1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто сѐ уште ѝ верувам на Европа

24 мај 2022

Има еден јазик во Брисел, кога е тоа во интерес на стара Европа, кој многу добро го разбираат новите проблематични членки кои влегле во европското семејство на мала врата. Пишува Ерол Ризаов

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

По сѐ она што ни се случува денес во Македонија е многу бесмислено и тврдоглаво да ѝ се верува на Европа. Ќе наликувате на осамен  патоказ во беспаќе кој означува правец во лавиринт од кој нема излез. Дури, јавното изјаснување дека уште ѝ верувате на Европа може да биде ризично и притоа, најблаго кажано, да бидете изложени на потсмев, на жестока  критика дека сте прозападен пропагандист кој сее лажни надежи.

За изгубената доверба во  ЕУ има многу аргументи и тие се добро познати на македонската јавност. Голем дел од мнозинството граѓани кои независноста на Македонија ја дочекаа со силна верба дека во догледно време само за неколку години ќе бидеме дел од европското семејство се чуствуваат буквално излажани и разочарани. Зошто тогаш, и по толку години на изневерени надежи и неисполнети ветувања, се уште спаѓам во се помалубројните кои веруваме дека Европа ќе најде решение кое ќе и овозможи на нашата татковина да стане дел од западната цивилизација и да стаса до целта каде што припаѓа и географски и политички и културно. 

Ништо не сме добиле лесно 

Македонија низ целата своја современа историја не добила ништо лесно и брзо. Односите на силите и интересите и во светот и во потесното опкружување секогаш диктирале да бидеме во подредена положба и онеправдани во остварување на македонската државност и просперитет. Тоа се случувало најчесто по диктат на помоќните и посилните, а некогаш и по наша вина вклучувајќи го тука и периодот кога е постигнат најголемиот напредок како федерална република на Југославија. Но, историска вистина е и фактот дека Македонија претпоследна, или последна, сеедно, со големо задоцнување сепак ја остварувала својата цел во одделни етапи од развојот бидејќи била на праведната страна на историјата. Така ќе биде и сега.

-други колумни од авторот: До каде стаса операцијата за спасување на Македонија

Тоа го наложува, историската закономерност, под еден услов, ако останеме на таа праведна страна и ја зачуваме државата. Европа со сета своја себичност и егоизам во одредени историски околности кои ја засегаат и претставуваат опасност за неа како што е сега агресијата на Русија врз Украина знае да ги препознае своите интереси и пошироко од она што е денес географската карта на Европската Унија, па така и Македонија и западен Балкан сега  претставуваат не само вербален интерес, туку и неопходност од припадност и европско  сојузништво.

Не треба да го испуштиме од вид фактот дека современиот свет, било подобро, или полошо потекнува од Европа. Светската историја на новиот век тргнува од европските вредности, од европското просветителство, од индустриската револуција, но и Првата и Втората светска војна, нацизмот и фашизмот се изнедрени на овој континент. За создавање на модерниот свет можеме да и се заблагодариме на Европа, но и да се обвини за големите страдања, разорувања и милионските жртви, од каде се извлечени поуките никогаш да не се повтори. Во тоа и се аргументите да не се повтори истата историска грешка која овојпат надвиснала над Европа. 

Македонското вето потешко од бугарското 

Сите економски, географски, стратегиски и политички аргументи кажуваат дека Македонија и целиот западен Балкан немаат подобра алтернатива освен припадноста на Европската Унија и на прифаќање на западно-европските вредности.

Може  Бугарија да ја одлага оваа историска неминовност со разни условувања и злоупотреби на придобивките од членството во ЕУ, но тоа не може да оди во недоглед, до принуда Македонија да тргне по друг пат, или да дојде до дестабилизација на регионот. Македонија веќе не очекува ништо добро од својот сосед, никаква подготвеност за симнување на ветото што единствено може да означи почеток на рамноправен дијалог кои можат да доведат до решенија прифатливи за двете страни. Без воспоставување на меѓусебна доверна тоа не е можно.

-други колумни од авторот: Гo слушна ли некој лелекот на Ѓоргиев и Тодоров

Првиот чекор е еднострано и без условувања симнување на ветото и почеток на  преговорите со ЕУ.  Во тој факт се крие и предноста што може да ја оствари Бугарија бидејќи по еден таков неочекуван потег Македонија е таа што треба да направи одредени компромиси и да донесе значајни одлуки. Е, тоа ќе биде многу потешко од бугарската блокада, бидејќи македонското вето во нашите македонско-македонски партиски односи може да се покажат многу посложени и поголем ограничувачки фактор од бугарскиот.

Веќе отпочна партиската кампања дека нашата влада, а не  Бугарија е виновна што не може поради својата неспособност да го реши проблемот со Бугарија. До вчера беше актуелна тезата дека е извршено предавство на националните интереси во тајни преговори, а откако се осозна дека нема резултат од „предавството“ сега се актуелизира како причина неспособната влада. Небаре постои идеално решение кое може да се оставри само со промена на власта. Тоа би требало да се сфати дека ќе има решение само ако дојде до  промена на власта. За жал заговорниците на ваквите стратегии не сакаат да согледаат дека нанесуваат огромна штета на државните интереси, вината што не може да се најде решение со  Бугарија да биде само наша. За среќа во несреќа, во  Бугарија тоа не може да се согледа поради сопствените историски заблуди во однос на македонската реалност.

Колку и да е голем притисокот двете земји сами да го решат наметнатиот спор, бугарскиот пристап од позиција на моќ на редовна членка на ЕУ го прави проблемот нерешлив. Европа пред две години ја донесе одлуката за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ. Таа и треба да ги најде патишата како до тоа да дојде. Кога ќе надвладеат интересите Европа има свои механизми како тоа да го направи за двете страни да бидат подеднакво незадоволни, или задоволни по сопствен избор. Постојат повеќе индикации дека тоа време е дојдено и дека следниот чекор на Европа ќе биде многу поразличен од сегашните кои главно се насочени двете страни да го решат тоа што од нивни аспект изгледа нерешливо. Затоа се уште ѝ верувам на Европа дека во блиска иднина Македонија ќе ги почне преговорите. Има еден јазик во Брисел кога е тоа во интерес на стара Европа кој многу добро го разбираат новите проблематични членки кои влегле во европското семејство на мала врата.    

                  .

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми