Иванов води, Фрчкоски втор на претседателските избори
23 март 2009Според неофицијалнитe резултати од Државната изборна комисија објавени околу полноќ, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорѓе Иванов е во голема предност пред Љубомир Фрчкоски од СДСМ и независниот кандидат Љубе Бошкоски. Ова се информации на ДИК, базирани на податоци од 921, од вкупно 2.976 избирачки места. Иванов има 60.244 гласови, Фрчкоски 31.130, Бошкоски 26.621. Четврти е Имер Селмани од Нова Демократија со 21.306 гласови, Агрон Буџаку од ДУИ има 10.860, Мируше Хоџа од ДПА 5.429 и Нано Ружин од ЛДП 4.623 гласови. Според партиски информации, Иванов освоил 106.000 гласови, а Фрчкоски, 64.000.
Одзивот на гласачите според досега обработените избирачки места е 53,9 отсто. Невладината организација МОСТ соопшти дека просечната излезност на престедателските избори ќе изнесува околу 63% на ниво на државата.
Инаку од штабот на СДСМ велат дека бавно се одвива пребројувањето на гласовите. Според СДСМ нивните кандидати се најверојатни идни градоначалници на Струмица и Куманово, со голема извесност дека опозициската коалиција ќе победи во Велес и скопската општина Карпош. Од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека нивниот кандидат за градоначалник на Скопје, Коце Трајановски води пред Тито Петковски од НСДП. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека нивните кандидати најверојатно ќе победат во Прилеп, Битола, Кочани, Виница и скопската општина Ѓорче Петров. Според извори на ДУИ партијата води во речиси сите средини каде што доминираат етничките албанци, освен во Тетово и во Гостивар.
Од централниот изборен штаб на СДСМ оценија дека изборите поминале мирно и без насилство, но со регистрирани нерегуларности. Оттаму соопштија дека забележале случаи на агитирање, притисоци од активисти на ВМРО-ДПМНЕ и снимање на гласачки ливчиња по мобилни телефони. ДУИ соопшти дека изборите минале во добра атмосфера. ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека изборите биле фер и демократски. Инаку поради снежното невреме, денеска не беа отворени 134 гласачки места.