1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто полицијата во САД е толку моќна?

Јулија Манке
8 јуни 2020

Во изминатите децении полицијата во САД уште повеќе ја зголеми својата сила. Располага со големи буџети, речиси и не подлежи на контроли, а законите на службениците им даваат висок степен на имунитет од кривично гонење.

USA Kriminalität l Symbolbild - NY Police
Фотографија: Getty Images/D. Angerer

Најновиот предлог буџет на градот Лос Анџелес предизвика бура од негодувања во социјалните медиуми. Градоначалникот Ерик Гарсети сака да одвои повеќе пари за полицијата, односно повеќе од 1,8 милијарди долари од вкупниот буџет од 5,4 милијарди - најголем поединечен удел од кој било друг ресор. За споредба: одделот за изградба на станови и инвестиции во заедницата треба да добие помалку од 82 милиони долари. Буџетот сѐ уште не е усвоен и Гарсети во меѓувреме вети дека дел од средствата планирани за полицијата ќе ги алоцира за афроамерикански и други етнички заедници, но ставката за полицијата и натаму е значителна.

Лос Анџелес не е исклучок од правилото - големи буџети за полицијата на многу места се вообичаени, особено во градовите. Добрата финансиска поткованост е резултат на добро лобирање за полицијата уште во 1990-те години, вели Стјуарт Шрадер, социолог на Џонс Хопкинс универзитетот. „Меѓународното здружение на шефови на полиција не само што се обиде да влијае на законодавството за сузбивање на кривични дела, туку и да воведе обврска за отчет на политичарите спрема полицијата, а не обратно”, пишува Шрадер во текст со наслов „Да се штити самата и да си служи себеси: полицијата во американската политика од 1960-те години наваму”, објавен во 2019 година.

„Одземете ѝ го буџетот на полицијата!“, бараа демонстрантите во Феникс, Аризона, на 3 јуниФотографија: picture-alliance/AP Photo/M. York

Со оглед на сѐ пониските стапки на криминал, Шрадер смета дека работата на полицијата во многу региони на земјата може да биде намалена. Но, полицијата „си ги штити ресурсите наместо да ослободи дел од капацитетите”, вели социологот. „Полицијата не е подготвена да се откаже од добивките и застапувањето на личните интереси кои сѐ повеќе ги става пред нејзината фактичка мисија - справувањето со криминал."

Повеќе:

„The Talk“ - подготовка на децата за соочување со расизмот

Социјална нееднаквост во САД: Афроамериканците и натаму посиромашни, поболни, понеобразовани

Бесконечната борба за еднаквост во САД

Повик за укинување на полицијата

Во САД има движења кои бараат намалување на финансирањето на полицијата, па и нејзино целосно укинување. Деновиве оваа дебата дополнително е разгорена. Релик Хејс е коосновач на „Органајзинг Блек“ – група активисти од Балтимор кои се залагаат за тоа парите кои сега се слеваат во полицијата да се пренаменат за други цели. За ДВ тој вели дека градовите треба „да финансираат креативни процеси и да експериментираат и размислуваат за други идеи и начини како би можела да изгледа безбедноста. Треба да се инвестира во нештата кои знаеме дека им се потребни на луѓето, оти вообичаено криминалитетот е последица на тоа што луѓето ги немаат потребните ресурси.“ Хејс додава: „Ако ги погледнете сите места низ цела Америка ќе видите дека луѓето се чувствуваат посигурно кога нема полицаец на повидок. Зошто нашите места полни со полицајци не се сметаат за бебедни?“

Солидарност со револтот во САД

01:27

This browser does not support the video element.

Полицијата се обидува со друга стратегија за одржување на статус кво: податоците и доказите се само интерно достапни. Собирањето податоци за истраги и инциденти и анализа на комуникацијата помеѓу полицајци и цивили понекогаш може да биде многу тешко, потврдува за ДВ Алиjaса Суел, професорка по социологија на Ермори Универзитетот во Атланта, Џорџија. Граѓански инцијативи кои се обидуваат да го прават ова често мора да се потпираат само на медиумските извештаи. Суел додава дека често во статистиките на полициските власти недостасуваат важни информации, како бојата на кожата, или полот. Дури и во полициските извештаи „се потпираме на тоа полицијата да ни раскаже што се случило."

Расизам уште од епохата на ропството

Кога полицаец белец убива невооружен црнец, тој од колегите, политичарите и јавноста често е нарекуван „bad apple" (гнило јаболко), сугерирајќи на тој начин дека се работи за поединечен случај.

Советникот за национална безбедност Роберт О’Брајен неодамна ја употреби оваа фраза во едно интервју за Си-Ен-Ен зборувајќи за насилната смрт на Џорџ Флојд. Афромериканецот Флојд почина во Минеаполис додека полицаец белец со колено му го притскаше вратот оставајќи го без воздух, а тројца полицајци гледаа од страна. „Не верувам дека имаме институционален расизам“, рече О’Брајен. „Сметам дека 99.9% од нашите службеници за спроведување на законот се одлични Американци. Но, за жал, секогаш има по некое ‘гнило јаболко’."

Го има и ова: Полицајци кои клечат за да дадат знак против расистичко насилствоФотографија: Getty Images/AFP/E.M. Uzcategui

Алиjaса Суел, напротив, смета дека не е доволна концентрација само на одделни полицајци. „Лош полицаец е лошо семе," вели Суел. „Ова создава мрежи кои ги поддржуваат. Човек мора јаболкото да го пресече на половина за да дојде до семките. И ако овие семки се расипани, тие ги инфицираат и останатите јаболка.“

Суел го истражува институционалниот расизам и нагласува дека историјата живее и кај денешните полицајци. „Мора да се вратиме назад, до времето на робовите. Патролите за избегани робови се претходница на денешната полиција. Службениците и денес сѐ уште ги класифицираат црните луѓе како криминалци само врз основа на бојата на кожата. А кога некој е означен како криминалец, тогаш човек има право и да го отстрани од општеството."

Полициското насилство во САД не само што се толерира, туку и претседателот индиректно го охрабрува. На почетокот на неделата Донал Трамп им префрли на многу гувернери за слаба реакција во однос на протестите. „Ако не доминирате, тоа е загубено време," рече Трамп и додаде: „Тогаш изгледате како идиоти. Мора да доминирате.“

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми