласува дека пазарните инспекори се соочуваат со тешкотии со неговата примена на теренот, особено во западниот дел на земјата. Има случаи кога инспекторите наидуваат дури и на закани по нивната физичка безбедност. Односниот закон се крши најмногу во Скопје, Тетово, Гостивар и Кичево.

Фотографија: Fotolia/nectarina2011

Спасовски истакнува: „Ние на секој начин настојуваме да го намалиме влијанието на маркетингот и промоцијата на тутунските производи. Новите законски рамки ги имаат интегрирано сите елементи кои се однесуваат на овие аспекти. Сепак, се чини дека тоа не е доволно и потребни се дополнителни мерки. Потребна е конзистентна политика за заштита на здравјето на населението и за контрола на употребата на тутунот, јакнење на свесноста за неговите штетни дејства, како и засилување на меѓусекторската соработка на сите институции во земјата околу практичната примена на ’Рамковната конвенција за контрола на тутунот“.

Ќосевска заклучува: „Заради профитот што го остварува, агресивната тутунска индустрија не се придржува кон препораките на таа конвенција. Затоа се потребни зајакнување на контролата за спроведување на законската регулатива преку засилена работа на здравствената, пазарна и финансиска инспекција, како и воспоставување даночна политика за намалување на пушењето. Неопходни се и отворање советувалишта за одвикнување од употреба на тутун и пушење цигари и збогатување на училишните наставни програми со содржини за превенција на почетоците на употреба на тутун.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми