Иванов: Грција да се откаже од максималистичките позиции
15 јануари 2012
Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов синоќа во Битола приреди прием за дипломатскиот кор во државата, првпат надвор од главниот град и најави нова практика поврзана со традиционалниот новогодишен прием.
Во своето обраќање Иванов посочи дека 2011-та за Република Македонија беше година на јубилеи и успеси, а заврши со дипломатско-правен успех кој во очите на меѓународната заедница го потврди кредибилитетот на надворешната политика.
„Очекувам оваа 2012-та да биде година во која ќе се помести состојбата на статус-кво во однос на интеграциите на Република Македонија. Пресудата на Меѓународниот суд на правдата е конечна и обврзувачка. Таа не може и не смее да се сведува на советодавно мислење, да се девалвира, бидејќи тоа би значело ослабнување и поткопување на самиот меѓународен поредок. Пресудата и Времената спогодба се шанса за нашиот сосед, за сите нас, за регионот“, истакна шефот на државата.
„Очекуваме“, додаде,„нашиот јужен сосед да ги напушти некоректните максималистички позиции, и наспроти досегашното однесување во процесот на претставување пред меѓународната јавност, да го поддржува нашето интеграње во евроатлантските структури“.
Според претседателот Иванов, во 2012-та година Република Македонија ќе биде посветена на остварување на стратешките цели,членството во НАТО и ЕУ, развојот на билатералните односи со сите држави во светот, јакнењето на добрососедските односи, проактивност и иницијативност во регионалната соработка.
Приоритет-мултиетничко општетсво и економски реформи
На синоќешниот прием што се одржа во НУ Завод и Музеј-Битола во името на дипломатскиот кор се обрати словенечкиот амбасадор Ален Брајан Бергант, кој рече дека Република Македонија минатата година одбележа 70 години од НОБ, 20 години од независноста и 10 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.
„Од големо значење за стабилноста на државата е да продолжи со развојот на мултиетничкото општество за еднакви граѓани со еднакви можности. Извештајот на ЕК е патоказ како да се продолжи со реформите особено во економијата, кои ќе придонесат за нови инвестиции, вработувања и подобрување на животниот стандард на сите граѓани“, напомена амбасадорот Бергант.
Автор: ЖА/миа
Редактор: Александра Трајковска