Иванов: За решение е потребна конструктивност од двете страни
29 јули 2014На средбата, како што соопшти МНР, присуствувал и претставникот на Република Македонија во процесот на преговори, Васко Наумовски. Нимиц, како што стои во соопштението, ги споделил своите видувања за ефективен процес и корисност од фокусиран дијалог кон надминување на спорот околу името со јужниот сосед.
Министерот за надворешни работи Никола Попоски уверувал дека Република Македонија прави заложби за решение и оти целосно е посветена на процесот.
„Македонски интерес е да го надминеме единствениот, но тежок и долготраен проблем со нашите грчки партнери“, истакна министерот Попоски, додавајќи: „За да го постигнеме тоа ни треба почитување на правото и политичка волја“. „Посакуваме таков сигнал да се добие и од Атина по посетата на Нимиц“, посочи македонскиот министер за надворешни работи.
За време на посетата, Нимиц беше примен од претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов. Претседателот посочил дека за решение е потребна конструктивност од двете страни.
„До решение за прашањето за името може да се дојде само со конструктивност од двете страни и придржување до рамката во која се водат разговорите - резолуциите на Советот за безбедност, Времената спогодба и на пресудата од Меѓународниот суд на правдата во Хаг“, истакнал Иванов на средбата со Нимиц.
Во тој контекст, Иванов повикал да се почитува меѓународното право и доследност кон меѓународно преземените обврски. Иванов ја реафирмирал државната позиција на Република Македонија и посветеноста за изнаоѓање на заеднички прифатливо решение за разликата околу името.
„Како и досега, и натаму Република Македонија активно, конструктивно и со добра волја ќе учествува во процесот, со цел изнаоѓање на заемно прифатливо решение за разликата околу името“, рекол претседателот Иванов.
Иванов ја истакнал и подготвеноста на македонската страна за средби на највисоко ниво со грчката страна и интензивирање на дијалогот.