Успехот е само моментална слика. Вчера извонреден, денес веќе неконкурентен. Елиминацијата на Германија од СП во Русија е досега најголем пораз на Јоахим Лев, кој треба да го ослободи патот кон иднината, смета Јоша Вебер
Реклама
Зошто возбуда? Тоа можеше да се види однапред. Светскиот шампион е само сенка од себеси. Уморен, невешт, безидеен, ранлив. Сето ова беше германската репрезентација во мечевите во последните седум месеци. По квалификацијата на Светското првенство без вистински противници во групата од ноември 2017 година следеа три нерешени натпревари, два порази и една и тоа среќна победа против 67-та по ранг репрезентација во светот- Саудиска Арабија. „Подготовките не беа добри“, вели Лев денес - и со тоа прилично потценува. Горката елиминација од Светското првенство во групната фаза по два порази во три натпревари не е пех, ни лоша среќа, ниту пак несреќен синџир на неповолни околности. Заслужено е. И тоа е точката за крај на континуираното тонење.
„Последната убедлива игра ја прикажавме есента 2017 година. Тоа е малку одамна", точно оцени Матс Хумелс по натпреварот кој ја маркираше најниската точка на падот на шампионите. Овие 0: 2 (0: 0) против Јужна Кореја ја разоткрија вџашувачката безнадежност на германската игра. Без идеи, и покрај големите имиња како Крос или Озил. Безопасни по голот, бидејќи ниту еден од тројцата номинирани напаѓачи Вернер, Гомез, а да не зборуваме за Милер, не беа во форма. И без стабилност, бидејќи дури и врвните одбранбени играчи како Хумелс, Боатенг и Кимих правеа незамисливи грешки. И сето тоа против, да бидеме искрени, просечни противници.
Мексико и Јужна Кореја ја поразија Германија, против Шведска емоциите од победа во последен момент ги засенија очигледните слабости. Елиминацијата од Светското првенство беше само прашање на време. Сега некои новинари дрдорат за проклетството на бранителот на титулата, бидејќи четири од последните пет светски шампиони испаднаа во групната фаза на наредниот Мундијал. Какви глупости. Магија сигурно не беше во игра, никој не го проколна германскиот тим да испадне. Од друга страна, она што беше забележливо е самозадоволството. Борбениот дух на неговиот тим бил во ред, рече тренерот. Не, за жал воопшто не беше така, господине Лев.
Светските шампиони делуваа целосно сити и со тоа стапнаа во истата стапица како веќе претходно и Франција, Шпанија или Италија. Гладта за успех беше згасната, придржувањето кон докажаните не донесе нов успех. Така беше и кај светскиот шампион Германија. Победата на младата екипа на Купот на конфедерациите беше сигнал кој во голема мерка беше игнориран. Новата, гладната генерација која играше таму се покажа добро, но тоа не беше доволно за вистински настап на Светското првенство. Таленти како Јулијан Брант влегуваа само во завршните фази од мечевите, други пак, како Лерој Сане, мораа да останат дома.
Зад сите овие одлуки стои Лев, кој сега вели: „Јасно е дека јас морам сега да ја преземам одговорноста за тоа“. Тешко е сега можеби најуспешниот германски селектор да се обвини дека потфрлил, конечно тој Германија меѓу 2006 и 2016 секогаш ја предводеше до најдобрите четири тимови на светските и на европските првенства. Но средствата на Лев се сега исцрпени. Нему не му успеа да ја мотивира екипата. Тој не можеше на натпреварите да изнесе тим во добра телесна кондиција. Во три мундијалски натпревари тој не пронајде успешен план Б. Дури и ако претседателот на Германскиот фудбалски сојуз, Рајнхард Гриндел побрза да му даде поддршка на Лев, ова не е момент за „само така натаму“. На германската репрезентација ѝ е потребен пресврт, како кај играчите така и кај тренерскиот штаб.
Илустрирана историја на светските фудбалски првенства
Од германското „Чудо од Берн“, преку „Божјата рака“ на Марадона, до Зидановиот „Удар со глава 2006“. Историјата на светските фудбалски првенства е полна со незаборавни моменти. Вака ги гледа карикатуристот Херман Аксел.
