1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што се случувало во М-НАВ?

2 јули 2019

Опозициските обвинувања за Генералниот секретар на Владата, го отворија прашањато - каква е безбедноста во авиосособраќајот? Владата вчера разгледувала класифицирани информации на оваа тема.

Symbolbild Flugzeug Sonnenuntergang
Фотографија: picture-alliance/dpa/H.-C. Dittrich

Обидот да се дискредитира Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, преку аудио-снимка за негови наводни незаконски влијанија на местење тендер на италијанската компанија „Леонардо“ за набавка на систем за управување со воздушниот простор за М-НАВ ( Македонска навигација), отвори многу прашања за безбедноста на авиосообраќајот. Рашкоски денеска на прес-конференција ќе одговори на обвинувањата, а објаснување зошто тој разговарал за набавката, сподели и вчера.

„Со оглед на тоа дека опремата е неопходна за нормално функционирање на авионскиот соообраќај, по задолжение на Владата а не самоволно, се организира состанок во мојата канцеларија и на состанокот не се договора никаков тендер туку се зборува за динамиката на испорака на веќе завршена постапка“, напиша тој на Фејсбук.

Класифицирани информации

Зошто доцнела таа набавка? Кој ја блокирал и зошто? Ова се прашања со кои ќе се занимава и ЈО. Колку доцнењето на таа набавка можело да биде погубно за безбедноста, говори и настанот од ноќта меѓу 19-ти и 20-ти септември 2018 година, кога Контролата на летање останала без радарска слика. Според М-НАВ тоа траело „половина час“, според други извори „неколку часа“. За состојбата веднаш бил известен Центарот за проток на сообраќај во Брисел, Агенцијата за воздухопловство и Комитетот за сериозни инциденти и несреќи, кој подготвил и извештај за тој настан. Се претпоставува дека тој Извештај, но и други аспекти од работата на М-НАВ биле тема на последната седница на Владата, но детали вчера не беа соопштени, со образложение дека се работи за „класифицирана информација“. Како што кусо изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, „на седницата биле донесени се соодветни заклучоци по кои треба да се постапува и сите тие прашања треба да се расчистат“.

Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Berg

Од Владата веќе се огласија со став дека од акцискиот план на М - НАВ се гледа дека набавката на АТМ системот требало да се реализира пред април 2018 година (шест месеци пред одржување на состанокот од снимениот разговор), а од изменетиот акциски план се гледа дека до одржување на состанокот тоа не е завршено.

„Целиот материјал ќе биде предаден на Јавното обвинителство со цел презентација на факти, разобличување на изнесените дезинформации, но и констатирање на одговорност за лицата кои сакале да ја нарушат безбедноста на граѓаните“, соопшти Владата.

До Обвинителството се обрати и ВМРО-ДПМНЕ со кривична пријава за владиниот Генерален секретар.

„Постојат сериозни индиции дека Рашковски сторил кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 според кое му се заканува казна затвор од најмалку 5 години“, рече Иванка Василевска од ВМРО ДПМНЕ.

Таа побара за Рашковски да биде одреден и притвор за да не влијае врз сведоците, а СДСМ одговори дека лажните вести не поминуваат.

„Дотаму е подготвена да оди опозициската ВМРО-ДПМНЕ, што шурува и креира сценарија со луѓе кои биле спремни да ги загрозат животите и безбедноста на граѓаните. За овие луѓе веќе има соодветни пријави пред надлежните институции. Вистината е дека поради неопходноста на опремата за нормално функционирање на авионскиот соообраќај, по налог на Владата е свикан состанок за утврдување на динамика за испорака“, се вели во соопштениете на СДСМ.

Во прашање е безбедноста

И додека се разменуваат партиски пораки, јавноста се прашува  каква е безбедноста на авиосообраќајот и што содржат касифицираните информации за состојбите во оваа институција? Лани, веднаш по инцидентот со губењето на радарската слика, извори од М-НАВ изјавуваа дека „данокот на импровизации во воздухопловството е превисок“. Според нив, такви настани не само што го рушат рејтингот на цивилното воздухопловство во земјата, туку се, пред се, безбедносно опасни. Според извори од таа институција, таму подолг период владее конфронтација меѓу тројцата директори - што резултирало со често непотпишување на записници од состаноци, саботажа на договори и опструкции на постапки важни за функционирањето на институцијата, како што е случајот со споменатиот тендер за набавката на потребната опрема. За ваквата ситуација сведочи и документ од седница на Управниот одбор на М-НАВ, потпишан од Николче Тасевски - претседател на Управниот одбор. Во него стои дека извршниот директор за воздухопловна техника, Климент Чепуњоски, без консултација со останатите членови на УО преку е-пошта се обратил до Европската банка за обнова и развој, во кој искажал невистини за состанокот одржан помеѓу М-НАВ и ЕБОР, по што комуникацијата со ЕБОР била целосно блокирана.

Фотографија: Archiv der Agentur Makfa

„Покрај овие проблеми, со нефункционирањето на Секторот за воздухопловна техника односно неодржувањето на уредите, системите и опремата, сериозно е доведена во прашање безбедноста на воздушниот сообраќај. Од вработените постојано доаѓаат поплаки дека системот не функционира“, пишува во документот што од Управниот одбор на М-НАВ бил испратен до Владата на 23 ноември 2018 година.

Скандалот излегува на површина во време кога бројот на летови и патници на двата аеродрама во земјата е драстично зголемен. Од 15 дестинации и 602.298 патници во 2009 година, Скопскиот аеродром во 2018 година опслужувал 41 дестинација со 13 авиокомпании и достинал бројка од 2,2 милиона патници. Во истиот период на охридскиот аеродром бројот на патници бил зголемен од 36.652 на 184.283 и опслужува 5 редовни линии и 8 сезонски дестинации.   

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми