1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов и Попоски на Конференцијата за безбедност во Минхен

СН/АТ/макфакс/миа1 февруари 2013

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов и министерот за надворешни работи Никола Попоски од 1. до 3. февруари ќе учествуваат на традиционалната Меѓународна конференција за безбедност во германскиот град Минхен.

Macedonian independent agency MAKFAX for the needs of DW On-Line is granting the MAKFAX Photo Service free of charge. MAKFAX also give You the right to use the photos for Your needs and purposes. Zulieferer: Aleksandra Trajkovska
Фотографија: MAKFAX

На 49. Минхенска безбедносна конференција македoнскиот претседател Иванов ќе има обраќање во рамки на сесијата на тема „Безбедност и стабилност во Југоисточна Европа и Кавказот”, со која ќе претседава Марти Ахтисари, добитник на Нобелова награда за мир и поранешен претседател на Финска.

Иванов, на маргините на Конференцијата ќе оствари билатерални средби со високи функционери од повеќе земји, на кои ќе се потенцираат сите прашања од сферата на безбедноста и уделот на Македонија во меѓународните мисии.

На 49. Конференција во Минхен, учество најавија над 130 шефови на држави и влади и други високи функционери, меѓу кои Генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, Потпретседателот на САД, Џо Бајден, Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Кетрин Ештон, претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо.

Покрај дискусиите за традиционалните теми, како што се трансатлантската и европската безбедносна архитектура и иднината на европската одбрана, теми на дискусија на годинешната Конференција се и иднината на еврозоната и иднината на Европската унија, сајбер безбедноста, справувањето со тековната криза во Мали и во Сирија, како и иранското прашање и баланс на силите во регионот.

Минхенската безбедносна конференција првпат е одржана во 1963 година, а ја иницирал Евалд Фон Клајст. Од 1999 година до денес во конференцијата се вклучуваат се повеќе земји од централна и источна Европа, азиските држави, а учествуваат и претставници од бизнис секторот.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми