1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто Софија е толку услужлива кон Ердоган?

Иван Бедров/Н. Домазетовиќ13 август 2016

Софија и предаде на Анкара човек за кој режимот во Турција смета за финансиер на т.н. "Паралелна држава" на Ѓулен. Зошто бугарската влада е толку услужлива кон Ердоган? Иван Бедров анализира.

Türkei Grenze zu Bulgarien
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Hoffmann

"Вратете се во Турција!" извикува маж во видео запис направен на границата на Бугарија со Турција. Снимката која ја пренесоа медиуми ширум светот прикажува бугарски граѓани кои протеруваат мигранти од државната територија. Овој случај стана симбол на непочитувањето на законите и правилата и нивна замена со самоуправување и наметнување на страстите над нормите. Бугарските полицајци можеби не го користеле истиот израз за време на предавањето на Абдула Бујук на границата со Турција, но пораката на државата Бугарија во овој случај е иста: „Врати се во Турција и не прашувај за законот!“

Абдула Бујук е турски бизнисмен. Тој се занимава со хостинг и тврди дека има стотици илјади клиенти во татковината. Абдула отворено зборува за припадноста кон движењето "Хизмет" на проповедникот Фетула Ѓулен кој живее во егзил во САД. Поради тоа, пред 11 месеци, турските судови на Бујук му изрекле забрана за напуштање на земјата. Пред извршувањето на мерката тој ја напуштил земјата и заминал во Бугарија. Во меѓувреме, турските власти поднеле барање за екстрадиција, на што бугарските власти одговориле позитивно. Така, на 17 февруари оваа година турскиот бизнисмен беше уапсен во Софија.

Софискиот градски суд како и Софискиот апелационен суд одбиле да го извршат барањето за екстрадиција на турската држава, со образложение дека "барањето за екстрадиција за злосторства од општ карактер има за цел затворање на бараното лице поради неговите политички убедувања".

Неколку месеци подоцна, непосредно по обидот за државен удар во Турција, одлуките на бугарските судови станале неважечки. Имено, министерот за внатрешни работи на Бугарија, го нарече Бујук "закана за националната безбедност". Потоа следеше акција за „рутинска проверка“ во софискиот кварт Младост во која Бујук беше уапсен. Од одделот за миграции, уапсениот Абдула Бујук беше спроведен до граничниот премин со Турција- Капикуле, каде беше предаден на турските власти.

Министерство за внатрешни работи призна дека има прекршување на законот, затоа што целата операција се одвивала без присуство на претставник на народниот правобранител и на набљудувачка група.

Што се промени по одлуката на судот?

На 15 јули во Турција беше извршен неуспешен обид за државен удар. Во обидот да се урне власта на Ердоган животот го загубија речиси 250 лица, а над 2.000 беа повредени. Во деновите што следеа претседателот Реџеп Таип Ердоган го обвини својот поранешен соработник Фетула Ѓулен и неговото движење, што властите веќе го нарекуваат ФЕТО (Терористичка организација на Фетуллах Гулен), дека стои зад обидот за пуч. Следеа чистки со десетици илјади апсења и отпуштања.

Пред десетина дена, министерот за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, на митингот во Анталија изјави: "Во Бугарија има еден предавник кој избегал таму пред тоа. Сакаме да ни го предадат ".

По ваквата изјава следеа реакции од бугарските власти. Тие неуморно повторуваа дека судските одлуки донесени во Бугарија се во корист на Абдула Бујук и поради тоа не може да биде екстрадиран во Турција. Исто така, бугарските власти изјавија дека тој би можел да биде предаден на Турција само доколку се достави ново барање за екстрадиција, вклучително со нови обвиненија, што би можеле да резултираат со различна одлука на надлежните судови.

Формално, турскиот бизнисмен бил предаден поради нерегулиран престој во државата, и покрај судската забрана за екстрадиција. Неговото барање за азил било одбиено од потпретседателот на државата Маргарита Попова, а според изјавите на претставници од министерството за внатрешни работи, тој сам ја прекинал постапката со цел да се заштити од евентуално екстрадирање.

Бојко Борисов и Реџеп Таип ЕрдоганФотографија: BGNES

Истовремено, во Бугарија има многу други странци чиј статус не е регулиран, но сепак „рутинските проверки" не се вршат толку експресно, а особено не со притворање и депортација.

Неколку часа по предавањето на Бујук на Турција, претседателот Реџеп Таип Ердоган укажа на Бугарија како позитивен пример: „Во Бугарија беше фатен уште еден нивен финансиер. Неговото барање за азил беше одбиено и тој беше предаден на Турција“, изјави тој.

Со тоа, целата претходна постапка за екстрадиција, судските одлуки и деталното разгледување на доказите - не само што беа заобиколени, туку станаа непотребни. На крајот сè се сведе на тоа дека Турција едноставно побарала еден човек, а Бугарија го испорачала, притоа кршејќи ги законските и меѓународните обврски за почитување на правата на човекот.

Зошто Бугарија го слуша Ердоган?

Најверојатно, случајот "Абдула Бујук" има важна улога во една многу поголема игра на геополитички зависности и интереси. Веројатно, премиерот Бојко Борисов чувствува одговорност поради претстојното патување во Турција за средба со Ердоган, која е наредната средба на Ердоган со странски државници, по посетата на Германија. Веројатно, доделувањето на претстојните големи енергетски проекти повторно ги буди економските апетити, особено по „затоплувањето“ на односите меѓу Турција и Русија. Веројатно, можат да бидат наведени уште многу фактори кои придонесуваат кон тоа бугарската влада да „даде ваков скандалозен подарок“ на Ердоган.

Иван БедровФотографија: DW/P. Henriksen

Сепак, сигурно е дека сигналот кон бугарските избирачи е ужасен и гласи: „Ние сакаме да преговараме зад грбот и не сме должни да ви објаснуваме што правиме“, а освен тоа неизбежен е впечатокот за непочитување на законите и хуманоста.

Случајот "Бујук" е скандал. Засега единствената реакција е на здружението Протестна мрежа во кое се вели: "По убиство со умисла на политичкиот дисидент Георги Марков на мостот Ватерло во Лондон и ние бевме сведоци на екстрадиција на политички мигрант од нашата земја, без оглед на одлуките на тамошните надлежни судски институции".

Политичките партии молчат, а претставниците на Владата изјавуваат контрадикторни и нејасни зборови. А, кога нешто толку срамно не може да биде објаснето, тогаш почнуваат сомнежите.

Особено сомнително е и поради написите во медиумите блиски до Ердоган, во кои се пишува дека Турција располага со докази за шверц на бугарски цигари на Блискиот Исток. Всушност, сосема е разумно луѓето да се прашуваат: „Дали во палатата Чанкаја има папка која прави бугарските власти да бидат толку корисни?“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми