Зошто самитот за климата нема да успее?
30 ноември 2015Меѓународната заедница речиси две децении не успева да постигне глобален договор за заштита на климата. Дури и протоколот од Кјото од 1997. година со задолжителните цели во однос на климата го потпишаа само 37 индустриски држави.
Оттогаш имаше многу самити, драматични апели за дејствување - и никакви резултати. За самитот во Париз постапката предвидува секоја земја да изработи сопствени планови за заштита на климата, кои потоа редовно ќе бидат проверувани.
И тоа ќе доживее неуспех, смета Дејвид Мекеј од универзитетот Кембриџ. „Постојано се повикува да се дејствува за заедничката цел и таа да биде ставена над сопствените интереси“, вели Мекеј за ДВ. Но, тој укажува дека 40-годишното научно проучување за формите на соработка покажало оти секоја земја всушност има силни мотиви самата да презема колку што е можно помали напори во таа смисла.
Меѓу сопствена полза и несебичноста
Изјавите за намерите, што уште пред самитот во Париз ги поднесоа 146 земји, се чини дека му даваат право на Мекеј. „Многу земји го ветуваат само она, што ионака би го направиле поради соспствениот интерес“, вели тој. „Кина, на пример, и онака мораше да го ограничи користењето на јаглен, за да ги намали здравствените проблеми кај населението“.
Кристина Фигерес, која е на чело на еколошката организација на ОН, ги пофали плановите како „значителни напори“, но мораше да признае дека тие не се доволни за да се ограничи затоплувањето на земјината клима на помалку од два степена Целзиусови. Таа искажа надежа дека изјавите за намерите „не се и последен збор“.
Мекеј и економистите Питер Кремтон, Аксел Окенфелс и Стивен Стафт сметаат дека може едноставно да се премости јазот помеѓу националните интереси и глобалната заштита на климата.
Иста цена на ЦО2 за сите
Наместо бесконечно ценкање околу целите за емисиите на издувни гасови, светската заедница би требало да преговара за единствена глобална цена за емисиите на јаглероден диоксид и притоа да го почитува принципот на взаемност. „Тоа значи, јас ќе се согласам ако и ти се согласиш. Ако ти не се согласиш, нема ни јас“, вели Мекеј.
Секоја земја сама за себе треба да реши како ќе ја воспостави цената на ЦО2 - со трговија со права на емисии на гасот или преку данок за него. „ЦО2 е интересен извор на приходи и за земји на кои всушност им е се’ едно за промената на климата“, смета Мекеј. „Ако сакаат, пак, можат за возврат да ги намалат другите даноци“.
Потрага по рамнотежа
И покрај тоа, земји како Кина и Индија ќе пледираат за колку што е можно пониска цена за ЦО2. со аргумент за нефер оптоварување на нивните стопанства, дотолку повеќе што нивното загадување по глава на жител и натаму е далеку под она во индустриските земји.
Мекеј и неговите колеги поради тоа предлагаат фонд за климатско порамнување, во кој би уплатувале побогатите земји, а од кого пари би добивале посиромашните. „Ако меѓусебно се поврзат тие механизми, тогаш и за земја како Индија би имало мотив да гласа за повисока цена на ЦО2, оти тогаш би добила повеќе пари од фондот за компензација“.
Обратно, пак, богатите земји така ќе сакаат колку што е можно пониски компензациони исплати и би гласале за нешто пониска цена за ЦО2. Значи, во преговорите би требало да се дојде до оптимална цена за која сите би се согласиле, вели Мекеј.
Десет долари за тон
„Кога би можеле да се согласат за глобална цена од најмалку десет долари за тон ЦО2, ефектот веќе би бил поголем отколу она што веројатно ќе биде постигнато во Париз“, убеден е тој.
Дејвид Мекеј, до лани врвен научен советник на британското министерство за енергетика и климатски промени, и неговите колеги го објавија предлогот во стручното списание „Нејчр“, но немаат многу надежи дека тој ќе биде земен предвид на конференцијата за климата.
„Ако во Париз не биде постигнат голем успех, можеби наредниот пат ќе се сетат на нашата позитивна порака“, вели тој. „Правилата на играта можат така да се променат, што сопствените интереси на сите засегнати би биле усогласени со големата цел“. Тогаш ни преговорите за климата веќе не би биле толку компликувани.