1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто се бара затворање на Ал Џазира?

Керстен Книп
4 јули 2017

За Ал Џазира, конфликтот меѓу државите во Заливот е прашање на опстанок, за Катар пак оваа телевизиска станица е важна заради ширење политички ставови. Зошто дел од арапскиот свет сака затворање на Ал Џазира?

Al-Dschasira America Fernsehen Studio USA New York
Фотографија: Stan Honda/AFP/Getty Images

Ал Џазира наголемо го рекламираше своето интервју со Осама бин Ладен. Без оглед на меѓународните предупредувања. Возбудата поради најавениот прилог порасна и благодарејќи на фактот дека овој соговорник се наоѓаше на листата на ФБИ на најбарани злосторници и за неговото фаќање беше ветена награда од пет милиони долари. И така, во јуни 1999. година, кога Ал Џазира го објави интервјуто со шефот на Ал Каеда, пред малите екрани се собраа милиони Арапи.

Голема гледаност, скандали, контроверзи - тоа е концептот на кој Ал Џазира го темели својот успех. Но, таа не сака само пристап до што поголем број гледачи, туку и да ги пренесува политичките ставови на Катар. Секако, и интервјуто со Осама бин Ладен се вклопуваше во тој концепт. Навистина, тој и претходно разговараше со одделни телевизиски станици, но никогаш со некоја од арапските земји. Посебно згрозување поради ова интервју изразија земјите од Персискиот Залив, во прв ред Саудиска Арабија. Имено, Бин Ладен повеќепати го критикуваше кралското семејство и ѝ се закани на таа земја со терористички напади.

Ал Џазира опширно известуваше за американската инвазија во ИракФотографија: picture-alliance/AP Photo

Различен однос кон публиката

За саудиското кралско семејство беше непростиво што соседен Катар го објави ова интервју. Уште пред разговорот, Саудиска Арабија се трудеше да ѝ ја отежне работата на Ал Џазира, пишува новинарот Хју Најлес во својата книга за оваа телевизиска станица: „Но, по објавувањето на емисијата со Бин Ладен, Саудијците решија да ја спречат работата на Ал Џазира на секаков можен начин.“ 

Спорот меѓу Саудиска Арабија и Катар околу Ал Џазира, кој кулминира со најновото барање за затворање на оваа телевизија, не настана само поради заканите на Бин Ладен со терористички напади. Во суштина, пишува Шибли Телхами, исто така автор на книга за Ал Џазира, станува збор за односот на станицата кон гледачите. Телхами објаснува дека саудиските медиуми кон публиката се однесуваат патерналистички, додека Катар на гледачите им дава можност за создавње сопствено мислење. Од тоа единствено е изземена политиката на самиот Катар, за земјата Ал Џазира никогаш не известува критички. 

Сепак, кај сите други теми Ал Џазира постави нови мерила во арапскиот свет. Така, таа беше прв арапски медиум кој пренесуваше седници на израелскиот Кнесет, нејзините репортери по 11. септември 2001. година известуваа во живо од Авганистан, каде се водеше потрага по Осама бин Ладен, опширно информираше за американскиот напад врз Ирак во 2003. година, а исто така редовно испраќа новинари во Појасот Газа. Ал Џазира истовремено воведе сосем поинаква форма на ток шоу: нејзините новинари директно и отворено ги „испрашуваат“ арапските политичари.

Ал Џазира се надева на поддршка

Но, со оваа отворена и плуралистичка програма, Катар следи и сопствени цели: овој емират на тој начин сака да сврти внимание врз себе и истовремено да ја увери публиката во арапскиот свет во своите ставови. Инаку, во Катар се наоѓа голема американска воена авионска база, а Катар одамна се залага за нормализација на односите со Израел. Ни едното ни другото не наидува на одобрување во делови од арапскиот свет.

Разликите меѓу Катар и неговите соседи дојдоа до израз и за време на протестите во т.н. Арапска пролет. Ал Џазира опширно известуваше за нив, дури на таков начин можеби и ги поттикнуваше. Истовремено, Саудиска Арабија и нејзините сојузници протестите ги доживуваа како опасност за својот политички поредок. Тие разлики кулминираат со сегашното барање на овие арапски земји, Катар да ја затвори Ал Џазира.

Џил Трендл, директор на програмата на Ал Џазира на англиски јазик, ги отфрла обвинувањата за пристрасност и повикува на пружање поддршка: „Ние немаме обврска кон некоја група, идеологија или влада. Ние нудиме голем број ставови. Нашите новинари и натаму ќе продолжат да работат на таков начин. Но, се надеваме дека другите медиуми ќе го поддржат нашиот повик за одбрана на слободата на медиумите.“  

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми