1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зрело и презреано

9 мај 2018

Ако не успееме да го фатиме овој воз, нема гаранции дека нашите европски пријатели нема пак да се „изладат“ за проширувањето, па ни решението на проблемот со името нема да биде гаранција за евроатлантските интеграции.

Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

Созреано е времето за решавање на проблемот со името. Но, ако чекаме премногу, проблемот ќе презрее и ќе ни изгние во раце. Сите пораки од меѓународната заедница во последно време се фокусирани на охрабрување на тековните преговори, но истовремено потенцирајќи дека времето е сега, а подобра шанса не можеме да очекуваме. Кај нас, пак, како да постои некој страв од оваа шанса, кој се манифестира како невротична масовна патологија на инает во финалето, кој е присутен и кај политичките елити, и кај општата јавност. Кај елитите, тој се дели на страв и на опортунизам: страв од решението, демек ќе ни протнат некаква стапица, а опортунизам во најбазична политичка смисла, препознаен како можност за уцени во последниов период. Кај јавноста, пак, овој последен отпор се манифестира во вид на пасивно агресивен став кон проблемот, кој се прекршува помеѓу заморот од прашањето и желбата за решение, и нерационалниот инает и скриена ксенофобија.

Елитите и јавното мислење

Јас мислам дека подобро време за решение на овој проблем немало, и не треба да се очекува во догледна иднина. Најнапред, треба да се нотира еволуцијата на јавното мислење, и во Македонија и во Грција. Последните истражување на јавното мислење покажуваат дека се зголемува процентот на граѓани, кај двете страни, кои прифаќаат компромисно решение. Иако бројките не се децидни, треба да се има предвид дека трендот е позитивен, и тој ќе се засили како што ќе се доближуваме до решение, така што не треба да се очекуваат премногу проблеми при објавата и спроведувањето на таквиот договор. Индикација за ова е и релативната индиферентност со која јавноста ги дочекува новите информации за процесот. Пред една година, на пример, секоја грчка изјава на оваа тема ќе одекнеше како бомба во македонската јавност, и обратно, а сега таквите искри се сведени на попатен интерес од медиумите и јавноста, без многу внимание и драмолетки.  Ова е индикација на заморот на внимание од двете страни, што е имплицитна порака: „решете го веќе проблемот и доста нѐ малтретирате“, што треба да се толкува како охрабрувачка порака. Тука ситуацијата во Македонија и Грција е обратна: во Македонија јавното мислење не е проблематично, а елитите се, а во Грција е обратно: елитите изгледаат посветени на процесот, а проблемот е јавното мислење. 

Фотографија: Colourbox

Каде е проблемот?

Најважно, сепак, во ова финале, е можниот квалитет на решението, што е неопходно врзано за храброста потребна да се заокружи овој процес. Ако се анализира процесот рационално, заклучоците се доста едноставни, и нападно очигледни. Имено: процесот досега оди добро, а како што се затвораат етапите од преговорите една по една, просторот кој останува да се освои останува сѐ помал.  Ако е тоа така, тогаш, компромисите неопходни да се заокружат последните 10% од договорот, всушност влијаат со помалку од 1% во квалитетот на целокупното решение.  Затоа, илузорна е оваа дебата во јавноста околу стравовите за промена на Уставот, кое ќе биде конечното решение и слично. Ако решението е достоинствено, зошто таквото решение би имале проблем да го ратификуваме во Уставот? Ако има повеќе опции (од понудените за кои знаеме), каква е суштинската разлика помеѓу било која од нив, ако тоа го затвора проблемот? Дали, на крајот, неопходноста од ратификација на решението, и дилемите врзани за тоа дели референцата ќе биде „Горна“, „Северна“ или слично, се доволни разлики за да дозволиме вкупниот постигнат напредок да пропадне? Се согласувам со оние кои велат дека единствена губитничка варијанта за нас во овој проект е да останеме без решение, при што губиме сѐ, а нема никаква разлика во начинот на кој ќе го заокружиме процесот, зашто така добиваме сѐ.  Затоа, иако аналогијата нѐ потсетува на погрешни примери, мислам дека е најважно да бидеме deal oriented. Бесконечно е поважно процесот да се затвори, со сите неопходни компромиси во оваа фаза, одошто да „се трткаме“ во недоглед, зашто алтернативите ако не го решиме прашањето се навистина страшни, во секоја смисла.

Претходни колумни од авторот: 

Попатни дилеми

Парче пелин, парче чоколадо

Во кругот триаголник

Можно е ЕУ пак да се „излади“ за проширување

Постои реална можност, Грција да оди на предвремени парламентарни избори уште оваа година.  Ципрас преговара за заокружување на овој пакет мерки за штедење, и одложување на почетокот на новите мерки до 2019.  Тоа теоретски би му оставило малку маневарски простор до крајот на 2018. за мерки како подигање на пензиите, олабавување на државното трошење и слично. Во таква ситуација, логично е да се очекува дека тој ќе сака избори додека овие популистички мерки се активни, наместо наредната година, кога повторно ќе мора да штеди. Затоа, временскиот прозорец за решение се намалува, а влоговите се зголемуваат.  Потоа, новонајдениот оптимизам на ЕУ за проширување име рок на траење – ако не успееме да го фатиме овој воз, нема никакви гаранции дека нашите европски пријатели нема повторно да се „изладат“ за проширувањето, што ќе направи ситуација во која ни решението на проблемот со името нема да биде гаранција за евроатланските интеграции.  Дополнително, ризикот од нова мигрантска криза летово дополнително го прави проектот итен, а алтернативите неповолни.

Затоа, мислам дека јуни е реалниот рок за заокружување на првата фаза од процесот – односно демонстрација на доволен напредок за да добиеме датум за преговори. Било што повеќе од тоа би било добредојден бонус.  За следната фаза – целокупен договор за покана во НАТО, имаме реален рок до септември. Третата, и последна фаза – имплементација на договореното, може да се одвива паралелно со преговорите за ЕУ и ратификацијата на членството во НАТО во националните парламенти. Значи, филигрански чекори, и минимален простор за грешки ни стојат во наталната карта за овој период. Добрата вест е што во картата исто така стои дека заокружувањето на овој процес неповратно нѐ оттргнува од локалниот жабарник и не става на нов, вистински пат, што е добивка за која вреди да се ризикува и малку повисока цена.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми