1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов: ги спречив црните сценарија против Македонија

БГ
29 декември 2016

Во годишното обраќање, шефот на државата искажа серија критики кон ЕУ и НАТО, го прогласи СЈО за селективно и политизирано, ја обвини опозицијата за неодговорност и порача дека нема да дозволи федерализација

Mazedonien - Präsident Gorge Ivanov
Фотографија: MIA

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов во новогодишниот говор до нацијата повика на помирување и сплотеност во заштита на националните и државни интереси, но искажа и серија обвинувања и критики кон меѓународни организации и претставници, како и на сметка на домашни политички партии и институции.

По кусиот вовед, Иванов рече дека говорот ќе биде посветен на политичката криза во земјата која создала „амбиент на страв и неизвесност“, а преголемата партизација до „невидена поларизација на граѓаните“.

„Плурализмот во земјата е сведен на мултиплицирано едноумие“, рече Иванов.

Шефот на државата лоцираше две адреси на кои го пронајде виновникот за длабоката криза во државата- надворешна и внатрешна. Првата е меѓународната заедница, поточно ЕУ и НАТО кои со блокадата на приемот на Македонија, односно одложувањето на почетокот на пристапните преговори, покажале неодговорност. Иванов оценува дека во 2008 и 2009 година, државата била во зенитот на своите напори да обезбеди членство во двете организации, „но бевме разочарани“.
„Бевме блокирани и игнорирани. Наместо да бидеме наградени- бевме казнети“.

„Нивното 'набргу' не се мери со календар. Неодговорно не блокираа на неодредено време“, порача Иванов.

„Од тогаш до денес, Македонија стана колекционер на позитивни европски извештаи и препораки и акциони планови за членство во НАТО“.

Блокада и поделби

Оваа блокада, според него, довела до поделби и криза во земјата, која „одредени неодговорни политички лидери“ ја влошиле со тоа што почнале да го заобиколуваат Собранието и одлучиле да делуваат вонсистемски.

Осврнувајќи се на одлуката да потпише широка амнестија за сите политичари осомничени во постапките на СЈО, Иванов уште еднаш потврди дека смета оти донел исправно решение со кое спречил „анархија“ во државата.

Притоа, тој го обвини СЈО дека е „селективно и политизирано обвинителство кое наместо инструмент за правда, се сведе на инструмент за уцена на политичките противници“.

„Ги спречив црните сценарија против Македонија! Еден ден кога ќе биде декласифицирани сите документи, граѓаните ќе имаат увид во таа мерка. Помиливањето беше единствен мирен начин да се избегне анархија“, рече Иванов, објаснувајќи дека во април годинава постоел висок ризик за безбедноста на државата, како на внатрешен план, така и од притисокот од мигрантите и од заканата од странските терористички борци.

Попис па права

Иванов обвини некои домашни политичари дека се подготвени да ги жртвуваат државните и националните интереси и повеќепати порача дека тој тоа никогаш нема да дозволи

„Сè уште слушам како одредени лидери на партии јавно лицитираат со унитарниот карактер на државата, со некаква си кантонизација и федерализација, со името на државата и со идентитетот на граѓаните. Тие лицитираат со државните интереси“.

„Никогаш нема да се согласам Македонија да биде бинационална или федерална држава“, рече Иванов.

Во однос на барањата за двојазичност, Иванов потсети на Амандманот 5 од Уставот кој произлезе од Рамковниот договор кој го регулира ова прашање. Дополнително, тој порача дека новата влада итно мора да спроведе попис на населението. „Без нов попис на населението, не може да се бараат права што зависат од статистиката“, рече тој.

На крајот, Иванов ги повика двете најголеми партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, да си простат, да се помират и  „да се сплотат околу националните интереси на македонскиот народ и државните интереси на Република Македонија.“

Повикувајќи на национално помирување, Иванов заклучи дека од новата влада очекува да има два клучни приоритета:
„Заштита на државните интереси на Република Македонија, што подразбира зачувување и зацврстување на унитарниот карактер на државата. И системска реформа по кризата во која ќе бидат опфатени субјектите на системот за национална безбедност на Република Македонија“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми