Иванов за добрососедство и дијалог со Бугарија
7 септември 2012Претседателот на Македонија Ѓорге Иванов се залага за градење добрососедски односи и низ отворен дијалог со Бугарија да се бараат решенија и да се надминуваат разликите кои влечат од минатото, велат од неговиот кабинет по изјавата на бугарскиот претседател Росен Плевнелиев.
„Претседателот Иванов, од моментот на стапување на својата функција до денес, на сите средби со бугарските официјални претставници опстојувал на овој искажан став во Брисел. Претседателот Иванов цени дека највисок приоритет на кој треба да се фокусираат двете земји се инфраструктурното, енергетското и меѓуграничното поврзување, на продлабочување и унапредување на економската соработка. Во однос на разликите за одредени прашања, Република Македонија опстојува на определбата за градење добрососедски односи и се залага низ отворен дијалог со Бугарија да се бараат решенија и да се надминуваат разликите кои влечат корени од минатото“, велат од кабинетот на Иванов.
Претходно, бугарските медиуми ја пренесоа изјавата на Плевнелиев дека на последната средба со Иванов, бугарскиот претседател побарал од македонскиот колега да се престане со манипулацијата и идеологизирањето на историјата во Македонија.
„Категорично му посочив на македонскиот претседател дека Бугарија никогаш нема да направи компромис со својата историја, ниту пак со историските факти за регионот и тие ќе останат такви какви што се од древни времиња“, изјави вчера Плевнелиев на прославата по повод 127-годишнината од обединувањето на Бугарија.
Разговорот меѓу Иванов и Плевнелиев се одвивал за време на нивната последна средба во Белград. Плевнелиев му посочил на Иванов дека „манипулирањето на историјата, идеологизирањето и менувањето на историските факти не му помогнало никому на Балканот“. Бугарскиот претседател побарал историјата да им се остави на историчарите, а политичарите од двете страни да работат на добрососедство и заеднички да градат патишта, мостови и железнички врски. Таквиот став го споделил и шефот на македонската држава, пренесува бугарската агенција БТА.
Росен Плевнелиев изразил надеж дека „долгогодишните обиди на македонската страна за разединување и манипулирање на историјата ќе останат во минатото“. Оттука, бугарскиот претседател вели дека очекува нов приод од политичарите од двете страни за што очекува и конкретни докази.
„Доколку се искрени изјавите на македонскиот претседател наскоро треба да реализираме една заедничка иницијатива- изградба на споменик на Димитар Талев (познат бугарски писател и новинар родум од Прилеп, н.з.) во Прилеп“, рече Плевнелиев.
Од кабинетот на Иванов,пак, велат дека македонскиот претседател „првпат слуша за таква иницијатива“.