1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто САД ги заоструваат односите со Турција?

Чејс Винтер
6 август 2018

Има многу ситуации поради кои се затегаат американско-турските односи. Затоа е чудно што судбината на еден американски свештеник ги втурна во хаос односите меѓу двете НАТО сојузнички.

Türkei | In der Türkei festgehaltener US-Pastor Brunson
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/E. Tazegul

Одлуката на САД на 1 август да воведе санкции за турските министри за правда и внатрешни работи поради континуираниот притвор на американскиот свештеник Ендру Бренсон во голема мера е симболична. Ниту турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу, ниту министерот за правда Абдулхамит Ѓул ќе се чуствуваат лично погодени од ваквите директни санкции. Непосредниот ефект од санкциите беше да се разнишаат пазарите и да ѝ се намали вредноста на веќе ослабената турска лира во однос на доларот. И додека е сѐ уште нејасно каков ќе биде исходот од ова ново затегнување во американско-турските односи, постои јасен ризик од нов циклус на ескалација, вклучително и дополнителни американски санкции.

Но, целата афера откри подготвеност од страна на САД да применат „заложничка“ дипломатија со авторитарната влада на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Се чини и дека администрацијата на Трамп се фокусира само на случајот со свештеникот на Евангелската црква, а не на прашањето со општата ситуација со човекови права во Турција, како и бројни други стратешки прашања.

„Се чини дека Трамп всушност сакал да направи одредени отстапки за Ердоган во замена за ослободувањето на Бренсон, ако договорот успеел", вели Мерве Тахироглу, турски аналитичар од Фондацијата за одбрана на демократијата со седиште во Вашингтон. „Админстрацијата на Трамп во никој случај не смееше да си дозволи да влезе во вакви преговори со турските власти. Фактот дека тоа се случи, покажува колку билатералните односи станале транснационални," вели таа.

Ова е минато? - Реџеп Таип Ердоган и Доналд ТрампФотографија: Reuters/K. Lemarque

Пропаднат договор

Бомбастичниот извештај од неделава на Блумберг, во кој се цитираат турски и американски официјални претставници, покажа колку двете страни биле блиску до постигнување на договор за ослободување на Бренсон пред Анкара да постави дополнителни барања во последен момент.

Со тој договор ќе му се дозволеше на Хакан Атила, поранешен главен менаџер на турската државна банка, Халкбанк да се врати во Турција и таму да ја издржи до крај затворската казна. Атила беше осуден во САД по обвинение поврзано со иранските санкции.

Американското министерство за финансии очекува мулти-милионска казна против Халкбанк за нејзината улога во врска со иранските санкции - потег кој би можел да ја турне во провалија ионака кревката турска економија. Во, според извештајот, пропаднатиот договор, САД сакале да ја намалат или дури да укинат било каква казна за турската државна банка.

Во друг договор, администрацијат на Трамп осигура Израел да го ослободи турскиот државјанин Ебру Озкан, кој беше уапсен поради сомневање дека му помагал на Хамас. Озкан сега е во Турција.

Бренсон требаше да биде ослободен и депортиран по неговото сослушување на 18 јули. Но, наместо тоа тој беше преместен од затвор во домашен притвор – потег кој ја збесна администрацијата на Трамп. Наводно договорот пропаднал кога Турција во листата додала барање САД да ги прекинат сите истраги поврзани со Халкбанк. За време на судењето на Атила во Њујорк, беа откриени детали за корупција во турската влада.

„Ако овој договор успееше, со тоа ќе беше отстранет главниот предизвик за турскиот економски напредок и можеби и ќе го отстранеше и негативниот имиџ на Халкбанк во очите на меѓународните финансиски институции," вели Тахироглу. „Аргументот дека овој договор пропаднал поради дополнителните барања на Анкара САД да ги прекинат сите истраги за турската вмешаност во шемата со санкции е лудост. Ердоган можеше од ова да излезе како победник. Наместо тоа тој си го наби на глава гневот на Трамп."

Само еден човек

Администрацијата на Трамп во неколку наврати ја обвини Турција дека го држи Бренсон како „заложник". Евангелскиот пастор од Северна Каролина е во притвор речиси две години.

Тој се соочува со обвиненија за тероризам и шпионажа, кои беа подигнати против него во рамките на острите мерки по неуспешниот обид за државен удар од јули 2016 година. За Анкара одговорен за обидот за државен удар е свештеникот во САД, Фетулах Ѓулен. Десетици илјади луѓе во Турција се затворени по обидот за државен удар.

Во споредба со Бренсон, администрацијата на Трамп не покажала исто ниво на интерес во случајот на двајца турско-американски државјани и тројца странски државјани кои биле вработени во американскиот конзулат и кои се соочуваат со слични обвиненија поврзани со тероризам во Турција. Ниту пак презеде акција за масовни злоупотреби на човековите права и влошување на владеењето на правото во земјата.

Научникот од НАСА, Серкан Голге седум и пол години е во затвор, а професорот Исмаил Кул има забрана да ја напушти Турција во очекување на судскиот процес. Двајца од тројцата вработени во конзулатот на САД се во затвор, додека третиот е во домашен притвор.

Во изјавата на американското Министерство за финансии, во кое се најавуваат санкциите за турските министри, конкретно се споменува Бренсон и нејасни „сериозни злоупотреби на човековите права" во Турција.

Во меѓувреме, Трамп и заменик-претседателот Мајк Пенс, кој е голем верник и член на Евангелската црква, се активираа на Твитер со постови во кои го фалат Бренсон како голем христијанин и „невин верник".

Ердоган пак отиде до таму што рече Турција нема да потклекне пред американските закани и го обвини Вашингтон за промовирање на „евангелистички, ционистички менталитет", кој е очигледно поврзан со поддршката на евангелските христијани за Израел.

Анти-турски протести во Вашингтон, архиваФотографија: Reuters/J. Ernst

Беше нагласена и реториката на администрацијата на Трамп дека притисокот на САД врз Турција би можел да биде отфрлен ако Бренсон е ослободен. Тоа го прави проблематичен кусогледиот фокус врз Бренсон, кој Трамп го избра врз база на неговата евангелска позадина.

„Затворањето на Бренсон е флагрантно и САД треба да вложат максимални напори за да се ослободат американските граѓани кои се неправедно затворени во странство. Имајќи го ова на ум, тешко е оправдување на санкциите поврзани со човековите права само врз основа на третманот на турската влада на Бренсон, наместо за масовното кршење на човековите права на таа влада, администрацијата јасно стави непропорционален акцент врз една единствена личност ", вели Роб Бершкински, заменик-претседател за невладината Политика за човекови права.

„Тешко е да не се заклучи дека администрацијата го користи случајот на Бренсон за да ги поттикне своите поддржувачи, со оглед на професијата на Бренсон како евангелски христијански свештеник и степенот до кој администрацијата е многу помалку агресивна во однос на другите Американци притворени во Турција", додава Бершкински, поранешен заменик помошник државен секретар за демократија и човекови права.

И Кубра, сопругата на научникот на НАСА, Голге изјави за ЕнБиСи дека има впечаток оти администрацијата на Трамп „се обидува да го спаси само Бренсон, но не и нас". Кубра Голге има забрана да ја напушти Турција со нивните два сина, кои се на возраст од 2 и 7 години.

Тахироглу, од Фондацијата за одбрана на демократиите, рече дека е „голема грешка" фокусирање само на Брунсон. „Пораката која се испраќа - вклучително и до турскиот народ – е дека администрацијата покажува фаворизирање на христијаните или евангелистите, што го одвлекува вниманието од вистинското прашање и ја намалува легитимноста на незадоволството на Вашингтон", вели таа.

„Прашањето овде не е само верска слобода, туку националната безбедност на САД и недостаток на владеење на правото во Турција", додава таа.

Повеќе: Ердоган им врати на САД со иста мера

САД и Турција одат кон тешка дипломатска криза

Нови проблеми на повидок

Покрај затворањето на Бренсон, односите меѓу САД и Турција се затегнаа и поради американската поддршка за сириските курдски сили и барањето на Турција Вашингтон да го екстрадира Ѓулен поради неговата наводна улога во државниот удар.

Плановите на Анкара за купување на ракетниот одбрамбен систем С-400 на Русија, исто така, долеваат масло на огнот во билатералните односи. Американскиот Конгрес го зголеми притисокот врз Турција во врска со договорот С-400, заканувајќи се дека ќе ја исклучи земјата сојузничка во НАТО од борбената програма Ф-35.

Исто така дополнителни тензии има и околу американските санкции за Иран, кој пак е најголемиот снабдувач на нафта и гас за Турција.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми