Иванов во Брисел на средби со челниците на ЕУ и НАТО
4 септември 2012Според програмата, Иванов денеска ќе се сретне со претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц, со генералниот секретар на Северноатлантската алијанса Андерс Фог Расмусен и со Штефан Филе, еврокомесар за проширување на Унијата. Утре македонскиот претседател ќе има средба со претседателот на Европскиот совет, Херман ван Ромппој.
Средбата на Иванов со Расмусен ќе биде прва по Самитот во Чикаго, па истата, според неговиот кабинет - претставува уште една потврда дека Република Македонија останува цврсто определена и посветена на тоа да стане членка на НАТО. Разговорите се очекува да бидат фокусирани и на односите на Република Македонија со НАТО-алијансата, при што е најавено дека ќе бидат разменети мислења околу Самитот во Чикаго и случувањата во регионот на Југоисточна Европа.
Македонскиот претседател е придружуван од министерот за надворешни работи Никола Попоски, а централни теми на разговорите со претставниците на ЕУ ќе бидат македонските евроинтегративни процеси, можноста за нивно деблокирање, тековниот реформски процес во рамки на Пристапниот дијалог на високо ниво и очекувањата на Република Македонија во однос на октомврискиот извештај на Европската комисија.
Од канцеларијата на еврокомесарот Филе за МИА потврдиле дека на неговата средба со Иванов се очекува да биде допрена и темата околу кризата во владината коалиција во Македонија, при што првиот човек за проширување на ЕУ се очекува да ги искаже своите очекувања за мирно решавање на овој проблем. Од Иванов и Попоски, пак, се очекува да му ги пренесат своите ставови на Филе дека во октомврискиот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија во рамки на интеграцијата во ЕУ, очекуваат да се најде место за одредницата „македонски”, инаку и двајцата нема да го примат документот.