Фотографија: Aczel / Edel Books
„Монтевидео, бог те видео!“
Првото Светско фудбалско првенство е одржано во Уругвај во 1930. Повеќето учесници беа од северна, централна и јужна Америка, а од Европа стигнаа само четири екипи, меѓу кои и југословенската. Во финалето домаќинот го победи вечниот ривал - Аргентина. Резултатот 4:2.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Чудото во Берн
Првото СП по Втората светска војна беше одржано во 1954 година, во Швајцарија. Најсилна екипа беше репрезентацијата на Унгарија. Во првото коло „унгарската лесна коњица“ ја совлада Германија со 8:3. Но, Германците им се оддолжија во финалето (3:2) и првпат станаа светски рпваци. Фриц Валтер (лево) и легендарниот тренер Сеп Хербергер на рамената на навивачите.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Само еднаш
Англија - „мајката на фудбалот“ - само еднаш во историјата на светските фудбалски првенства беше првак и тоа на домашен терен во 1966 година. Во финалето ја совлада Германија со резултат 4:2. И денес е спорен голот кој Англија го постигна во 101. минута. Боби Мур (на сликата со пехар в раце) и неговите соиграчи на Англија ѝ ја донесоа првата и засега единствена титула првак на светот.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Бразилска самба
Бразил во 1970 година по третпат стана светски првак. Кралот на фудбалот - Пеле (на сликата) и неговите соиграчи беа магионичари на теренот во Мексико. Во финалето ја совладаа Италија со резултат 4:1. На шест натпревари на СП, Пеле постигна 19 голови. Првпат таа година сите натпревари се пренесувани на телевизија во боја.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Бомбардер на нацијата
На СП кое во 1974 година првпат е одржано во Германија, имаше неколку премиери: „Кајзер Франц“ Бекенбауер против „кралот на тоталниот фудбал“ Кројф, Запад против Исток, нов пехар. Во финалето домаќинот играше против Кројфовата Холандија и Германија славеше со резултат 2:1. Победничкиот гол го постигна „бомбардерот на нацијата“ Герд Милер (во средина).
Фотографија: Aczel/Edel Books
Божја рака
Светското првенство во 1986. во Мексико ќе остане запаметено како шоу на аргентинската фудбалска ѕвезда Диего Марадона. Благодарение на неговата генијалност и лукавство, Аргентина по вторпат стана првак на светот. Самиот Марадона постигна убав, но според гол. На средбата против Англија, со помош на раката ја уфрли топката во голот. Марадона подоцна изјави дека тоа била „Божја рака“.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Плукање
Во 1990. Германија во Италија ја прослави третата титула светски првак. „Панцерите“ (во превод - тенкови) во финалето ја победија Аргентина со 1:0. Првенството ќе остане запаметено по неспортското однесување на Холанѓанецот Франк Рајнкард (десно) кој го плукна Руди фелер во осминафиналето. Двајцата беа исклучени од игра. Германија победи со 2:1 и се реваншираше за поразот на ЕП од 1988 година.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Зидановиот удар со глава
Во 2006 година повторно славеше Германија, која по изведувањето пенали како домаќин во финалето ја совлада Франција. Неславен момент на првенството беше кога капитенот на француската репрезентација Зидан со глава го удри Италијанецот Матераци. Исклучен е од натпреварот и тоа означи крај на неговата успешна фудбалска кариера.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Конечно титула
На СП во Јужноафриканската Република доминираше Шпанија со својата „тика-така“ игра. Шпанците во финалето ја совладаа Холандија со резултат 1:0. Победничкиот гол го постигна Андреас Ињеста (број 6 на сликата). Германија во борбата за трето место го совлада Уругвај со резултат 3:2.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Крал на дриблинзите
На СП во 2014 годинина Аргентина ја предводеше Лионел Меси. Неговите мајсторски дриблинзи ја доведоа Аргентина до финалето, каде што ја чекаше Германија, која претходно го совлада домаќинот Бразил со 7:1.
Фотографија: Aczel / Edel Books
Екипа со четири титули
Финалната средба на СП во 2014 година се одигра пред 75.000 гледачи на стадионот Маракана во Рио де Жанеиро. Германија ја победи Аргентина со резултат 1:0 и така стана прва европска репрезентација која освоила титула на американскиот континент. На сликата се играчите на германската репрезентација кои настапија во финалето.
Фотографија: Aczel / Edel Books
Низ светските првенства - со стрип
Издавачката куќа „Едел Букс“ по повод СП во Русија во продажба пушти илустрирана историја на светските фудбалски првенства под наслов „World Cup 1930-2018“. Незаборавните моменти од 84-годишната историја се претставени со многу хумор.
Фотографија: Aczel / Edel Books
Карикатуристот
Аргентинскиот уметник Херман Аксел (Germán Aczel) својата кариера ја почна во родниот Буенос Аирес, во кој, покрај останатото, работеше и за спортското списание „Ел Графико“. На 26-годишна возраст се досели во Германија и денес живее во Минхен. Во моментов работи за реномираниот англиски фудбалски магазин „FourFourTwo“.