1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто Путин не му честита на Бајден?

Константин Егерт
13 ноември 2020

Кремљ очекува дека политиката на Џо Бајден кон Русија ќе биде слична на курсот на администрацијата на Барак Обама. Но, на Москва би и било подраго едно поинакво сценарио, смета Константин Егерт.

Russland Moskau | Russische Sicherheitsratssitzung | Wladimir Putin
Фотографија: Alexei Druzhinin/dpa/picture-alliance

Владимир Путин молчи. Не му се брза да му ја честита победата на Џо Бајден на американските претседателски избори. Неговиот портпарол Дмитри Песков објасни дека причината е што претседателот Доналд Трамп побара повторно пребројување на гласовите во неколку сојузни држави. Но, работата не е во тоа.

Путин, коуму му е одлучувачко никогаш да не изгледа слабо, му покажува на Бајден дека и покрај санкциите на Запад кон Русија и меѓународната изолација, не се колеба да му се спротистави на новиот „водач на слободниот свет".

Бајден на Путин ќе му биде петти американски претседател. Прв беше Бил Клинтон. Путин има помешани чувства кон некогашниот потпретседател Бајден. Тој е еден од членовите на владата на Барак Обама кој не ги криеше симпатиите за Дмитри Медведев, чуварот на местото за Путин од 2008 до 2012 година, и се надеваше дека тој ќе се кандидира за претседателската функција. Такви „навреди на честа" Путин не заборава. И наводно не простува.

Презирот на Путин кон владата на Обама

Од друга страна, Путин отворено ја презираше владата на Барак Обама и Џо Бајден. Ја сметаше за слаба и неодлучна. Таа  одолговлекуваше и се противеше на усвојувањето на „Магнитски закон" во Конгресот, со кој ширум светот би можеле да бидат казнети политичари и службеници кои ги прекршиле човековите права. Допушти Башар ал Асад да употреби хемиско оружје против сириското цивилно население, со што ја премина сопствената „црвена линија", а потоа беспомошно гледаше како Русија ги испраќа своите борбени авиони и му помага на сирискиот диктатор да се одбрани. Уште поважна за Путин беше воздржаната реакција на Обама на анексијата на Крим и на крајот неговото решавачко колебање да ја снабди украинската армија со боево оружје. Дури администрацијата на Трамп ја промени таа политика.

Константин Егерт

Сега Путин чека дали владата на Бајден/Харис ќе стане „Тим Обама 3.0" или ќе заземе потврд став кон Москва. Веројатно нема долго да чека за да го дознае тоа.

Тимот на Бајден би морал многу брзо да стапи во контакт со раководството на Руската Федерација заради почнување преговори за нов договор за стратешко вооружување, кој би требало да го замени договорот Старт 3, потпишан во 2013 година од Обама и Медведев. Москва и Вашингтон сега дискутираат околу продолжување за една година.

Повеќе: 

Трамп уште нема докази за труењето на Навални

Незгодниот „сириски мираз“ на Доналд Трамп за Владимир Путин

Постојано кршење копја за Северен тек 2

Администрацијата на Трамп сака кон новата спогодба да пристапи и Кина, која во моментов значително го зголемува својот арсенал на атомско оружје. Трамп смета дека Путин ќе го убеди својот стратешки партнер Ши Џинпинг за и тој да седне на преговарачка маса. Дали Бајден ќе инсистира на тоа или ќе се откаже од кинеско учество? Тоа на Кремљ и на светот автоматски ќе им сигнализира дали идната влада ќе ја продолжи тврдата политика на Републиканците кон Кина, што е многу важен знак за Путин, кој на светската сцена сѐ повеќе се преплетува со режимот во Пекинг.

Белорусија, Северен тек 2, Навални

Постојат уште три прашања околу кои Кремљ чека сигнали од Белата куќа под Бајден: Белорусија, труењето на Алексеј Навални и Европа, а посебно Германија.

Дали новата американска влада ќе го зголеми притисокот врз режимот на Лукашенко? Од аспект на Путин, тоа ќе покаже дали новиот претседател е спремен да се спротистави на желбата на Москва за контролирање на постсоветскиот простор, вклучувајќи ја и Украина.

Дали Бајден исто така ќе го осуди обидот за убиство на лидерот на руската опозиција, Алексеј Навални, како што направи ЕУ? Путин верува дека администрацијата на Обама ги поддржувала демонстрантите во текот на московските протести во 2011/2012 година, во надеж да спречи негово враќање во Кремљ. Со оглед на опседнувачкиот страв на Кремљ од „промена на режимот", на што инсистираат САД, ставот на Бајден и ставот на Американците во случајот Навални за Путин е тема од големо значење.

Истото важи и за ставот на новата американска администрација за проектот Северен тек 2. Владата на Трамп, со поддршка на Конгресот, врши огромен притисок врз Ангела Меркел, за таа да се откаже од овој речиси завршен проект. Гасоводот за Кремљ претставува инструмент за економски притисок врз Украина, зашто на Киев ќе му одземе значаен дел од приходите од транзит на руски гас.

Берлин досега се спротиставуваше на притисокот на Трамп. Многумина европски политичари ми рекоа дека за Ангела Меркел би било многу полесно да постигне компромис со Бајден отколку со актуелниот американски претседател, кого во Германија и не го сакаат многу.

Ако се случи тоа, на Путин би му бил зададен жесток удар. Но, овде не станува збор дали Бајден ќе го постави гасоводот како проблем или едноставно ќе премине преку него. На сите тие прашања одговорите ќе стигнат многу брзо, односно веднаш по преземањето на функцијата. Додуша, само под еден услов: сите тие спорни прашања да не ги затрупа американската внатрешна политика или идеолошките борби во самата Демократска партија. А тоа пак на Владимир Путин би му било најдраго. 

Рускиот новинар и политички коментатор Константин Егерт е редовен колумнист на Дојче веле на руски јазик и водител на емисии на ТВ каналот Дожд. Порано бил уредник на московската редакција на сервисот Би-Би-Си и главен уредник на радио Комерсант ФМ.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми