1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов: Два завета за Македонија

АМ/миа2 август 2014

„Славењето на првиот Илинден, неминовно е славење и на вториот и третиот македонски Илинден“, истакна македонскиот претседател Ѓорге Иванов денеска на одбележувањето на Денот на Републиката во Скопје.

Фотографија: MIA

„Во овие 111 години, едни се обидувале да ни забранат да го славиме Илинден. Други се обидувале насилно да наметнат славење на некој, за нас непрепознатлив Илинден. Но, македонскиот народ не е наивен и знае дека водата е најчиста на изворот. Илинден е изворот на македонската слобода. Извор од кој се напојуваа генерации борци. Македонскиот народ никогаш не дозволи тој извор на слободата и самобитноста да пресуши или да биде заматен. Тој остана чист и непресушен симбол на нашиот непокор, нашата борба и нашата освоена слобода“, рече претседателот на државата во обраќањето пред споменикот на Методија Андонов-Ченто.

За првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Иванов рече дека е народен трибун и хуманист, граѓански демократ и морална совест на независна Македонија, кој храбро го застапувал правото на самоопределување, вклучувајќи го и правото на отцепување. Судењето на Ченто, рече тој, е и пресуда за АСНОМ.

„АСНОМ стана симбол на слободата и израз на суверенитетот на македонската држава... беше краток блесок на суверената и државотворна волја. Блесок што беше засенет од еден режим што проголта многу слободоумни македонски патриоти, луѓе од народот, кои најдобро знаеја што сака народот. Првиот меѓу нив беше Методија Андонов-Ченто“, рече Иванов.

Сите кои изгинаа, борејќи се за сонот, додаде Иванов, во наследство ни оставија два завета. „Првиот завет е да ја чуваме Македонија. Вториот завет е да ја направиме Македонија просперитетна и побогата“.

„Слободата не е подарок. Таа е најдлабока почит кон предците, самопрегор пред предизвиците и одговорност кон идните поколенија. Некои сe’ уште живеат во илузии и бараат одговор на македонското прашање без Македонија и без Македонците, без македонскиот јазик и без македонскиот идентитет. Поставуваат прашање што веќе е одговорено, несвесни дека секогаш ќе се соочат со истиот недвосмислен одговор. Одговор што го дадовме на третиот Илинден, на 8 септември 1991 година. Како што илинденците се бореа против ропство за слобода, како што АСНОМ-ците борејќи се против фашизмот и нацизмот се изборија за држава, така и ние, борејќи се за правда и за човечко достоинство, ќе се избориме за напредна, европска и евроатлантска Република Македонија“, истакна Иванов.

Фотографија: MIA

Во обраќањето претседателот порача да се чува мирот и соживотот и Македонија да се изгради во економски силна и развиена држава, во која младите ќе имаат квалитетно образование, работа и услови да формираат семејства, земја на нови знаења и инвестиции и на повеќе работни места.

„Континуитетот е наша обврска, без оглед што носи времето. Ќе има бури, но и тие ќе поминат. Ќе има и предизвици, но и нив сплотени ќе ги надминеме. Бидејќи македонскиот сон се оствари“, истакна претседателот Ѓорге Иванов на одбележувањето на Денот на Републиката во центарот на Скопје.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми