1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто се вратив во Македонија

Никола Димитров
16 октомври 2016

Сакаме држава на правото или на поглавицата, прашува ексамбасадорот и преговарач за името Никола Димитров, кој во колумна за ДВ објаснува зошто одлучи да се врати во Македонија и политички да се ангажира.

Mazedonien Nikola Dimitrov
Фотографија: N. Dimitrov

Се вратив во мојата татковина поради „мерките“ на Владата. Мерки што создадоа еден вистински нов егзодус на сопствениот народ, претворајќи ја сиромашната држава во слуга на богатата партија, а граѓаните во феудални поданици. Способни млади луѓе си ја бараат среќата по светот, работат и создаваат за други држави, и ретко кој се врти назад за да фрли макар еден поглед. Најголемиот проект на режимот – узурпација до укинување на државата за лични цели – е болест што се чувствуваше одамна, но се потврди како со рендген снимка преку објавените разговори со што всушност започна лекувањето. Проект што од нашата Македонија направи земја на неказнивоста и безнадежноста.
Нашата генерација е должна да си ја заврши историската задача. Должност кон нашите деца, за да имаат пристоен старт и можност за среќа во своја држава и без партиски книшки, наместо долгови во наследство. Должност кон предците, за нивните жртви да не бидат залудни. Двајца од моите прадедовци биле затвореници во Беаскуле. Поп Димитар од Цакони поради тоа што бил еден од организаторите на Илинденското востание и учителот Ѓорѓи од Прилеп поради заговорот против грчкиот владика. Имаме должност и пред себеси, за кога ќе се погледнеме во огледало, да не го видиме срамот. Да не бидеме тие кои ја испуштија историската шанса за градење држава. Искрено мислев дека тоа беше основната цел во 2006-та година. Очигледно не била.

Излегов од системот и не отидов како амбасадор во Москва, чувствувајќи лична одговорност за лошиот правец по кој што тргнавме, пишува Димитров.Фотографија: N. Dimitrov


Кормиларот го изгуби компасот
Јас станав полнолетен кога Република Македонија прогласи независност. Се вработив во Министерството за надворешни работи на големиот конкурс во 1996 за да бидам дел од тие кои ќе работат на меѓународна афирмација на новата демократија. Јас сум тој што сум,  бидејќи растев, дишев и ги живеев искушенијата на Македонија. Дадов оставка во контекст на авантурата со Тајван и дадов се` од себе за да не ја изгубиме државата во тешката 2001 година, работејќи за Претседателот Трајковски. Работев на признавањето на уставното име кога бев амбасадор во Вашингтон. Пред Судот во Хаг бев дел од страната на правдата исправена пред неправдата нанесена од туѓа држава. Сега во Македонија сакам да бидам едно со страната на правдата против неправдата на сопствената власт. Излегов од системот и не отидов како амбасадор во Москва, чувствувајќи лична одговорност за лошиот правец по кој што тргнавме, а немајќи доволно влијание да го сменам курсот. Си најдов работа и почнав да пуштам корен и да си ја барам среќата во Холандија. Но, нема лична среќа кога татковината лежи на земја.
Дојде време да се стави рака во огинот. Во нормални времиња, никогаш немаше да се нафатам да бидам политичар. Но ова не се нормални времиња. Линијата на фронтот, што требаше да ја држат Собранието, судовите и другите институции, падна на граѓаните. Бидејќи Груевски и неговите немаат доблест сами да се повлечат, политичката пресуда мора да ја донесат граѓаните. За да не ја делиме сите одговорноста која мора да биде индивидуална. За да се направи систем што потоа ќе се бави и со правната пресуда. Ќе мора народот да го разбранува морето и да го однесе бродот на сигурно, бидејќи кормиларот го изгуби компасот. 


Состанок со историјата
Генерацијо, 25 години по референдумот за независност пред нас е исто толку важен референдум. Историски тест за нашата зрелост. Дали имаме интегритет да го казниме лошото што боде очи и уши, како лекција за сите идни лидери. Дали имаме мудрост да гледаме зад партиските букви и предрасуди, да видиме кој што правел и прави, а не под кое партиско знаме. Во егзистенцијална криза, особено со ваков изборен модел, изборот не е меѓу лево и десно. Немаме таков луксуз. Прашањето е дали имаме зрелост и капацитет за нормална држава и општество во кои ќе владее правото, а не поглавицата.
Во декември имаме состанок со историјата. Да го направиме внимателно изборот, бидејќи не` гледаат нашите деца и нашите предци. Време е да си ја изградиме државата. Крајно време е да поставиме систем што ќе овозможи еднакви можности и одговорности за сите. Можности. Одговорности. Да целиме Македонија да биде праведна и успешна како Финска, за да ја стигнеме,за почеток, Португалија. На крајот, признавам дека имам и една лична цел: да си го обелам името што го носам во чест на дедо ми Никола!

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми